Десет години потоа

26.03.2012 10:10
Десет години потоа

„Прибрете ги децата и насочете ја нивната незадржлива енергија кон разумно однесување и позитивни вредности“, беше моќната порака на првиот човек на државата, до родителите и наставниците, а по повод насилствата меѓу младите. И многу друго беше кажано и објаснето околу насилствата, во последниве две недели. Дури и Марш на мирот одржавме, со најголем одзив до сега, меѓу јавните собири организирани од здружениот невладин сектор. Како по грешка да го стиснавме копчето за враќање на филмот од пред десетина години, кога останавме „затечени“. А денес? Сме научиле ли воопшто нешто за цело ова врме во неверојатните десет години што поминаа!

Секоја чест за разбудената свест на луѓето што излегоа во пресрет на можната ескалација на насилствата. Но, не сум сигурна, го препознаа ли тие вистинскиот момент за вклучување, или повторно проработе стравот и лошите сеќавања од минатото? Зошто, како тоа одеднаш да знае човек како треба да учествува, и да очекува да му се чуе гласот, кога никогаш порано немал такви искуства, ниту некој претходно нешто го прашал, ниту го ценел неговото мислење, ни за обични работи, а камо ли за вакви клучни и сложени прашања? Дали е тогаш доволно нашето масовно појавување во името на Мирот, доколку останеме само на тоа и не покажеме дека знаеме и нешто повеќе? А како да покажеме дека знаеме, кога учењето е тесно врзано за учеството, за свесното и мотивирано учество во промените, а повеќето го немаме тоа искуство? Можно ли е тогаш никогаш ништо до сега да не сме научиле, и само да сме се преправале дека нешто учиме, во сите изминати години?

Сепак, во далечната 2002, најкритичната година по конфликтот, нè имаше такви кои учевме и кои научивме многу, и никогаш не престанавме да учиме. Тогаш, кога пред десет години, група од дваесетина професионалци и ентузијасти за првпат влеговме во сите тетовски основни и мултиетнички училишта, со идејата да помогнеме. Неподготвени за она на што ќе наидеме – секое училиште со повеќе од илјада ученици, во три смени, во ужасни просторни и (не)хигиенски услови, со по два колектива наставници, кои меѓусебно не комуницираат, и со ученици во етнички „табори“ кои не смееја ни да се сретнат, а камо ли да проговорат, а секојдневно одеа по истиот пат, до истата училишна зграда, за нешто да научат. И со веќе донесената, заедничка одлука на возрасните, децата да бидат држени што подалеку едно од друго, зошто така за нив било најдобро, и најбезбедно. Во такви услови пристигнавме, а доживеавме да бидеме дочекани како непријатели, со сите можни аргументи против – од тоа од каде доаѓаме, зошто токму сега, кои сме и што се замислуваме, кој не плаќа и слично, за на крајот сепак да успееме да се поврземе и да останеме заедно пет години.

А почна тешко, и одеше бавно. Прво, во секое училиште се формираа кризни тимови од наставници од двата колектива, за намалување на болката од загубите, и за враќање на контролата врз сопствените животи. Почнаа и работилниците со децата, во самите паралелки (еднојазично), а потоа и во мултиетничките тимови на ниво на секое училиште (двојазично). Следеа бројни поврзувања на ниво на градот, прво преку Советот на директори од сите училишта, за потоа и преку повеќе проектни тимови од ученици и наставници, меѓу две и повеќе училишта, и на ниво на градот. Тимовите ги истражуваа состојбите во училиштата, разменуваа мислења и искуства, ги презентираа наодите, нудеа решенија. Истражувањето на учениците за „насилството во училиштата“ беше спроведено и презентирано пред стотици ученици, наставници и родители, во секое училиште, од учениците. Потоа заеднички развиваа идеи како да се справат со разните форми на насилство во својата средина. Возрасните се засрамија, толку беа зачудени кога не можеа да ги препознаат своите деца, во новите улоги.

А децата работеа, продуцираа, и учеа, и се менуваа, и никој веќе не можеше да ги запре. Бараа уште, нови проекти, и предизвици. Изработија тријазичен речник на типични изрази во сопствената комуникација, а понудија и зборник на игри што ги играат момчињата и девојчињата, како решенија на проблемот. Спроведоа и заедничка прослава, со учество на сите класови во училиштето. Организираа посети на семејства, се распрашуваа за обичаите, навиките; посетија цркви и џамии. Оние кои можеа и сакаа да учествуваат ги раскажуваа своите искуства на другите, помалку храбрите, кои останаа во улогата на набљудувачи. Ама учеа сите, секој на свој начин.

А надвор, во соседството, продолжија насилствата. Загина момчето на кошаркарското игралиште, а други беа ранети, во безумниот одговор на убиството на „другата страна“. Родителите ги водеа и дочекуваа своите деца од училиштата, протестираа и бараа посебни училишни згради, се иселуваа од своите живеалишта во другите, побезбедни делови на градот, или сосема го напуштаа Тетово. Програмата забавуваше, правеше чекори назад и повторно продолжуваше, но никогаш не застана. И никогаш не престана да има следбеници, и сè поголем број поддржувачи, од двете страни.

Дојде и првата, и втората мултиетничка летна школа во Тетово, со учество на наставници и ученици од сите училишта. Двонеделната програма со двојазични работилници и сесии беше проследена со завршна приредба на која посакаа да присуствуваат и родителите од сите етнички заедници. Не им пречеше да седат еден до друг, и да појдат дури на другиот крај од градот, за да ги видат своите деца на сцената. А децата таму ги одигруваа обичаите на албанската и македонската свадба, оние што им ги беа раскажале возрасните, за токму ним да им покажат како обичаите почнуваат да наликуваат едни на други, и како вековното заедничко живеење на истите простори ги топи разликите, за сметка на културните особености на групите.

Но, тоа не беше сè. Третата година, училиштата од Тетово се поврзаа со пет нови училишта, од Куманово, Кавадарци, Кочани, Битола и Скопје. Во далечната 2004 г., со новата информатичка технологија, во првите компјутерски училници, училиштата од различни градови започнаа заеднички проекти, во своите средини. Секое училиште направи свој блог, кога никој и не знаеше што е тоа. Се постираа информации, фотографии и резултати од проектите. Почна размената на идеи. Учениците бргу ги покажаа своите вештини, и колку се добри во примената на новите технологии. Наставниците заостануваа и бараа помош. Се сменија улогите, и децата станаа нивни учители. И тоа беше возможно. Се практикуваше еднаквоста, поврзувањето, дијалогот и почитувањето на сите можни начини. Почнаа и посети меѓу збратимените училишта. За првпат деца од Тетово отидоа во Кавадарци, Кочани, Битола, Скопје. За првпат ја видоа Македонија, и за првпат родителите-Албанци дадоа писмена согласност за патувањата, без ниту еден исклучок. За првпат децата од Кавадарци ги поканија на гроздобер и им приредија забава на тетовските деца, за на крајот да скандираат „сакаме во Тетово“. А потоа сите овие школи се поврзаа на дводневна он-лајн конференција со деца од Данска и Аргентина. Сето тоа беше учење и многу различни форми на учење.

Ваквите искуства на учество и „де факто“ ги менуваа сликите. Тие се менуваа во ôд, се создаваа и прилагодуваа на потребите на моментот, и на луѓето од тој момент. Никој не протестираше заради тоа, никој не се почувстува загрозен, затоа што тие што учествуваа и чувствуваа, дека се прифатени, безбедни и конечно таму каде што припаѓаат, и каде што сакаат да бидат. А ги имаше различни, оние кои бргу се изјаснуваа и вклучуваа, и оние кои остануваа по страна, неодлучни и сомничави, а имаше и такви кои се предомислуваа. Но, секој имаше право на сопствената точка на вклучување, зошто процесот траеше доволно долго и беше доволно отворен да ги прими сите. Беше тоа учење КАКО да се учествува во сопствениот живот, и во животот на заедницата, со постојано поместување на границите, сопствените, и на реалноста. Беше тоа неизбришливо доживување да се биде слушнат, почитуван и значаен, и да се учествува наместо да се остане сам, изолиран и уплашен.

За таквото искуство на учество зборувам кога мислам на процесите на промени. Кога мислам на еднаквоста во улогите, на рамноправноста во дијалогот, на земањето предвид на контекстите во менување. А мислам и на личните истории и доживувања, и на големите разлики во погледите и толкувањата на состојбите, важни за разбирањето и почитувањето на другиот. И на истата болка, што луѓето ја делат кога не се разбираат. И на несебичното вложување. Зошто само така можеше да се опстане во тие времиња, и да се остане заедно – секој да биде важен и сечија приказна веродостојна, без преиспитување и вреднувања, колку и тие да беа различни, или спротивставени. Само така можеше заеднички да се учествува во градењето на новото и во процесите на учење.

А кога веќе така ќе ги поставите работите, и кога ќе почнете така и да ги практикувате, и кога тие важат за сите подеднакво, и кога тоа ќе потрае доволно долго за луѓето, децата и возрасните да почнат да се ослободуваат од наметнатите „товари“, и да поверуваат во невозможното, тогаш секој си доаѓа на своето.

Тоа беа принципите на програмата што влезе во седумте тетовски мултиетнички училишта, една година по конфликтот. Чекор по чекор цели пет години, ја градевме и практикувавме довербата, во сите насоки, секој кон секого, но и во идеите и можностите за промени, за сето тоа да може да заличи на вистински и привлечен Модел за поврзување и заедништво. А знам дека и многу други, добри и професионално водени проекти со стотици наставници и илјадници ученици ги имаа сличните искуства, во годините по конфликтот. Тоа е нашата несоборлива евиденција, и ништо не може да биде појако и да го уништи тоа лично и заедничко искуство на учење и учество во промените.

Каде е тогаш, сето тоа денес, би било првото логично прашање? Зошто секогаш одново се враќаме на истите, неуспешни сценарија, како никогаш ништо да не сме научиле? Единственото место на кое овие прашања треба и мораат да се адресираат е врвот на Државата и Премиерот. Тој, заедно со целата своја свита, треба да седне, добро да ги проучи и да одговори на нив, наместо што држи евтини придики за „распуштените“ и насилни млади... А би можел да започне со она што никогаш ниту една Влада до сега не успеала, а тоа е да ПОЧНЕ ДА УЧИ, и да научи – КАКО младите и нивната добросостојба да се сместат меѓу највисоките државни интереси; КАКО се градат политики засновани на евиденција и права; КАКО се учи од добрите практики, наспроти личните желби и аспирации; КАКО се вложува во образованието, со респект и доверба; КАКО се креираат простори за учество на младите; КАКО се стимулира развојот на една заедница, без поделби, закани и казни? Ние сето ова успеавме да го научиме за пет години, сосема сами. Со малку помош, тоа може да се научи и многу побргу. Треба само добра волја, малку памет, искреност и засукување на ракавите. Не е лесно, но немаме друга алтернатива.

Извор: globusmagazin.com.mk

Скулптури: LITTLEWHITEHEAD

ОкоБоли главаВицФото