Пролет над бандерата (2)

26.03.2012 13:08
Пролет над бандерата (2)

Почнете без мене

Слободно почнете без мене.
Јас ќе бидам тука некаде
иако нема да бидам присутен.
Имам бескрајна доверба во вас.
Правете се дека сум насекаде
и едноставно започнете.
Поделете ги поканите,
оптегнете ги плакатите,
викнете ги новинарите
од сите станици и редакции
и обезбедете им го ветеното
пиење до покакување.
Причекајте да се стемни
и вклучете ги рефлекторите.
Пуштете тивка музика
и дувнете (во микрофонот).
Проверете го актерот дали
ја прочитал лектирата
и пофалете го, задолжително.
Обезбедете гратис книги
и потпишувајте си ги меѓусебно.
Повикајте и неколку живи поети,
можеби и доктор, поп и полицаец.
Во 7 и 30 кренете ја завесата
и ширум отворете ја вратата.
Проверете го воведувачот на зборот
дали знае да чита, дајте му шише
и непрестано повторувајте му го
зборот (да не го заборави).
Не започнувајте точно навреме!
Причекајте да се наполни салата
и затворете ја вратата!
Фрлете им солзавец
и започнете со претставата!

 

Луѓето кои постојано лелекаат

Луѓето кои постојано лелекаат
се досадни и ги избегнуваш
како што знаеш и умееш.

Но тешко се избегнуваат луѓето
кои постојано лелекаат
(особено во ова време за лелекање).

Некогаш тебе ти е од лошо полошо
и сакаш друштво, безгрижно и весело,
луѓе кои не оптоваруваат кога пропаѓаат.

Но лелекачите демнат зад секој агол,
како маѓионичари излегуваат од клозетска
шолја, кога попусто му се радуваш на празниот шанк.

Ене го, на единствената маса под сенка!
Па сега, змија да те апне или магаре да ти го бапне?
(Подобро сонце во тил, отколку во сенка со дебил).

Луѓето кои постојано лелекаат
можат понекогаш и искрено да те насмеат,
но налет на такво смеење пред плачење.

Неволјата, беспарицата се трагични,
и доблест е да умееш да ги премолчиш,
слава за сите кои се обидуваат да бидат безгрижни.

Тешко се избегнуваат луѓето кои лелекаат.
Но ако ги надвикаш, ако залелекаш погласно од сите,
ќе избегаат и во иднина панично ќе те избегнуваат.


Рамнодушност

Се појави неосетно
како наслага на годините,
како подарок подбрадок
или како заслужен стомак,
болеста наречена рамнодушност.

Кон сè што некогаш значело нешто.
Од предизвик до радост, па гадост.
Од учење и потрага до заталканост,
па преку спознавање и искусување,
до неумислено непаметење.

Сега опуштеност, па затапеност.
Некоја исцелителна летаргија.
Без очекувања и надевања,
без никакви изненадувања,
без самозалажувања.

Со исконски стремеж за дремеж,
во сенките на дрвјата разлистени.
како отворени книги на ветер.

 

Заборавен пешкир

Четворица го носеа сандакот.
Беше тежок но во ваква пригода
не важи изговорот: дискусхернија.
Секој од нив на слободното рамо имаше
префрлено пешкир
(онака како што го носи мамурен кампер
кага сабајечки оди на миење).
Попот замина прв, па еден по еден, гробот
го напуштија и другите натажени.
Еден од почестените носачи немаше превоз
па ме замоли да го префрлам до дома.
Попат (ние четворица) посетивме една кафеана
да мавнеме по една бог-да-го-прости ракиичка.
Што испивме, што истуривме, ама се здрвивме.
Утредента, возејќи кон работа, забележав на
задното седиште еден бледо-розе пешкир.
Не ми требаше многу да укапирам дека
носачот го заборавил нараменикот.
Но што со него – прашањето е сега.
Да го фрлам, не оди.
Да го барам за да му го вратам –
ќе поминат години.
Да го качам дома и да го ставам крај лавабо –
нема шанси
Да го консултирам синот на починатиот
ќе ми каже со него да си го избришам...
(го знам, таков е).
Па си велам: чекај, јас го носев носачот.
Можеби е подобро што го заборавил
кај мене отколку во онаа кафеана.
И еве, сè уште го возам во преградата од
задната лева врата.
Од кај да знам, може ќе ми се најде
кога најмалку ќе му се надевам.


Тоалет

Моето заминување нека биде
без аминување.
Лето, сончев ден, точно на пладне,
со пријатно западно ветре од исток.
Од кревет, директно во заткревет.
Пред аутопсијата предвреме да ми
го обезобрази телото.
Гласот на попот нека се слуша од некој
друг гроб,
тажаленките нека им бидат упатени на
сомртовците што ги заслужиле.
Би ја ескивирал и капелата – тоа
ритуално кружење околу леглото,
редење цвеќиња ко на тераса на пролет,
сочувствување – со солзи или на суво;
полупознаници, гушкања, црнина... Неее!
Happy погреб сакам, hippie испраќање.
A whiter shade of pale да ја пее некој
деведесетгодишник – со електрична гитара,
се разбира.
Пристоен, пристокмен (не мора да е мермерен)
шанк десно од дупката – но само откако ќе
одгалопираат лопатарите.
Без препишани фалби и говор на морон пред
микрофон – со пролупан разглас и фонија.
И моите стари пајташи потпрени со лактите,
да се збичат здраво и да заборават каде се;
и збогувалката да прерасне во журка, дофајронтна.
А оние што ќе ги исфорсираат бешиките
ќе можат да си се олеснат – тука,
во новиот недосреден тоалет,
веднаш зад шанкот.

 

Инспирација

Некогаш доаѓа од далеку,
од пичке си мајчине.

Некогаш е ронка под маса
а ти ни масата не ја гледаш.

Некогаш е во твојот џеб,
во кој ни дланката не ти ја збира.

Некогаш е зад облак, во недоглед,
блиска, зашто не ни знаеш што е.

Некогаш се плази ко разгалено дете а
некогаш е селективна и навива за тебе.

Чудно чудаче – те тера да се запрашаш:
од неа ли е? До тебе ли е – или пак грешиш?

Зашто, мора да има објаснување за ова бдеење.
А дека не си генијалец, дека си послан со гомна,

знае и твојата сосетка, сопругата, децата –
ма секој што те запознал те проѕрел.

Како и да е, секогаш некако доаѓа од тебе,
и твоите лаења некако завршуваат во песна,

која (кога не е огледало на душата) знае
да биде долг и истраен поглед во смртта.


(продолжува)

Јовица Ивановски (1961, Скопје) до сега има објавено девет збирки поезија: Зошто мене таков џигер (1995), Градот е полн со тебе (1997),Чуден некој сончев ден (1999), Три напред, три назад (2004), Двоен албум (Во сенката на билбордот и Сладолед во недоглед, 2005), Стремеж за дремеж (2007), Ветер и магла (2009) и Со сламка во уста (2011). Негова поезија е објавувана во периодиката и во две антологии на македонската поезија (во Белгија и Австралија).

Избори од поезијата: Open the Window and Let the City Breath a Little (на англиски, 2002) и Избрани песни (на македонски и англиски, 2002), Деновиве ако не и утре (на македонски и англиски, 2009).

Линк до првиот дел: Пролет над бандерата (1)

Линк до третиот дел: Пролет над бандерата (3)

Слики: Daniel Jesse Lewis

“Почнете без мене“ ми се

“Почнете без мене“ ми се свиѓа, само многу штуро е напишано. Темата е за едно “ај, бравос“

Обџекшн! :) Молам во

Обџекшн! :) Молам во биографијата на авторот да се додаде збирката „Со сламка во уста“ (2011), иако е прилично бледа во однос на стариот шизички материјал на Јовица.
Инаку, лајк за изборов на песни.

Фала за забелешката! Ја

Фала за забелешката! Ја ставивме и последната збирка во библиографијата!

ОкоБоли главаВицФото