Кина не се грижи за приватизацијата

27.03.2012 09:24
Кина не се грижи за приватизацијата

Најголемо чудо – кога станува збор за кинеското економско чудо - е тоа дека бројните аналитичари во светот сè до неодамна воопшто не го споменуваа удделот кој во тоа го имаше приватизацијата. Се разбира, тоа не значи дека Кинезите, во склад со својот силен економски успех, ја решиле таа равенка, односно, дека го постигнале она што не ѝ упеа на ниедна друга транзициска земја и дека нашле некој чудотворен модел со кој ги избегнаа двете најстрашни последици до приватизацијата: масовното уништување на највредните претпријатија и големата невработеност која ја предизвика истото.

Сите други последици од транзицијата постојат во Кина, како и во сите други слични земји, од корупција и беззаконие до огромни социјални разлики. Но, ништо од тоа не ѝ се припишува на приватизацијата, а ниеден од илјадниците кинески милијардери не се обвинува за приватизациски грабеж. Дали тие, без разлика на безобѕирноста и алчноста која ја покажаа, само во приватизацијата се однесуваа како светци?

Бојата на мачката

Не! Приватизациски грабеж немаше во Кина од едноставна причина што таму немаше ни приватизација. Поточно, вратите се ширум отворени за приватните иницијативи и приватната сопственост, но постоечките претпријатија останаа државни. Имено, Кинезите добро сфатија дека во капиталистичката економија пресудна улога има пазарот, а не обликот на сопственост. Односно, дека секоја компанија е добра ако добро работи на пазарот, без разлика кој е нејзиниот вистински сопственик. Творецот на кинеската транзиција Денг Ксиаопинг изјави дека не е битно каква (сопственичка) боја има мачката, ако (во пазарната конкуренција) ги лови глувците.

Дури неодамна изостанокот на приватизација во Кина стана хит меѓу западните аналитичари. Притоа се покажува дека сите се крвави под кожата, па и дека современиот неолиберализам воопшто не е либерален кога ќе почувствува дека неговата кожа е под знак прашање. Како што во социјализмот (советскиот, но и нашиот, „самоуправниот“) приватната сопственост беше нешто што едноставно не смееше да се дозволи, така и за неолибералистите сите облици на сопственост, освен приватната, спаѓаат во ѓаволска работа. Според нив, капитализмот дозволува само еден облик на сопственост. Односно, сè што не е приватно е еден вид измама. Па така, и Кинезите облекоа капиталистичко руво, но самите не се променија. Кај нив и понатаму владејат партијата и државата, па и нивната наводна транзиција претставува само државен капитализам. А штом е така, тој мора да е осуден на пропаст. Всушност, таа пропаст веќе започна, што се докажува со прогнозата дека овогодинешниот кинески раст ќе се намали од над 10% (колку што изнесува над дваесет години по ред) на само 7,5%. Зарем толкавиот раст веќе одамна не е недостижен сон на сите земји кои се сметаат за бастиони а неолиберализмот? И зошто токму од тие земји почна да се шири кризата која го дрма најголемиот дел од светот? Идеолошки заслепените неолиберални теоретичари не сакаат ни да разговараат за тоа. За нив сето тоа се само привремени и минливи тешкотии. А долгорочно, сето она што не е приватно, води во пеколот.

Стара синтагма, нова содржина

Интересно е тоа дека синтагмата „државен капитализам“, со која ја дефинираа кинеската пракса, е извадена од нафталин. Во половината на минатиот век, за време на судирот меѓу Тито и Сталин, односно југословенската партија со советската (и нејзините сателити), југословенските теоретичари со истите тие зборови ја оценуваа состојбата во СССР. И тогаш, како и сега, се работеше за многу тешко обвинение, при што постои и забавна разлика. Сега таа означува скршнување од патот кој води во капитализам. Пред половина век, тоа беше обвинение за предавство на социјалистичките идеали.

Тогашниот критериум беше т.н. наемен однос. Југославија почна да развива самоуправување во кое работниците (поточно, сите кои живеат од својот труд) требаше да ги заменат капиталистите. Значи, тие повеќе нема да бидат наемни работници кај некој сопственик. Меѓутоа, во СССР капиталистите ги замени државата, па работниците и понатаму беа во наемен однос. Додека во СССР зборот „држава“ се изговараше со стравопочит, во Југославија се сметаше дека таа треба постепено да одумре и оти треба да ја заменат разни облици на самоуправа. Но, на крајот, тој процес го запре домашната, а не советската политичка бирократија, па денес се смета за утопија. Се разбира, ако дефиницијата на утопија е дека таа е сето она што не се остварило, со што, меѓу другото, не би се согласил познатиот филозоф Херберт Маркузе.

Теоретичарите на неолиберализмот ја извлекоа старата синтагма од стариот плакар и ѝ дадоа нова, сосем спротивна содржина. Порано таа се користеше во борбата против наемниот однос, додека денес истиот тој се подразбира. Сега непријатели се сите оние кои не верувата дека среќата се наоѓа само во приватната сопственост.

Сепак, постои само една вистинска причина поради која токму Кина се најде на удар на обвиненијата. Тоа е нејзиниот економски успех, кој спротивната страна тешко го поднесува. Во изминатиов четвртина век целиот светски финансиски систем – од Вашингтонскиот договор до ММФ, Светската банка, па и ЕУ - е прилагоден кон интересите на крупниот капитал. На транзициските земји успешно им е наметнат моделот на целосна приватизација, кој не се ограничува само на стопанството. Приватно мора да стане сето она на кое може да се заработи, од пензискиот систем до затворите. А потоа Кинезите го доведоа во прашање сето тоа, што стана посебно болно во мигот кога т.н. западен свет почна да тоне во рецесија. Затоа требаше набрзина да најдат уверливо објаснување, според кое сето тоа е само привремено. Кинезите воведоа државен, а не вистински капитализам, што значи дека наскоро ќе пропаднат. Всушност, тие веќе пропаѓаат, бидејќи растот им изнесува „само 7,5%“. Наспроти тоа, оние кои се придржуваат до препораките дека сè треба да се приватизира, мораат да се задолжат до гуша. Тоа им е запишано во ѕвездите и неолибералните догми.

Европски примери

Притоа, се разбира, не се поставува прашањето зошто она што важи за Кина, не важи и за Европа? Имено, на Стариот континент веќе одамна се натпреваруваат неколку облици на сопственост, на кои пазарот им е единствен судија. За волја на вистината, и во Европа под неолибералниот притисок многу нешта се менуваат, но во Фрација, на пример, Peugeot-Citroen е приватна компанија, додека Renault и понатаму остаува државна. Државна е и најголемата европска авиокомпанија – Air France, како и значителен дел од банкарството. Ѝ се заканува ли крах на француската економија поради тоа? Deutsche Telekom е во сопственост на германската држава, исто како и Volkswagen и многу банки. Германската влада неодамна со голема финансиска инјекција го извлече Opel од неволја, со ултиматумот на канцеларката Ангела Меркел дека не смее да ги затвори фабриките во Германија. Затоа, на пример, Opel повеќе не се произведува во Белгија. Но, зарем тоа не е истата економија и истата држава, односно Европската унија? На хартија – да. Во реалноста – малку потешко. Чиј е Opel и кој управува со него? Одговорот е: Германија.

Во Италија, според некои податоци, околу 30% од економијата се наоѓаат во задружна сопственост. На пример, една компанија од Болоња, чиј најважен производ се керамичките плочки, е во сопственост на вработените. Станува збор за посебно акционерство и за акции со кои не се тргува дури ни внатре во компанијата. По одредено време поминато во компанијата, вработените ги добиваат бесплатно, секој по една, и тие им даваат право да учествуваат во поделбата на добивката, во управувањето и изборот на директор. Кога заминуваат во пензија или ја напуштаат компанијата, таа од нив ја откупува нивната акција (што претставува еден вид отпремнина) и ја доделува на друг вработен.

Денес едвај да има смисла да се размислува што би се случило кога и кај нас би се применил кинескиот модел. Тогашната неолиберална плима нè понесе во друга насока, за конечно да нè исфрли во плитките и валкани води, и мизеријата.

Извор: novossti.com

Илустрации: Мајкл Хакер

kina e pametna i stara

kina e pametna i stara civilizacija.go znae chovekot kolku e lakom i do koja mera zloben i zatoa popametno da e drzhavno i organizirano stopanstvo ,kapitalizmot e grabalizam i skokanje nakonji za pogolem profit i ne e vazhno koj ke bide unishten i opostushen i toa se so primamliva propaganda,plitkite i glupite isochno evropski drzhavi go prifatija i sega se argati na svojot imot-mizerna intelegencija imale.

ОкоБоли главаВицФото