1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 06:59
Англискиот писател Џулијан Барнс вели: „Кога ќе ме прашаат За Што Станува Збор Во Романот, често одговарам: За убавите, згодни лаги кои содржат горчливи, тешки вистини“.
Македонската влада три години игра сосема обратна разуздано пропагандистичка игра: зад нејзините „горчливи тешки вистини“ (за идентитетот, древноста, нацијата, големата идеја на Македонија итн.) се кријат „убави и згодни лаги“. Дел од тие лаги не се баш убави, туку се евтини дневнополитички финти за манипулирање со толпата. Но, дел од тие лаги за маѓепсување на граѓаните имаат мошне снажен деструктивен потенцијал, пред сè кон внатре (делејќи го народот по сите можни линии), ама делумно и кон надвор, во хронично, со нарцизмите на малите разлики, раздразнетиот балкански регион.
Владата ладно ги игнорира многубројните укажувања изминативе три години (а особено нагласено последнава година, по катастрофалниот пораз во Букурешт); со оглед на тоа дека се погрешни главните идеолошки начела од каде што произлегуваат сите политики на македонската власт, тоа резултира со несогледлив хаос и на сите микро политички подрачја: од образованието до урбанизмот. Речиси сè е контаминирано (а таа контаминација расте и се шири и надвор од круговите на власта) со нереалната слика за себе, со просто политички-психотичните огледалски игри во кои упаѓа целата нација како Алиса во земјата на чудата.
Само што, за несреќа, главните илузионисти на македонското лудило повеќе наликуваат на „таксистот“ Тревис Бикл отколку на Алиса. Градејќи чудесновишни споменици, индоктринирајќи го бедниот народ со мегаломански идеи за идентитетот, поистоветувајќи се – така мали и ништожни дури и во регионалното опкружување – со империи и императори збришани пред илјадници години, актуелните идеолози-илузионисти наликуваат на Тревис Бикл во сцената кога тој пред огледало вежба повлекување на револверот. Славниот филмски „таксист“ во изведба на Роберт де Ниро во најпознатата сцена на филмот агресивно-снисходливо му се обраќа на сопствениот одраз: „Мене ми зборуваш?“ Оваа суицидална димензија повторно се јавува на крајот на сцената на масакрот кога Тревис, тешко ранет и потпрен на ѕид, со показалецот на десната рака покажува кон пушката насочена спрема неговата окрвавена глава и потсмевајќи се го повлекува чкрапалото, како да вели: „вистинската мета на мојот гнев сум самиот јас“.
Славој Жижек смета дека парадоксот на Тревис се состои во тоа што тој самиот себеси се доживува како дел од изопачената валканост на градскиот живот, која тој сака да ја „исчисти“, да ја искорени на начин што (како што вели Брехт во делото Одлука по повод револуционерното насилство) самиот ќе биде онаа последна дамка по чиешто отстранување собата ќе биде чиста.
Постојат и помалку тревожни анегдоти со „пукање и пеење“ (со пиштоли и огледала). Во култното париско бистро „Closerie de Lilas“, Алфред Жари (творецот на исто толку култниот „Крал Иби“), седнувајќи покрај една дама, одеднаш го извадил револверот и пукал во огледалото: „Сега кога огледалото е скршено, верувам дека можеме да поразговараме“, рекол Жари. (Редовни гости на бистрото биле Готје, Зола, браќата Гонкур, Маларме, Верлен, Рембо, Аполинер, Пикасо, Хемингвеј, Хенри Милер... Според легендата, таму Ленин играл шах со Пол Форт, а на една од тие кафеански маси, летото 1914 година, во еуфоријата со која се дочекувал почетокот на Првата светска војна, младиот Мишел Лерис извикал „Vive l’Alemagne!“, со што предизвикал помали нереди и расправии.)
Можеби, значи, сè уште се клацкаме меѓу мајтапот и трагедијата. Можеби само, евтино маркетиншки, му се додворуваме на народот пукајќи во огледалата (или шашардисувајќи го со нивното умножување, како во лунапарковските соби со изобличувачки огледала), а можеби работава навистина забегува во едно тешко согледливо историско лудило од каде што мошне тешко и мошне бавно ќе се излегува. Допрва, значи, ќе откриваме дали предизвикувачите на националното лудило се измамнички шапшали или опасни идеалистички лудаци од типот на Тревис Бикл.
Се чини дека наци-расистичката политика на Грција е најважната причина за истото такво ирационално однесување на македонските власти, нагласено (авто)деструктивно по фијаското во Букурешт. Како со упропастувањето на сопствениот народ Груевски да ѝ се одмаздува на примитивната балканска политика на јужниот сосед. Но, и тие оправдувања и согледби имаат сè помало значење, како што врви времето и како што безизлезноста станува сè поголема.
Ако пак свртиме на мајтап, можеме да заклучиме дека двете влади, грчката и македонската, се обидуваат сопствениот спор да го решат развивајќи го специјалното смртоносно оружје што првпат го видовме во еден од филмовите на Монти Пајтон: killing joke. Смртоносниот виц го смислија посебните британски служби во Втората светска војна, со цел масовно уништување на германската жива сила. Еве како се употребува смртоносниот виц: британскиот војник нa фронтот, од безбеден заклон, колку што може погласно, го декламира вицот, којшто, па, за него е безбеден, оти не разбира германски. Разорната сила на урнебесната шега (der britische zenze of humour) кај крутите тевтонски непријатели ќе предизвика помор.
Извикувајќи ги, сè пострасно и сè погласно, своите хипермакедонски историски убедувања, и македонските и грчките власти како да се решиле за истата воена тактика за истоштување и шашардисување: смртоносниот виц.
Колажи: Свирачиња
Извор: Утрински весник, 22.06.09.
Да, би било добро да ако
Испратено на 30 март 2012 од meglenaДа, би било добро да ако можеш да препорачаш некои автори кои се занимаваат со оваа тема.
Од македонски автори може да
Испратено на 31 март 2012 од ВселенецОд македонски автори може да го земеш предговорот на Витомир Митевски во преводот на Избор од Аристотеловите дела. Краток е, ама ја доловува суштината на поетната. Конески исто така на многу места се занимава со тоа прашање. Институтот за македонски јазик Крсте Мисирков има издадено поприлично книги на тоа прашање, на пример две што ги имам дома се Закон судњи људем од Красимира Илиевска каде се разгледува старословенското право и неговата терминологија. За огромното влијание на грчкиот, можеш да погледнеш еден речник на Мито Аргировски - грцизмите во македонскиот јазик. Понатаму, од странски автори, Седакова е еден од признатите авторитети во Русија по ова прашање, генерално има многу руски автори што се занимаваат со темата, дел од тоа може и на англиски да се најде.
Мислам дека баш заради тоа
Испратено на 30 март 2012 од PsihogerilaМислам дека баш заради тоа христијанството и отишло јабана. Изгубено во преводот.