1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 06:59
Шпанското списание „Cambio 16“, чиј стоти додаток за култура само што излезе, дојде на идеја да нарача по еден текст за меморијата од повеќе писатели. Темата на додатокот беше сеќавање, а од писателите се бара да се присетат на нешто или, пак, самите да напишат нешто во врска со сеќавањето.
Секако дека писателите немаат подобра меморија од остатокот од светот: како и кај многу други, нивната меморија може да е лажлива, нецелосна, променлива. Но, тоа не е важно. Важно е дека тие произведуваат меморија. Книжевноста е, пред сè, меморија, долга меморија на сите нас.
Верувам дека на човекот никогаш не му била толку потребна долга меморија како што му треба во овој дел од милениумот, кога технолошките медиуми и телевизијата ја наметнуваат истата: една кратка меморија, за сите иста, во која денешното паметење просто се брише како вчерашното, кога на некој геноцид во некој дел од светот му се посветуваат едвај неколку секунди, за една секунда пред или по неколкуте секунди посветатени на некоја голема автомобилска несреќа на некој друг крај од светот.
Има многу чудовишта околу нас. Нашиот свет е населен со чудовишта, големи, страшни, заканувачки, жални, смртоносни, истребувачки. Првото место на тој попис го зазема Големото чудовиште, Бомба, со кои сите „мораме“ да живееме. Потоа доаѓаат останатите чудовишта: глад, беда, фанатизам, експлоатација. А со нив сите чудни чудовишни творби кои најчесто ги придружуваат чудовиштата: тирани, диктатори, разбојници.
И повторно ни се чини дека луѓето не се способни да ги видат сите тие чудовишта. Ги гледаат, но не можат да ги видат. Брзината и истовременоста на информациите се доволни за на тие чудовишта да им ги одземат крвта и месото, сè останува на еден ист план: во еден непосреден план кој се голта како fast-food, во план на кој силата на навиките прави сè да е безначајно, каде што се поништуваат дистанците и исчезнуваат разликите.
Нештата, значењето на нештата, како и она реалното, или значење на тоа реално ја заменуваат сликата на нештата и сликата на реалното; слика која претвора сè што е реално во нешто имагинарно, слика која создава имагинарни работи и така од нас оддалечува за да нè онеспособи да искажеме некаков вредносен суд.
Против оваа кратка меморија, трагам по книжевноста како долга меморија, бидејќи книжевноста не е тек на слики кои создаваат нешта, туку работи доживеани од длабочината на нив самите, таа е реалност доживеана од длабочината на самата реалност: книженоста е вистинска реалност бидејќи содржи суд, чувства и страст, тоа е реалност со смисла. А малку е важно дека таа реалност е доживеана во фантазијата, во праксата или во душата: она што писателот го напишал е она што го доживеал во себе во одреден момент и на одредено место на оваа земја. Тоа е меморија на тој момент, една трпелива и неуморна меморија, бидејќи книжевноста е трпелива и неуморна.
Во човековата историја исто така е сосема возможно да се фалсификува историјата. Таа историја која се гради со теории и апстракции и која се нуди на сè некои нови и понови толкувања во последен момент. Но, на тие жолчни историчари во последен момент кои сакаат да нè натераат да поверуваме дека нацизмот бил сам еден нормален момент на човековата суровост, па дури и во споредба со други сурови моменти ни малку полоши од нив, им одговарам со меморијата која ми ја оставија книгите на Примо Леви. И одговарам дека со ужас и презир отфрлам дека насилството кон човекот може да се одмерува со други насилства. Насилството од кое може да настрада еден човек, само еден, апсолутно е и не може да се спореди со ништо; тоа насилство им се спротивставува на релативизмот и релативното, толкувањето и прошката. Нека толкуваат научниците, а нека простуваат папите. Тоа е нивен проблем, но не и проблем на книжевноста. Таа запишува, зборува, ги оживува случувањата. А тоа не може да се фалсификува.
Истото што се случува со историјата, може да се случи и со документите со кои луѓето обично создаваат историја, значи, може да бидат фалсификувани. Колку ли само личности, во последниов половина век, исчезнаа од фотографиите! Има една фотографија на диктаторот на мојата земја, тажна личност која однела во смрт многу луѓе и донесе уништување во Италија и Европа, која го прикажува како стои на еден блескав пиедестал на кој може да се прочитаат зборовите Dux. Само што изворната фотографија го прикажува во друштво со неколку исти такви убијци каков што бил и самиот, а кокн кои историјата не била така благонаклонета. Има еден неверојатен роман на Милан Кундера кој почнува со фалсификувана фотографија. Видена однатре, лесно е да се фалсификува реалноста. Но, книжевноста не може да се фалсификува. Книжевноста единствено може да се забрани.
Токму затоа денес трагам по книжевност како облик на етика која ги преминува границите на посебни етики – државни или верски – кои се наметнати од страна на политичките режими, религиите и нормите на однесување. И во епохата на науки како што се физиката и хемијата, кои ги осветлуваат и замрачуваат животот и смртта на нашата планета, и кои не успеваат да развијат една етика на должноста, деонтологија, во таа наша епоха, кон каква етика ќе се приклучиме ако не на меморијата која ни ја нуди книжевноста? Една меморија за она што бевме и она што сега го проживуваме и она што сега сме. После сè, свесен сум дека таа меморија не е способна да ја промени сегашноста која не е сосем славна, но е долготрајна, тврдоглава и едноставно жари и пали. Еден поет кој пишувал на мојот јазик рекол дека во ова време на темнината, задоволни сме што таа ја пренесува светлината на едно запалено чкорче. Ликовите на моите книги се можеби несигурни и дезиорентирани луѓе, не бараат големи одговори, не нудат решенија, но се задоволуваат со мала светлина, да бидат тоа што се, да го мислат тоа што го мислат, да живеат овде и сега, во ова време кое нам ни се падна за живеење.
И додека папата и Пиноче исчезнуваат во едниот агол на телевизорот за да ѝ го отстапат местото на големата автомобилска награда, јас ја палам својата мала ламба и отворам книга на еден чилеански писател. А таму, чудовиштата добиваат крв и месо, и нивната чудовишност сјае со една силна светлост.
Извор: pescanik.net