Другари, помагајте!

28.03.2012 08:41
Другари, помагајте!

Таа мала и зафрлена деловна зграда на периферијата на бриселската Европска четврт не изгледа посебно импресивно. Овде, на улицата Rue du Trone 98 се наоѓа централата на Партијата на европските социјалисти (ПЕС); на третиот кат се наоѓа местото каде што за време на европските самити се среќаваат моќните претставници на левицата.

Моќни преставници на левицата? Денес такви има многу малку.

Социјалистите и социјалдемократите имаат премиери во 3 од 27 земји-членки на ЕУ. Наскоро ќе им придружи и словачкиот премиер Роберт Фицо, но тоа нема значајно да го промени односот на силите. И Фицо, и останатите социјалдемократски премиери доаѓаат од мали земји: австрискиот премиер Вернер Фајман, Белгијанецот Елио ди Рупо и Данката Хеле Торниг Шмит заедно претставуваат помалку од 25 милиони жители. Премалку за позначајно да се влијае на политиката внатре во ЕУ.

Конзервативците доминираат во европската политика, пред сè Никола Саркози и Ангела Меркел. Историска случајност, но случајност со последици. Беа на власт кога пред две години изби кризата и најмногу влијаеја на тоа како ЕУ ќе реагира. „Тоа не е едноставна ситуација за левицата“, признава претседателот на ПЕС, поранешниот премиер на Бугарија, Сергеј Станишев: „Во овој момент во европскиот совет, европската комисија и европскиот парламент превладува конзервативна струја. Тешко дека сега можеме да направиме нешто.“

Меѓутоа, Станишев е убеден дека тоа набрзо ќе се промени. Најдоцна до 6 мај, кога се одржува вториот круг од претседателските избори во Франција. Многумина во Европа ги насочија погледите кон Париз: промената на власта таму, што според анкетите се чини веројатна, ќе биде нешто повеќе од избор на нов претседател. Тоа би била одлука која би означила крај на хегемонијата на конзервативците во Европа и која би им дала шанси на социјалдемократите конечно да формулираат алтернатива за политиката на двојката Меркози... Пет социјалдемократски шефови на држави не е многу, но францускиот претседател сепак има тежина во Европа.

Во раскошниот париски Cirque d’Hiver оваа сабота ќе се состанат социјалдемократите од цела Европа за да го поддржат Франсоа Олан. Собирот носи наслов „Ренесанса за Европа“. SPD во Париз ја претставуваат Сигмар Габриел и Мартин Шулц, претседателот на Европскиот парламент.

Во Париз ќе дојде и Австриецот Ханс Свобода, од неодамна претседател на социјалдемократите во европскиот парламент. „Победата на Олан“, вели тој, „ би била значаен настан за развојот на европската левица, како и за ЕУ воопшто. За да спроведеме друга политика потребна ни е поддршката од францускиот претседател.“

Силни зборови, но како навистина изгледа таа нова политика? Кои се алтернативите со кои социјалдемократите би ја извлекле ЕУ од криза?

Сеедно кого слушате овие денови, Свобода, Габриел или Станишев, нивните анализи се идентични: штедењето е неопходно, но само тоа не е доволно. „Ако само штедиме, нема да создадеме раст“, вели Станишев, „ќе создадеме само повеќе долгови.“ Неодамнешната експлозија на државниот дефицит во Грција не е последица на политиката на грчката влада, туку е резултат на „едностраната политика на штедење.“

Малку повнимателно ова го формулира СДП: без никаков сомнеж, во некои земји е неопходна консолидација, се вели во заклучокот од минатиот понеделник. „Но, оној што како решение форсира само строги мерки на штедење, прави превид дека нам ни треба секаков поттик на раст за ја преживеме кризата.“ За да го поткрепат ова, доволно е социјалдемократите да укажат на неодамнешниот развој на настаните во Португалија, Грција и Шпанија, во кои се намалува обемот на економски активности, а бројот на невработени – пред сѐ, млади – расте.

Конзервативната политика на штедење против социјалдемократската политика на раст, Брунинг против Кејнз – тоа е линијата на разграничување која европската левица во овој миг се обидува да ја повлече. Проблемот е во тоа што линијата не е баш најјасна. Причината за тоа ја донесоа конзервативците, кои одамна ја препознаа опасноста и бараат начин да ја потикнат економијата во одредени земји-членки. Потикнување на растот, решавање на невработеноста на младите, создавање нови работни места – насловот на коменикеата на последниот состанок на европските шефови на држави едвај да се разликува од стратегијата на левицата. Дури и Свобода призна, „се чини дека нашите идеи ги преземаат други и до некаде ги застапуваат“.

Така социјалдемократите можат оправдано да речат дека порано од другите укажуваа на опасноста од едностраната политика на штедење и бараа да се донесат мерки за потикнување на растот. Меѓутоа, ова повикување на својот изум нема да им помогне многу. Во потрага по правни инструменти и конзервативците и социјалдемократите се движат пребавно. Ова е втората причина зошто не дошло до пожестоки расправи: европската левица е премногу пристојна за во оваа криза да глуми дека има едноставно решение.

Тие дури и непопуларниот Фискален пакт на Ангела Меркел не го доведуваат до суштинско прашање, иако некогаш се чини поинаку. „Нашата главна стратегија е сето тоа да го вклопиме, корегираме и дополниме со мерки за потикнување на растот и вработеноста“, вели Свобода.
Во склад со ова е барањето на SPD дека ќе го изгласаат Фискалниот пакт ако се усвои и данок на финансиските трансакции – добро знаејќи дека за Фискалниот пакт сојузната влада не одлучува самостојно.

Понатаму, во ова лежи изворот на сите идни расправи: од каде ќе дојдат парите за јавни инвестиции ако државата не може да се задолжува? Одданочување на финансискиот пазар е една од можностите. Другата неодамна ја предложи Франсоа Олан: како претседател би го зголемил данокот на доход над милион евра на 75%. За многу германски социјалдемократи, ова е нереален предлог. „Тоа е барање кое тешко може да се примени во Европа“, вели Свобода, „но би било добар сигнал кога Олан би покажал дека изборите можат да се добијат и со такво барање.“

Поголемото одданочување на високиот доход и данок на наследството од аголот на левицата имаат двострана предност. Би дошло до дополнителен прилив на пари во државната каса и тоа би бил добар одговор на растечкото чувство на неправда во многу земји.

Во еден сè уште необјавен документ на партијата на европските социјалисти, се предлага програма за отворање на два милиони работни места во ЕУ во наредните десет години. За тоа би било потребна инвестиција од 2.100 милијарди евра – кои би се собрале со дополнителното одданочување.

Едно друго барање на француските колеги на социјалдемократите во Берлин им создаде големи проблеми: Олан сака да создаде услови за порано заминување во пензија – тоа од агол на SPD е чекор во погрешен правец. Неодамна во Португалија и Грција социјалдемократите гласаа за подигнување на границите за заминување во пензија.

Но, овие несогласувања се неважни во однос на можноста по изборите француската европска левица повторно да стане голем играч во ЕУ. Посебно се интересни шансите на германските социјалдемократи, затоа што Ангела Меркел веќе го поддржа Саркози, па поразот на францускиот претседател би бил тежок удар и за германската канцеларка. Шансите SPD да ја победи Ангела Меркел никогаш не биле така големи како сега во Париз.

Извор: Die Zeit

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото