Лажна дебата за напад на Иран

28.03.2012 10:07
Лажна дебата за напад на Иран

Се прашувам дали во медиумите ненамерно оставаме впечаток дека меѓу стручњаците навистина се води расправа за тоа дали годинава има изгледи за воен напад на Иран од страна на Израел.

Всушност, таква расправа не постои. Поточно, тоа е ист вид расправа како онаа за климатските промени – угледните стручњаци се претежно на иста страна.

Еве што ми рекоа некои од нив:

„Не познавам ниеден безбедносен стручњак кој препорачува воен напад на Иран во овој миг“, вели Ен-Мари Слотер, професорка на Принстон, поранешна вработена во Стејт департментот и советничка на Барак Обама.

„Доколку не сте толку далеку на неоконзервативната страна за да бидете слепи за геополитичката реалност, општоприфатениот консензус е дека станува збор за лоша идеја“, вели В. Патрик ланг, поранешен шеф на одделението за Блискиот исток во Одбранбената разузнавачка агенција (DIA).

Повеќето безбедносни стручњаци се согласуваат дека е прерано за воена опција“, вели Мишел Флорној, поранешна потсекретарка во Министерството за одбрана. „Се наоѓаме среде процесот на заострување на санкциите против Иран. Таа земја веќе е изложена на најсериозните санкции во својата историја, а сега ги заоструваме до таа мера што ќе се одразат врз нејзината централна банка, врз производството на нафта и така натаму.“

„Значи, тие санкции за нив беа страшни, и ќе бидат уште пострашни“, додава Флорној. „Преовладува консензусот дека треба да им се даде време на истите да дејствуваат.“

Се разбира, американските официјални лица се сериозно загрижени поради иранската нуклеарна програма, иако не се плашат толку многу дека Иран ќе го употреби нуклеарното оружје против Израел или некоја друга држава. Наводно Иран разви хемиско оружје како одговор на хемиските напади од Ирак за време на иранско-ирачката војна, и покажа воздржаност во негова употреба. Всушност, најголемиот страв е дека, доколку Иран тестира или размести нуклеарно оружје, и другите држави ќе тргнат по истиот пат. Тие држави би можеле да бидат Саудиска Арабија, Турција и Египет, со што би се започнал нов круг нуклеарно вооружување.

Официјалните лица и безбедносните стручњаци наведуваат неколку причини зошто воениот удар на Иран во блиска иднина би бил страшно лоша идеја.

Како прво, тој би ја забавил иранската нуклеарна програма на период од само една до три години – а потоа истата би продолжила многу потајно и со многу посилна внатрешна поддршка одошто сега.

Второ, не би станувало збор за еден удар туку за повеќедневни летови и напади на многу локации. Во целите би спаѓале и убивањето научници кои раководат со програмата, што значи дека ќе има и цивилни жртви. Со секој изминат ден би растел гневот во муслиманскиот и останатите делови од светот – како и во Америка. Коалицијата која врши притисок врз Иран би можела да се распадне.

Трето, би можело да дојде до регионална војна на Блискиот исток, во која би биле вовлечени и САД. Иран би можел да започне со напади врз американски мети низ светот, а преку посредници би можел да ги засили нападите врз американската војска во Авганистан.

Четврто, протокот на нафта низ Персискиот залив би можел да биде прекинат, што би довело до зголемување на цените на нафтата и бензинот, и би ја нарушило светската економија.

Петто, санкциите и тајните методи како што е компјутерскиот црв Stuxnet веќе го забавија напредокот на Иран, а поострите санкции и саботажи и понатаму ќе ја попречуваат нивната програма со помал ризик.

Се разбира, сето ова што го зборувам може да биде неточно. Израелскиот напад на ирачкиот реактор Осирак во 1981 г. и нападот врз сирискиот нуклеарен проект во 2007 г. поминаа мазно, без одмазда. Нападите ги спречија нуклеарните програми на тие земји многу посериозно одошто се очекуваше.

Па сепак, постојат причини да веруваме дека Иран е поинаков случај, делумно зашто неговата програма е толку раштркана и заштитена. Општо земено, војната сама по себе е непредвидлива, а Израел често беше кусоглед во своите интервенции. Инвазијата на Либан во 1982 г. се претвори во хаос кој придонесе за создавањето на Хезболах, додека поддршката која во прво време му ја пружаше на Хамас во Газа им нанесе штета на сите (освен на Иран).

Не треба да се губи од вид и фактот дека удирањето во воениот тапан на Нетанјаху може да ги оснажи и иранските заговорници на војната.

„Постојаната закана со воена интервенција најверојатно ќе ги натера да ода понатаму, за да ја предупредат“, вели Слотер.

Дали Израел ќе ги нападне иранските нуклеари постројки е едно од најважните прашања за годинава, а луѓето кои се разбираат во тоа велат дека шансите се 50/50. Не знаеме дали тоа би ја нарушило економијата ниту дали војната би се проширила, но секој кој тврди дека сигурно знае што ќе се случи е – будала.

Додека ги слушаме разговорите за воената акција против Иран, едно нешто треба да ни биде јасно. Вон круговите на советниците на Нетанјаху и маргиналните грабливци, речиси сите стручњаци сметаат дека воениот напад во овој миг би бил катастрофално лоша идеја. Тоа не е дебата, туку е консензус.

Извор: The New York Times

Фотографии: Ли Веи

ОкоБоли главаВицФото