Прокоцкано наследство

28.03.2012 11:55
Прокоцкано наследство

Културното наследство претставува оставнина, физички запис за постоењето, збир на измешани слоеви на социјално живеење на еден или повеќе народи во една земја. Археолошките локации, архитектурата, уметноста, музиката, фолклорот, јазикот и писмото... простори и предмети, природата на една територија и навиките и традициите, ритуалите на еден народ, сите се сегменти од културното наследство на тој народ низ историјата на таа дадена територија. Сето тоа го добиваме без особена заслуга, туку така, од нашите татковци. Наша одговорна задача е да го чуваме, штитиме и предадеме понатаму на нашите потомци. Во случај на „незгода“ не губиме само еден предмет, зграда или уметничко дело, туку историски сведок, запис на едно постоење и живеење на нашиот народ, објект кој што истиот тој народ го обележил како вреден и штител низ времето. Една работа не можеме да изгубиме – нашето вистинското минато, без разлика колку негови сведоци елиминираме.

Архитектурата е еден и многу важен сегмент од наследството на секој народ, и од суштинска важност е да ја заштитиме. Таа зборува за цивилизациските карактеристики, општествените процеси, начин и стандард на живот, а често од неа можеме да прочитаме и за карактерите и навиките на луѓето кои ги поминувале своите животи во и околу неа. Ако направиме хронолошки пресек, можеме многу лесно да забележиме кои се архитектонски маркери на постоењето на Македонија во одредени периоди. Постојат утврдени стандарди и методологии на заштита и конкретни постапки според кои се води, пред сè, идентификација и валоризација на вредни објекти, потоа одредување на режимот на заштита и неговото спроведување. Дали некој некогаш би се осмелил на фасадата на св. Софија во Охрид да нареди барокни столбови? Зошто сите периоди на историјата на архитектурата во Македонија не ги имаат истите права? Зошто средновековието е фаворизирано пред, на пример, периодот на модерната? Сето тоа е заради неинформираноста на народот, на граѓанинот и на архитектот. Магистер дипломиран инженер архитект Ана Ивановска одбрани магистерска тема поставувајќи круцијално прашање (и нудејќи одговори), разработувајќи ја темата на заштита на објектите од модерната во Македонија. Едно од многуте важни прашања кои ги постави и одговори е: Зошто модерната е историја вредна за заштита?

Периодот на модерната е сега минато, нејзиниот контекст е надграден и нејзините процеси како резултат на промена на живеењето се надминати. Модерната почнува со 20-от век, се раѓа како медијатор помеѓу рапидниот технички и технолошки развој (индустријализацијата) и принципите на архитектонскиот дизајн. Таа ја бележи најдрастичната промена во начинот на градење/живеење на човекот во последните стотици векови. Нејзините стремежи се утопистички и врз нејзините постулати се изгради постомодерната и периодот во кој живееме сега.

Во светот најпознатите архитекти од периодот на модерната се: Лудвиг Мис Ван Дер Рохе, Френк Лојд Рајт, Ле Корбизје, Оскар Нимаер, Валтер Гропиус, Алвар Алто; каде и да побарате и да погледнете нивно дело/објект, тој е правно и физички заштитен, одржуван, реставриран, адаптиран, ревитализиран и во многу примери претворен во музеј. Примери: Павилјонот во Барселона од Ван Дер Рохе, Вила Савоја од Ле Корбизје и многу други. Тие народи и земји се гордеат со своето наследство и бескомпромисно го штитат и оставаат да го краси просторот како сведок на едно време.

Во Македонија згради/објекти од периодот на модерната има многу, селекција е неопходна – да се одреди што е вредно за заштита, а тоа не го одредува субјектот ниту народот, туку објективно поставен критериум (прифатен и применуван од сите чувари на културното наследство). Тој критериум подразбира селекција на неколку нивоа, и тоа преку воспоставување на: архитектонското значење на објектот, историско/мемориско и симболично значење, конструктивно и техничко значење и евентуално поврзување на објектот со важни личности од минатото.

Откако некоја зграда би ги задоволила овие критериуми, таа би била предмет на заштита како историско културно наследство, а тоа подразбира дека интервенциите врз објектот би се движеле во правец на одржување на постојната состојба на објектот, не би се дозволиле надградби и доградби, би се одстраниле надградби и доградби кои биле изградени пред заштитата, интервенции би се изведувале само со автентични материјали кои содејствуваат со постојната состојба и евентуално би се дозволила пренамена на просториите со цел да се олесни употребата на објектот.

Некои од објектите кои ги задоволуваат сите критериуми за заштита во Скопје, според овој глобално прифатен модел, а се претставници на периодот на модерната во Р. Македонија, се: Објектот на Владата на Р. Македонија, Музејот на современата уметност, Главната пошта со телекомуникацискиот центар, ГТЦ, зградата на МАНУ, Архивот на Р. Македонија, комплексот Факултети (универзитет Кирил и Методиј), Универзитетската Библиотека, студентскиот дом Гоце Делчев, Музејот на Македонија, Соборниот Храм, објектот на МОБ, ОУ Јохан Песталоци и многу други.

Наместо да зачуваме објекти кои ја симболизираат градбата на еден разурнат град, кои симболизираат временски прогрес, различност и солидарност, и кои се претставници на историски период од архитектурата кој е глобално валоризиран, ние градиме фасади – лица на декаденцијата, еклектични претстави на невкус и ставаме голем акцент на барокот – период од архитектурата низ кој Македонија никогаш не поминала. Славиме историски период во кој Луј XIV го повлече Едиктот од Нант, период кој се идентификува со тотална корупција на аристократската класа, период во кој во Версај се гради Холот на огледала за да ја потенцира апсолутната моќ на монархијата. Период чијшто израз е злоупотребен за да се постигне што е можно поемотивен и потеатрален, драматичен ефект за да го направат принципот на обожување што позаводлив и покомотен на граѓанинот кој на крајот од 18-ти век го остава без леб. Психолошката болка на човекот е доминаторот на целата барокна филозофија со цел да ја одобри маката на човекот избавен од ултимативната човекова моќ – владетелот или религијата. Всушност, целта не ми е да го плукам барокот, тој е период со свои карактеристики – примарната цел ми е накратко да го дефинирам за да се разбере дека тој не е дел од нашиот национален идентитет.

И за крај, во Венеција, во мај 1964 г. е одржан вториот конгрес на архитекти за заштита на историски споменици. Донесен е договор, кој е исто така познат како „Венецијанско поглавје“, во кој строго се дефинира употребата и заштитата на архитектонски дела. Се потенцира значењето на документацијата и оригиналноста на секаква интервенција врз секој објект прогласен за културно наследство, како и нивно одржување и внимателно користење во иднина. Во ова поглавје културното наследство го дефинираат преку едноставен член на следниот начин:

Член 1: „Концептот на историски споменик не подразбира едно архитектонско дело туку тргнува од него, па се шири преку урбаните простори сè до руралните. Овој концепт ги заштитува не само селективните големи уметнички дела туку и малите, навидум безначајни објекти кои со текот на времето прераснале во историски сведоци на времето на една територија.“

Навистина е штета што овој документ не доживеал да се вгради кај нас во регулаторната рамка, да стане правосилен закон – во спротивно, судниците ќе беа преполни со криминалци. Наместо тоа, авторите на ова поглавје, како сите интелектуални творци, создадоа демократски процес – оставија тоа поглавје да биде водилка, а крајно да одлучува интелектот и совеста на човекот. Е па, нека ни служи на совеста.

Авторката е засегнат граѓанин (книжевник).

Одлично образложено. Барокот

Одлично образложено. Барокот бил и останал маркетинг на големите деспоти. За жал, не е само архитектурата подложна на ваков регрес. Систематското бришење на модерното и наметнувањето на некоја историско-епска сценографија е поширок зафат кој вклучува се повеќе сфери на мислата. Уметноста е сепак најголем показател на општата културна клима. Кога уметноста почнува да трокира, тоа е јасен показател за длабока културна криза.
Но, се прашувам дали културата сама по себе е во криза или кризираат оние што силеџиски сакаат да ја променат преку ноќ.

Значи, ко Политика во време

Значи, ко Политика во време на Милошевиќ сте, објавувате писма на засегнати граѓани.

Ахаха, Коља бе, значи мораше

Ахаха, Коља бе, значи мораше да дополниш со (книжевник). Ахахаха. Значи, те болат писмата од скамбег читателите. Хи хи хи. Башка што, каква ли врска има „книжевништвото“ со архитектурата? Со тоа ли се додава тежина? Ухухуху, уште не можам да престанам да се смеам.

Ќе ме пукнете од смеење, комуњари.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото