1023 hPa
71 %
10 °C
Скопје - Пон, 08.12.2025 14:59

Кога минатата недела, Грег Смит, еден од извршните директори на најголемата светска инвестициска банка Goldman Sachs, до банката испрати писмена оставка во која ја обвинува за невидена измама на штета на клиентите, истото утро писмото е објавено во весникот New York Times.
Во писмото, Смит напиша дека во Goldman Sachs „интересите на клиентите се занемарени бидејќи компанијата мисли само за заработката на пари“, и дека постојат три начини да се стане лидер во таа корпорација: „да се наговорат клиентите да инвестираат во акции од кои банката се обидува да се ослободи, да им се наведе дека треба ’да тргуваат со сè што ќе му донесе профит на Goldman’, и да се продава било каков производ кој е ’неликвиден, нејасен и има акроним од три букви’“.
Со оглед на тоа што писмото е објавено во најважниот весник во светската финансиска метропола, каде што се наоѓа и седиштето на Goldman Sachs, во текот на денот низ медиумите се отвори расправа за начинот на работење во инвестициските банки, па од Goldman започнаа кампања за оцрнување на 33-годишниот Јужноафриканец. Оттаму изјавија дека „осаменикот“ никому не бил претпоставен, па со тоа не ни го претставува мислењето на поголемиот дел од вработените. Смит во финансискиот гигант бил еден од дури 12.000 извршни директори од вкупно 33.000 вработени, а по 12 години работа во таа институција заработувал „само“ 500.000 долари годишно.
Клетва за информаторите
Со оглед на тоа дека во писмото се изнесени и несфатливо наивни тврдења, како тоа дека поранешното работење на Goldman Sachs било обележано со „тимска работа, интегритет, дух на понизност и во интерес на клиентите“, и дека со ниту еден збор не презема одговорност што и самиот бил дел од таа машинерија, медиумите беа преплавени од сатирични осврти и подбивни коментари.
Меѓу нив се истакна уредништвото на деловниот информативен концерн Bloomberg, кој напиша дека пред 12 години, најверојатно Goldman Sachs била „фондација за исполнување на желби“ и „доставувала цвеќиња во пензионерски домови и градела прифатилишта за напуштените мачки“.
„Ако сакате да го посветите животот служејќи му на човештвото немојте да работите во Goldman Sachs, тоа не е негова функција ниту пак некогаш ќе биде“, заклучија во Bloomberg, па општоприфатен став е дека единствениот резултат на фантастичната оставка на Смит е што себеси засекогаш си ја затвори вратата на Волстрит.
Но, некои аналитичари сметаат дека големите инвестициски банки, сепак, не се толку недопирливи. Притоа, тврдат аналитичарите, веќе не им е лесно да го игнорираат фактот што секој втор Американец нема доверба во нив, и дека повеќемесечното движење „Окупирај го Волстрит“ сега веќе силно потсетува на тоа колку се омразени, па нивните вработени редовно одат кај демонстрантите да се исповедаат дека всушност не се такви какви што се мисли дека се.
Во текстот објавен во New York Magazine, Габриел Шерман пишува како инвестициските банки се сè повеќе притиснати со одливање на мозоци, од кои некои добивале и годишни бонуси од 100 милиони долари, дека им паѓаат приходите и компензациите, а вкупно од почетокот на кризата во Америка исчезнале 200.000 работни места во финансиската индустрија.
Својот данок, се чини, почнаа да го плаќаат предминатото лето кога се донесе „Dodd-Frank“ пакетот закони со кои на инвестициските банки им се наметнува строга регулатива во начините на тргување со деривати, доделување на кредити и осигурување на инвестиции.
Особено критично може да се покаже таканареченото Волкерово правило, кое стапи на сила во септември и со кое на инвестициските банки им се забранува тргување со сопствените пари, а вложувањето во најризичните фондови е ограничено на три проценти од вкупниот капитал. Дополнителните рестрикции ќе се имплементираат постепено, во фази, до 2016 година.
Во очекување на тие мерки, поголемиот дел од инвестициските банки веќе затворија цели оддели, а истовремено се случува и егзодус на највештите вработени во сопствените хеџ (hedge) фондови, кои сè до донесувањето на овие закони практично не биле под никаква регулатива. Иако од 1990 до 2011, бројот на хеџ фондовите во светот се зголемил од 610 на 9.553, во последната година и половина се затворени околу илјада од нив.
Дод-Франковиот закон беше критикуван дека не е доволно рестриктивен и оти единствена цел му е да осигура статус кво, но се чини дека не е целосно неупотреблив, на што укажува и ветувањето на републиканскиот претседателски кандидат Мит Ромни дека ќе го укине ако дојде до функцијата американски претседател.
Дека и самата влада се колеба, покажува, пак, иницијативата овие денови во американскиот конгрес да се усвои т.н. Закон за работни места, за кој бившиот гувернер на државата Њујорк, Елиот Спицер, напиша дека би можел „да поништи некои од најважните реформи наметнати за Волстрит во целата генерација“.
Оскуден надомест
Дека виновниците на колосалните измами во кои милиони американски граѓани останаа без покрив над глава и понатаму се над законот покажува и фактот дека, во темелно документираниот криминал, никој од нив не доби ниту казнена пријава.
Уште повеќе, во Америка се востанови правило дека незаконските постапки на моќните корпорации се решаваат исклучиво со парични компензации во занемарливи износи во однос на нивните приходи, и таа пракса на неказнивост не го спречува истото однесување и во иднина.
Во фебруари оваа година, пет големи американски банки се согласија заедно да им платат пет милијарди долари на државните и федералните влади поради „паркирање“ и продавање „токсични“ хипотекарни кредити, при што не ни воделе уредна документација, па не се можело да се докаже сопственоста над недвижностите. Тие пет банки мораат да дадат уште 20 милијарди долари за „олеснување“ на ситуацијата за околу 750.000 луѓе чиишто недвижности се запленети бидејќи не можеле да ги враќаат кредитите, а такви во Америка има околу четири милиони.
.jpg)
Во јули 2010, Goldman Sachs се спогоди да плати оскудни 550 милиони долари, бидејќи со продажба на преценети деривати ја оштети европската банка IKB Deutsche Industriebank и Royal Bank of Scotland, на кои сега им е должен да им уплати 150, односно 100 милиони долари, а остатокот оди кај американското министерство за финансии како глоба. Колку е таа казна мала покажува споредбата со профитот на Goldman Sachs кој една година порано изнесуваше 13,39 милијарди долари.
Во април минатата година сенаторскиот Постојан под-одбор за истрага објави 640 станици долг извештај за нелегалните активности на банките од кои дури 260 страници се занимаваа со Goldman Sachs. Во нив е документирано како банките ги измамувале клиентите продавајќи им хипотекарни кредити и истовремено обложувајќи се дека тие пакети ќе изгубат од вредност; како бонитетните агенции на истите тие „токсични“ кредити давале високи оценки, а федералните регулаторни агенции систематски ги занемарувале знаците на сериозни неправилности. Ден по објавата на тој документ, весникот New York Times сепак објави дека министерот за финасии, Тимоти Гејтер го убедил државниот обвинител на Њујорк, Ендрју Комоа, да ја прекине истрагата.
Сенатската истрага најголемо внимание посвети на инвестицискиот инструмент наречен Abacus 2007-AC1 во рамките на Gooldman Sachs, дизајниран од неговиот клиент Џон Полсон со цел да профитира од падот на вредноста на хипотекарните обврзници. Менаџерите на банката, меѓутоа, за тоа не ги известиле инвеститорите, малите странски банки, пензионерските фондови и осигурителните компании кои можеле да заработат само ако вредноста на обврзниците расте. Со уривањето на пазарот на недвижности тие изгубиле над една милијарда долари, додека Полсон, кој се обложил на падот на вредноста, својот фонд го зголемил за 590 проценти. Иако се работи за очигледна измама, целата работа е решена со неколку стотици милиони долари оштета, додека од Goldman Sachs никогаш јавно не го признаа незаконското работење.
Нови измами
Иако тврдењето на уредникот на Bloomberg дека инвестициските банки никогаш не работеле за доброто на човештвото е тешко да се оспори, познавачите на финансиската индустрија истакнуваат дека во импресиите на Грег Смит сепак има нешто вистинито, односно дека во последните 25 години се изменети внатрешните правила за функционирање на тие институции.
Дотогаш, тврдат тие, максимата на работење во Goldman Sachs била „долгорочна алчност“, а императив заработката заедно со клиентите, а не од нив. Но, работите се променија кога банките престанаа да бидат партнерства, што подразбира голем ризик за самите сопственици, и се претвораат во компании, со што добија и нови извори на пари. Во комбинација со одврзаните раце кои им ги овозможи владата, тргувањето со пари ги доведе банките до фаворизирање на краткорочната заработка бидејќи повеќе се заработува на самата трансакција отколку на долгорочниот однос, што на крајот го укина и принципот на локалност кон клиентите.
Во есејот објавен во списанието Rolling Stone во 2009 г., Мет Таиби опишува како во тоа време банките го напуштиле и своето правило за квалитет на контролата во услови на иницијални јавни понуди (IPO), според кои компанијата која сакала да излезе на берза морала да биде профитабилна најмалку три години. Токму тоа, вели Таиби, довело до првото современо „пукање на балонот“, на технолошкиот крај на 1990-те, кога инвестициските банкари со разни задкулисни игри ги пумпале вредностите на акциите штотуку создадени од технолошките компании, што на крајот резултираше со крах. Крал на технолошките IPO бил токму Goldman Sachs, а Волстрит, пишува Таиби, „наместо да ја научи лекцијата дека балонот секогаш пука, во годините на интернетот научил дека во времето на слободното патување на капиталот е неверојатно лесно да се наполни балонот, а поединечните бонуси се поголеми како што расте манијата на ирациононалноста“.

И балонот на недвижнини, пишува овој автор, всушност и го создаде Goldman Sachs, кој тој го нарекува „големата вампирска лигња замотана околу лицето на човештвото“. Тој опишува како веќе во средината на 1990-те некои големи американски производствени компании изгубиле големи пари со комплицираните инвестициски инструменти. Но, кога Владината канцеларија за одговорност и шефицата на Комисијата за тргување, Бруксли Борн во 1998 година се обиделе да воведат построга регулатива на тој пазар, Роберт Рубин, министерот за финансии на Бил Клинтон и пред тоа банкар во Goldman Sachs, го саботирал настојувањето со тоа што го наговорил конгресот да ѝ ги одземе регулаторните овластувања на нејзината канцеларија. Конгерсот во 2000 година таа одлука во последен момент ја внесол во предлог закон, со што пазарот е дерегулиран.
По балонот на недвижнини, пишува новинарот, Goldman Sachs исфабрикувал и нафтен балон што, пак, овозможи дерегулација на пазарот на стоки. Токму од таа банка во 1991 година е пратено првото писмо на Комисијата за тргување со „futuresima“ стоките со барање за дерегулација, што резултираше „во 2008 година, еден барел нафта да се тргува 27 пати пред тој да е воопшто доставен и конзумиран“. И токму поради тоа, тврди Таиби, од тогаш цената на нафтата константно расте, иако нејзиното производство се зголемува, а побарувачката се намалува, што би требало да резултира со пад на цената.
Таиби ја завршува анализата со тврдење дека својата последна голема измама Goldman Sachs ја направил во времето на спасот на американските банки, прво кога излобира дека од сите нив не се спаси само Leman Brothers, неговиот единствен правен конкурент, а потоа и промена на статусот од инвестициска банка во банкарски холдинг за да се квалификува за парите од „bailout“ и евтините позајмици од Федералната резерва. Следниот балон, прогнозира Мет Таиби, ќе се случи на подрачјето на тргување со кредити за испуштање на штетни гасови, каде што Goldman Sachs веќе ги пушти своите пипки.
Извор: novossti.com
Илустрации: Рена Литлсон
Соросоиди, научете прво
Испратено на 01 април 2012 од ХунзичСоросоиди, научете прво македонски / српски / хрватски, па после преведувајте и барајте влакно во коментарите.
банките престанаа да бидат партнерства... и се претвораат во компании
принципот на локалност кон клиентите
задкулисни
ирациононалноста
ја внесол
futuresima