Ниче и минијатурната монументалност

29.03.2012 09:43
Ниче и минијатурната монументалност

Фридрих Ниче разликувал три видови однос кон историјата, кои можат да бидат исклучително корисни за односот кој го градиме последниве години кон македонската историја. Тие три односи се: монументален, антикварен и критички. Монументалниот однос кон историјата, како што сугерира самото име, се базира на потенцирање на најсилните и најголемите примери од историјата на еден народ и нивно дополнително величање на ниво на парадигми, според кои ќе се гради колективниот дух на една заедница. Антикварниот пристап кон историјата се одликува со грижливо прибирање и архивирање на сите историски артефакти и сознанија и нивно мумифицирање. Конечно, критичкиот однос кон историјата се карактеризира со темелно преиспитување на сите „вистини“ кои ги нудат првите два пристапа. Критичкиот пристап ја става историјата во судница и се обидува да ги изнајде оние тенденции во неа кои го кочат нејзиниот народ. Ниче не прифаќал целосно ниту еден од трите пристапи, но бил особено критизерски настроен кон првите два.

Погрешно би било да мислиме дека „македонскиот случај“ може лесно да се објасни само доколку го примениме едниот од трите односи во анализата. Сепак, она што кај нас несомнено претежнува (од обелоденувањето на проектот „Скопје 2014“ до денес) е обидот македонската историја да се третира монументално. Бројните споменици – во прв ред, се разбира, оној на Александар Македонски (кукавички именуван како „Воин на коњ“) – нè оневозможуваат да мислиме поинаку. Се разбира, не треба да се заборават и грандиозните згради во антички стил (вклучително и барокните фасади на „старите“ модернистички згради), кои, нели, треба да ја потенцираат нашата милениумска величина.

Клучната забелешка која Ниче му ја упатува на монументалниот пристап кон историјата е дека тој има склоност да ги хипнотизира и парализира народните маси; да ги велича само минатите потфати и, со тоа, да ги гуши сегашните и идните. (Се разбира, тоа е воедно и една од главните причини зошто е тој најчесто мобилизиран од страна на тоталитарни режими, кои бараат послушност, а не критичност.) Кога обичниот човек ќе се соочи, на пример, со величината на Воинот на коњ, тој е обземен/опиен од славното минато на неговите предци од тоа време. Вознесен и „просветлен“ од грандиозноста на неговите потфати (походи и освојувања), обичниот човек, сакал-несакал, се чувствува минијатурно во споредба со него. Меѓутоа, подмолноста во монументалниот однос кон историјата се состои во тоа што таквата подреденост, малиот човек ја прифаќа срдечно. Тој искрено сака да биде мал и ништожен, нему не му пречи тегобноста на сегашноста, сè додека „неговата лоза“ произвела такви величини во минатото. Неговиот мазохизам, дури и кога е свесен за него, не му пречи, туку, напротив, тој се гордее што е во ситуација да биде толку мал, сè додека може да си го храни поданичкиот комплекс на нижа вредност. Во симулираната монументалност на минатото малиот човек го наоѓа легитимитетот за својата (пот)свесна потценетост во сегашноста. (Клучниот проблем во нашиов третман на монументалната историја се состои во тоа што наспроти „Воинот на коњ“ има плажа со палми, а наскоро и бродови од времето на Колумбо, кои сериозно можат да ја загадат „прекрасната“ слика за „нашата голема“ историја, дури и во очите на слепите послушници. Такви аномалии во пристапот кон монументалноста Хитлер и Чаушеску не толерирале и за тоа треба да се размисли во Партијата!)

Антикварниот пристап кон историјата во Македонија е во служба на монументалниот. Тој е задолжен да ги прибира, чува, реставрира, архивира и претставува како наши сите артефакти од минатото, дури кога тие немаат врска со „нас“. Но, не само тоа. Ако некој објект (зграда, црква исл.) некогаш постоел, а денес го нема, задачата на нашите антикварци е да го реконструираат. Плаошник, Климентовиот универзитет, Народниот театар, Музејот на вода во Градиште... сè се тоа објекти кои само навидум биле срушени. Антикварната историја нив ќе ги возобнови како уште постари од срушените и ќе ги стави во функција на монументалниот мит! (Несогледлива штета е причинета кон современата македонска архитектура, зашто таа е мобилизирана да го гради само срушеното, без да има воопшто простор да размислува за некаков иден архитектонски израз.)

Главниот проблем со антикварниот пристап кон историјата Ниче го лоцира во тоа што тој е единствено способен да го штити минатиот живот, но не и да го создава новиот. Антикварноста, според тоа, е главниот виновник зошто Македонецот денес се наоѓа во генетско-идентитетска криза: преокупиран со деталното, „студиозно“ и фалсификаторско толкување на античкото минато, тој е неспособен да ги мобилизира силите и (парадоксално, токму од своето неодамнешно минато од дваесеттиот век) да ги насочи кон создавање на еден современ, мултикултурен идентитет. Монументално-антикварно опиениот Македонец никако да разбере: вивисекцијата на корењата го гуши протокот на виталноста кон гранките и листовите.

P.S.
Следниот текст ќе се занимава со критичкиот пристап кон македонската историја.

Колаж: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото