Одумирање на политичките бронтосауруси

29.03.2012 11:25
Одумирање на политичките бронтосауруси

Несразмерот меѓу големото тело (физичко и идејно) и малиот мозок ја открива Внатрешната македонска револуционерна организација како политички бронтосаурус кој нема никакви шанси да ја преживее жестоката Јура на постмодерната пресметка. Тоа, можеби, не изгледа така од перспектива на поситните видови во македонското животинско царство, но ние што сме надарени (ха-ха-ха) да гледаме на општественополитичките и историски процеси од стратосферата на рационалноста и на ослободеноста од какви и да е функционални оптоварувања, јасно гледаме дека ѕвездените мигови во еволуцијата овој монструм ги има доживеано за време на таканаречените парламентарни избори во 2008 година и дека оттогаш наваму животното минува исклучително важни етапи на забрзаниот процес на сопственото одумирање со јасна тенденција, конечно, да исчезне од историските хоризонти.

Колку повеќе напредува во својата мисија за политичко декапацитирање и историско десубјективизирање на земјава, толку повеќе организацијата ја исцрпува смислата на своето постоење. Парадоксот на вемерото е во совршенството на бесмислата како крајна цел и во тоа што колку повеќе ја труе, Македонија сè помалку реагира на неговата политичка магија. Во близината на смртта шансите на Македонија се поголеми отколку за време на оргазмичките односи со Горското началство на распашаниот комитлак. Вемерето е организација која кон Македонија се однесува исто како што терористот самоубиец се однесува кон целта што ја сонува со години.

Говориме, да нема недоразбирања, за процеси кои со своите агонизирачки пројави и декадентни лумперајки може да бидат дополнителен бонус на катастрофалноста дали по тоа што ќе траат предолго дали по тоа што ќе завршат бргу или најмалку пред да се оформи јадрото на македонската политичка, културна и духовна рехабилитација, ако воопшто некогаш се формира.

Од друга страна, опозицијата ме потсетува на заробените американски олдсмобили по улиците на кастровизираната Хавана: има, се разбира, некој шарм во таа замрзнатост во профученото време, во тоа палење на курбла, во тие накинѓурени форми и димензии меѓу незграпноста и старинската елеганција, но сите знаат дека тие машини не се за Дејтона или за Индијанаполис.

Македонската опозиција се однесува кон современите стандарди на политичкиот ангажман како тријатлонец кој знае да плива, може по малку и да трча, ама не знае да вози велосипед. И, што е уште поважно, никако не може да разбере зошто строгите судии на трката пречесто го дискфалификуваат. Бапчорки кои со тажни песни и ора од Егејска Македонија сакаат да ја запалат публиката која дошла да ги слуша Смешинг Пампкинс. Поголемата несреќа се состои во тоа што тие мислат дека грешката, веројатно, е во тоа што не исполнуваат доволно песни и ора или дека песните и ората не им се доволно тажни или дека треба да го зголемат бројот на концертите. Луда работа.

Најмалку шест работи го дефинираат бапчорскиот одраз на опозицијата врз рокерскиот карактер на времето и на публиката: прво, тие одбиваат да го дефинираат основниот конфликт или да ја прифатат научната дефиниција на тој конфликт како конфликт за и против Македонија и за и против нормалноста во Македонија, при што е јасно дека екипата на Надвојводата Шарло е против, арно ама, не е сосема извесно на која страна од конфликтот се наоѓа опозицијата. Тие се грижат дека јасната дистинкција може да ги прикаже како нетолерантни или дека тој став може да предизвика опасни сутуации. Да, може да предизвика опасни ситуации, но ако ти одбиваш да се изјасниш по ова прашање, ти се пројавуваш или во формата на политички идиот или во формата на коавтор на уште пострашни ситуации.

Второ, тие одбиваат да го дефинираат противникот во неговите реални димензии. Пред змејот што фрла оган и гори сè околу себе, тие вртат со газињата на квазипарламентарната сцена, внимавајќи да не ја згрешат кореографијата на политичката лага и самолага. Тие се фактор на статус квото, а не на радикалниот дисконтинуитет со политиката на власта. Не е случајно тоа што сè погласно се истакнуваат обвинувања дека на одредено ниво власта и опозицијата колаборираат на штета на општото добро.

Трето, нивниот политички инструментариум е совршено несоодветен на времето. Тие го лечат македонскиот пациент со пијавици во времето кога е јасно дека без матични клетки на пациентот му нема спас. Така некако. Во политичката битка опозицијата може да учествува и така што ќе се бори за имиња на улиците кои се различни од тие што ги предлага власта, да речеме, Лазар Колишевски или Киро Глигоров, за булеварите што власта сака да се викаат Пердика и Набукодоносор (ако Пас Кокуз Ман рече дека по мајка или по свекрва е Македонец), но тоа е бесмислена и губитничка варијанта. Добитната комбинација е да се игнорира смешната тема за улиците, за ребалансот, за (не)способноста на министерката на полицијата и сл. и да се потиснат тие паради на власта со капиталните теми за конфликтот и за природата на противникот, со битка не во испразнетите од содржина институции ( М. Грчев) туку со битка за рехабилитација на институционалниот поредок, со темите не за одбрана на идентитетот од надворешните опасности туку за одбрана од промена на идентитетот од внатре.

Четврто, на тактички план, исто така се прават катастрофални грешки. Македонската опозиција ја драматизира темата за името исто како што тоа го прави власта. Наместо да ја релативизира и да ја ослободува од вишокот значење. Опозицијата одбива да соопшти дека ќе прифати одредена додавка на името и на тој начин застанува на исти позиции со оние на власта. Со други зборови, на оваа тема пропушта да направи клучна диференцијација односно одбива да преземе каков и да е ризик.

Дебаклот на евроинтеграциите и асоцијацијата кон НАТО не се третираат во својата вистинска длабочина, односно не се третираат како проект на владејачката гарнитура на вемерето, како клучен сегмент од реализацијата на нивниот антимакедонски проект туку како политички пропусти кои, вистина, се многу сериозни, ама се пропусти.

Петто, опозицијата воопшто не ја третира или ја третира несоодветно темата за кривичниот карактер на многу аспекти од таканаречената политика на преродбата, од конституцијата до политичката реализација на власта на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е многу сериозно прашање. Драмата на Македонија не е последица на лоша политика туку на смислено и систематско миење на мозоците на граѓаните со идеја да се смени идентитетот и да се уништи државата, односно да се уништи државата и да се смени идентитетот, а не да се одбрани. Во врска со таа цел свесно и систематски е разоруван институционалниот и уставниот поредок и се деструирани надворешнополитичките темели на државата. Да не говориме за економскофинансиската девастација на земјата со огромни непродуктивно трошоци и со прелевања на огромни износи за производство на некаква нова елита. Никој не расправа кој и според кои критериуми и пред какви инстанци кривично ќе одговара за крахот на една надежна држава, нација и општество. Кој, како и според кои критериуми ќе ги води процесите на девмровизација и денацификација. Кој и како ќе изврши радикална критика на македонската историска, политичка и културна реализација, без што нема никакви перспективи за овој народ.

Шестата слабост се пројавува низ сите претходно наредени, но може да се дефинира и посебно: тоа е проблемот на лидерството, посебно, и кадровската тематика пошироко. Ситуацијата е повеќе отколку тажна. Речиси не ми се пишува. Престанав да се нервирам, ме фаќа некоја резигнирачка емоција.

Така што закономерното пропаѓање на вемерето дополнително се комплицира со крајно неадекватната политичка, кадровска, доктринарна и секаква друга кондиционираност на опозицијата. Тие се обидуваат преку собирање на повеќе нули да добијат некој поголем број, но тоа, како што е познато, не успеале да го направат ниту најголемите алхемичари. Би можело да се каже дека и тие се вид кој е во напредната фаза на одумирањето поради несразмерот меѓу телото и главата.

На тоа треба да се додаде и фактот дека нема ниту траги од конституирањето на некаков нов консолидиран политички субјект кој би ги удрил темелите на нови политички констелации и на Третата или Четвртата република.

Тоа ја прави нашата ситуација потешка отколку што ја прави екипата на Драгиот водач сама по себе.

Извор: globusmagazin.com.mk

Колажи: Свирачиња

Се потпишуем

Се потпишуем

Треба само мала климатска

Треба само мала климатска промена во општата ментална состојба за да започне изумирањето на политичките бронтосауруси. Не ни треба јурски астероид, ниту ледено доба од половина милион години. А импотенцијата на опозицијата треба ако ништо друго да го натера граѓанинот да сфати дека нема кој да го спасува од големите рептили, освен тој самиот.

Уште еден борец за

Уште еден борец за радикализација на опозицијата. Уште еден што го признава само судот на сопствената партија. Уште еден што (би) потплатува(л) тепачи да прават пиздарии по автобуси само за да дојде на власт.

Само ме чуди како издржа цел текст да не спомнеш фекалии.

ОкоБоли главаВицФото