За интелектуалците и демократијата

29.03.2012 12:09
За интелектуалците и демократијата

Интелектуалната активност малку наликува на заведување. Ако тргнеш право кон целта најверојатно нема да успееш. Ако сакаш да бидеш некој кој дава свој придонeс кон светските историски дебати, најверојатно нема да успееш ако веднаш започнеш да учествуваш во светските историски дебати. Најважно е да се зборува за нешто што, да се изразам така, има светски историски одек, но на ниво на кое можеш да влијаеш. Ако твојот придонес биде забележан, а потоа вклучен во некој поширок разговор кој се води на друго место, дотолку подобро.

Затоа мислам дека не е паметно интелектуалците да зборуваат за потребата светот да се демократизира или за потребата да се зајакне почитувањето на човековите права во светот. Не дека таквите изјави не се посакувани, но тие многу малку ќе придонесат за остварување на целта и за сериозноста на разговорот. Истото тоа лице, доколку укажува на конкретни проблеми во нашата демократија, поставува многу подобра основа за аргумент дека кај нас владее демократија каква што и другите би требало да следат. Кога станува збор за тоа дека ние живееме во демократија или дека јас не сум заинтересиран за демократијата во Америка, но сакам да помогнам таа да се воведе кај тебе, тоа само го поттикнува следниов одговор: добро, оди среди си го твојот двор, па тогаш можеби ќе можеш да добиеш публика во странство, итн. Понатаму, за да бидиме интернационални, прво мораме да бидеме локални.

Што би требало да нè загрижува денес? Се наоѓаме на крајот на многу долг циклус на бојкот. Циклус кој започна кон крајот на осумнаесеттиот век и кој, без разлика на сѐ што оттогаш се случувало, траеше сè до 1990-те: постепено ширење на кругот на земји чии владетели беа принудени да прифатат нешто налик на владеење на правото. Мислам дека овие тенденции од шеесеттите па наваму ги следеа два различни, но поврзани трендови: ширење на економската и ширење на индивидуалната слобода. Тие два тренда, кои изгледаат како да се во врска со оној првиот, всушност, се потенцијално опасни за него.

Сегашниот век го сметам за век со растечка несигурност која делумно е резултат на претераната економска слобода, во сосема ограничена смисла на зборот, а делумно е резултат на климатските промени и непредвидливите држави. Веројатно ќе се најдеме, како интелектуалци или политички филозофи, во ситуација каде што нашата главна задача нема да биде да размислувавме за подобар свет, туку да размислиме како да ја спречиме појавата на полош свет. А тоа е малку поинаква положба, при што интелектуалците кои се занимаваат со идеализирани визии, можеби нема да треба да ги сфаќаме премногу сериозно.

Можеби наскоро ќе треба да се запрашаме како да ги одбраниме воспоставените легални, уставни или човекови права, норми, слободи, институции итн. Нема да се запрашаме дали војната во Ирак била добро или лошо воведување на демократија, иако тие цели се постигнати. Сетете се на изгубените можности, изгубениот потенцијал за остваруавање на други цели со ограничени ресурси.

Сево ова е тешко за интелектуалците, од кои поголем број себеси се сметаат за бранители и промотори на големи идеи. Но, јас мислам дека вистинскиот начин за одбрана и промовирање на големи идеи за наредните генерации ќе биде одбрана и заштита на иституциите, законите, правилата и праксите кои претставуваат наше најголемо достигнување во борбата за тие големи идеи. А интелектуалците кои се грижат за тие работи ќе бидат најскапоцените луѓе.

Не се работи за тоа дека некој треба да зборува за демократија или дека некој треба да ја шири, туку повеќе се работи за многу деликатни работи кои ги сочинуваат мноштво мали и кревки механизми и пракси. Една од нив е дека мора да се цени мислењето на поединците.

Ако ја погледнете историјата на народите кои најмногу ги унапредиле вредностите кои ги поврзуваме со демократија, ќе забележите дека првин доаѓа уставноста, владеењето на правото и раздвојувањето на гранките на власта. Демократијата практично насекаде дојде на крајот. Ако под демократија го подразбираме правото на сите полнолетни граѓани да одлучат кој ќе ги води, тогаш тоа се јавува многу доцна – во некои земји кои сега ги сметаме за олицетворение на демократијата, како Швајцарија, тоа се случи за време на мојот живот. Во други европски земји, како Франција, тоа се одигра за време на животот на мојот татко. Затоа не би требало да зборуваме дека демократијата е почетна точка за развој на општеството.

Демократијата стои во иста врска со добро уреденото либерално општество како што изразито слободниот пазар стои кон добро регулираниот капитализам. Масовната демократија во времето на масовните медиуми значи, од една страна, дека можете многу брзо да откриете дека Буш во 2000 година ги лажираше изборите, но од друга страна, дека голем дел од населението за тоа воопшто не се грижи. Не би можел така да ги лажира изборите во некое деветнаесетвековно либерално општество, каде што само некои граѓани имале право на глас: тој релативно мал број на учесници многу повеќе би се загрижил поради тоа.

Понатаму, ние ја плаќаме цената на нашиот либерализам, и тоа треба да го сфатиме. Што не значи дека јас предлагам враќање на ограниченото право на глас или дека барам две класи на бирачи – запознаени и незапознаени. Меѓутоа, тоа е аргумент за разбирање дека демократијата не е решение за проблемот на неслобода во општествоо.

Но, зарем демократијата не би била добар кандидат за еден песимистички век? Зарем нејзината најдобра одбрана е, ми се чини, тоа што го спречува развојот на полоши системи, и најдобро се артикулира како начин луѓето да се осигруаат да не бидат излажани секој пат на ист начин.

Во Черчиловата изрека дека демократијата е најлош можен систем, ако одземеме сѐ останато, има одредена – но ограничена – вистина. Демократија беше најдоброто краткорочно средство за одбрана од недемократски алтернативи, но таа не може да се одбрани од сопствените вродени недостатоци. Грците знаеле дека демократијата веројатно нема да го сруши тоталитаризмот, авторитаризмот или олигархијата; многу поверојатно е дека ќе ја сруши сопствената расипана верзија.

Демократските системи се расипуваат причино брзо; се расипуваат јазично, или реторички ако сакате – тоа е Орвеловата поента за јазикот. Се расипуваат бидејќи малкумина се грижат за нив. Сетете се дека во Европска унија, чии парламентарни избори за прв беа одржани во 1979, со излезеност од 62 проценти, сега излезеноста е помала од 30 проценти, иако Европскиот парламент сега е позначаен од кога и да било, и иако има поголеми овластувања. Проблемот на одржување на интересот на луѓето за избор на свој предводник е добро познат. И причината зашто нам ни се потребни интелектуалци, како и сите можни добри новинари, е тоа што мора да се пополни просторот помеѓу двата составни дела на демократијата: помеѓу граѓаните и владата.

(...)

Извадок од последната книга на Тони Џад (1948-2010), „Промислување на ХХ век“, во издание на Penguin.

Извор: nybooks.com

ОкоБоли главаВицФото