Внатрешна надворешна политика

29.03.2012 12:42
Внатрешна надворешна политика

Пред некој ден колегата Александар Гољц, на страниците на Ежедневный Журнал, речиси збунет пред сопствената недоумица, пишуваше за „двојните стандарди“ кои важат денес во надворешната политика на Русија. Божем Путин немилосрдно критикувајќи ја Америка, практично целото свое внимание го насочува кон неа, додека Кина главно ја занемарува и дури често беспотребно ја фали. И тоа, во време кога нашата безбедност (макар и само теоретски) е многу позагрозена од страна на Кина отколку од Америка. Таа (Америка) по зборовите на авторот, и без нас има доволно проблеми. Овој парадокс Гољц го објаснува вака:

„Претпоставувам дека основната причина е зашто московските началници искрено мислат дека нивните кинески колеги се слични на нив, односно дека личат на нив. Но, тоа дека кинеските началници по некое време поминато на власт си заминуваат оттаму и веќе не се враќаат, тоа во Москва баш и немаат желба да го забележат...“

Ќе си ја дозволам слободата на сметка на тоа да го изнесам и своето скромно мислење. Мислам дека изборот на приоритети и селекцијата на непријателот може да се објасни не застанувајќи само на тие причини кои ги спомена Александар. Бидејќи и внимателен набљудувач ќе забележи дека основната смисла на денешната надворешна политика е да се постигне ефект на политиката која ја нарекуваме внатрешна. Односно, надворешната политика и по својата суштина е всушност внатрешна. Во низата останати прилози во Путиновиот предизборен циркус, во неделникот Московские новости се појави и статија со неговите ставови во врска со надворешната политика, и што се однесува до таа статија, за разлика од колегата Гољц, јас „претпоставувам“ нешто сосема друго и повикувам. Прва, а претпоставувам и единствена намена на тој прилог беше да нè воодушеви, нас, руските граѓани, за по читањето на тие огнени пасуси да се зголеми бројот на поддржувачи на националниот лидер.

А како се придобиваат поддржувачи? Многу едноставно. Советската пропаганда уште од многу одамна има смислено доста ефикасен начин. Се сеќавам, во прво одделение, мојата прва учителка кога влезе во училницата првото нешто што го што напиша на таблата со големи букви, беше: „Америка е нашиот непријател број 1“. Тие зборови низ целото школување им се повторуваа на учениците веќе неколку генерации наназад. Тие исти зборови од екранот на телевизорот секој божји ден им се соопштуваат на возрасните. Ние четириесет долги години живеевме под истата парола – сè до Горбачов. И тогаш настапи краток период на речиси пријателски односи – но, само до Путин. По неговото доаѓање на власт, сето тоа бесмислено зборување повторно излезе од старите куфери и тоа до таа мера освежено, што лепливиот мирис на стариот антиамериканизам денес нè излепи сите.

Да се сетиме само каква бурна реакција предизвика последната посета на нашите опозиционери на американската амбасада. И, што е најинтересно, никој никому не објаснува што има во тоа криминално. Дали самиот факт што некој го посетува американскиот амбасадор? Или сè уште се чудам на тоа – ако самото влегување во амбасадата на САД се изедначува со предавство, тогаш зошто амбасадата не е затворена?

Пред некој ден, или подобро речено, пред некоја ноќ, на каналот НТВ зборуваа за Ходорковски, а еден од неговите условни противници, бившиот претседател на Интерпол во Русија, Владимир Овчински, со страшен глас, во доверба ни достави податоци за тоа дека Ходорковски (секако) планирал да ја преземе власта, дека ги поткупувал членовите на државната Дума и дека – сега доаѓа тоа најстрашното – се дружел со Дик Чејни! Тоа во суштина е неговиот најголем грев! Ете зошто тој бил толку опасен за нашата земја! Па, не е сигурно! Дали навистина е тоа вистинската причина поради која Ходорковски веќе девет години гние во затвор? Поради дружењето со Чејни?

Ние треба да ги збиеме своите редови. А за збивање на нашите редови ни е потребен непријател. Запад, НАТО, и се разбира, во прв ред Америка, тоа се нашите проверени, таканаречени интимни непријатели. А Кина... Што Кина? Времињата на нашето непријателство се одамна заборавени. На островот Даманскиј не се сеќаваат дури ни оние кои за време на тие случувања беа возрасни. Кина им асоцира на луѓето на евтина облека и стока за широка потрошувачка, а не на закана од глобални размери, така што плашењето на народот со Кина може да донесе занемарливо мал број на политички поени.

И уште нешто. Да се плашат луѓето со Кина не е безопасно. Таа е навистина тука, сосема блиску, практично на дофат на рака. Од таа страна на границата има двомилионска армија и милијарда жители, а од нашата страна бескрајно пусто ненаселено пространство. Попаметно е да не им се „сугерираат“ на кинеските товарищи (другари) примамливи варијанти. И во ниеден случај не треба да ги лутиме. Значи, што повеќе од тоа.

А, бидејќи сите знаеме дека „Америте“ немаат апсолутно никакви планови во врска со освојувањето на нашите „богатства и одземање на нашите жени“, сосем е безопасно да се плаши народот со Америка. А Кинезите? Кој ќе ги знае. Затоа е подобро ние за нашата внатрешна употреба да употребиме некој таму далечен непријател, кој е навистина страшен, но за нас е сосема безопасен.

Извор: Ежедневный Журнал

Илустрации: Дејв Планкерт