Invest in Qatar

30.03.2012 09:28
Invest in Qatar

Проблемот со редовните седмични колумни некогаш е сличен како со работите кои треба да ги понесете на авион, каде што багажот е ограничен. Ова е посебно случај кога тие написи се и еден вид хроника на нештата кои се случиле во тие денови. Едноставно, многу нешта, а само еден куфер. Ова посебно важи за овие бујни пролетни денови, кога секој по својата надеж, а некој само за да си ги земе дневниците кои му следуваат, лета и патува некаде, а ти сакаш сѐ да забележиш. Па, како што секое штедење на зборови може да прејде на рима и поезија, така и овој проблем веќе е опишан во еден стих на турскиот поет, Орхан Вели Каник: „Невозможно е да напишеш поезија ако си вљубен, и невозможно е да не напишеш, ако е април месец!“

Првиот лет и најголема надеж е Катар. Откако се испостави дека имаме најмногу овци по глава на жител во регионот и дека споредено со просечната плата, најмногу од сите соседи издвојуваме за бензин, Катарците, навистина, можат да решат да отворат многу бензински станици во Македонија. Зашто, според оваа статистика, ептен курбан изгледаме. Проблем за спроведување може да стане само ако ги погледнат старите статистички податоци за населението. Велам старите податоци, зашто по ново се чини ги бројат само овците, нас луѓето веќе никој и не нè спомнува. А и Бранко Црвенковски го нема нешто да проговори за пописот, за кој ветуваше дека секој трет месец ќе го бара?! Така, според тие стари податоци, во Македонија има една третина муслимани, т.е. луѓе со иста религија како Катарците. Кога ќе погледнат на составот на нашата владина делегација таму, во која нема ниту еден муслиман, тие може да посакаат да инвестираат и во целовитоста на националната претставеност, па така да направат нешто повеќе. Да решат да направат нешто, за и муслиманите од Македонија некако да се просветлат. Па, следниот пат и некој муслиман да си земе дневница од овие владини патувања. Трет пат редум ги спомнувам дневниците, поради тоа што на крајот ќе излезе дека тоа е единствениот реален кеш. Тоа се пари кои, ете, пак ние, граѓаните курбани, ги плаќаме и така некако инвестираме во Катар.

Но, соработката со Катар е, навистина, голема надеж. Поради тоа што токму Катарците се првите во тој регион кои, кога другите правеа тргпвски центри, ним им текна да прават телевизија. Сега, кога сите од таму купуваат европски фудбалски клубови, може ним да им текнало да купат и некоја европска држава! Но, тоа е за долги рокови и само со комплетен попис. Ние не сме ни кралство, ни емират, па тоа е можно само со директна понуда од граѓаните, кои се носители на суверенитетот на државата. И тоа може да се случи, ако како граѓани им ја понудиме да ја откупат „Топлификација“. Проектот би се одвивал во неколку фази. Прво, граѓаните им пуштаат фактура на фирмите за топлификација поради тоа што цевките им поминуваат по становите, куќите, улиците и по државата. Притисокот го прават со тоа што конечно истражуваат дали членовите во Државната регулаторна комисија плаќаат сметки за парно? Потоа, граѓаните се организираат за извршување. И сета реализирана стечајна маса им ја нудиме на Катарците за купување. Изгледа малку чудно на луѓе од тропски краишта да им продаваш топлификација, но кога може тие кај нас да помислат да дојдат да бараат нафта, по толку копање од страна на Паско Кузман, можеме и ние да им ги продадеме откорнатите цевки од „Топлификација“.

Куферот е еден, а неделава имаше два лета. Летот за Брисел на Муса Џафери, со стоповер во Косово. Овој лет го лансираше Џафери во врвот на орбитата на популарноста кај македонскиот дел од јавноста. Тоа беше очигледно по насловните на весниците на македонски јазик, но и од фактот дека, дури сега, за првпат во текот на цели десет години од кои, овој Муса, цели осум години бил министер, се мислеше на него кога се пишуваше Џафери. Претходно тоа беше еден итар старец, кој, иако на многу пати беше близу, сепак беше паметен до толку што никогаш не ја презеде титулата војвода – Арбен Џафери. Од друга страна, токму заради косовската телевизија, овој лет од страна на Албанците беше виден како слободен пад. Ова различно гледање на еден ист лет, ќе се среди само кога Албанците ќе видат до каде ќе оди диференцијацијата на Косовците како поинакви и во какво маоистичко дистанцирање ќе се претвори тоа.

Што ако продолжи овој слободен пад, па за поинакви се прогласат речиси сите други во ДУИ? Па, Али Ахмети стана некој во албанската политика со Народното движење за Косово, Фазли Велиу речиси сите книги ги има напишано за таму, Хазби Лика потекнува од косовска фамилија, Скопје со сите партиски ограноци е Шкупи, кој бил историски центар на косовскиот вилает итн. Кој кого ќе дистанцира на крајот? Но, ова следење на падот ќе се одвива на албански и нема да биде достапно на македонски. За да биде на македонски, треба само едно присетување дека секој вистински играч повеќе се смее на автоголовите на противникот, отколку што им се радува. Така беше кога игравме маалски фудбал. Чуму славење, радост и насловни за автоголови, како овој последниот на Муса?

„Во куферот има место за солза и еден сон...“ (Дуле и Коки) Така солзата знае да биде конечниот исход од пцоста. Ако опцуеш или нарачаш навредлива карикатура, очигледно од нервозата поради најзначајната политичка средба на месецот, таа на американскиот амбасадор со лидерот на ВМРО-НП. Тогаш тоа е грешка и во ред и во обраќање. Место, по ред, да го прашаш токму тој лидер, Лубчо Георгиевски, што се случува кога нема да си воспитан кон американски дипломат. Или да се јавиш кај Сали Бериша, кој по падот во 1997 година стана толку конструктивен што, ако му се наложи, сега ќе дозволи дури и парада на педофили.

И на крајот, убавото нешто, како сон, ова недела, беше театарската претстава изведена сосема будно, од страна на Буден театар! Браво! Мене ми се разубави неделата, како и на сите лубители на театарот.

Извор: Фокус, 29.03.2012

Цветни инсталации: Шинџи Омаки

ОкоБоли главаВицФото