Природна Албанија или федерализација на Албанија

31.03.2012 13:57
Природна Албанија или федерализација на Албанија

Платформата за Природна Албанија, како и залагањето на одделни политички структури на Косово за обединување со Албанија како дел од проектот за создавање на Природна Албанија, предизвикаа сериозни политички дебати, вклучително и меѓу албанските политички партии во Македонија и на Косово, а која беше повод и за изјаснување на Премиерот на Р. Албанија Сали Бериша, со јасна назнака дека албанската влада не стои зад таквите проекти. Иако расправата по оваа Платформа на одделни лидери повеќе им послужи за подигање на сопствениот рејтинг отколку што е производ на продлабочени анализи, базирани на внатрешните и надворешните политички интереси и приоритети на Р. Албанија, на реалните политички процеси на балканскиот регион или, пак, на процесите на евроатланските интеграции и геополитички интереси, сепак појавата не е случаен продукт на „сонувачите“ на Голема Албанија и не без последици на политичката стабилизација на регионот. Гледано од еден друг агол се поставува клучното прашање: што, всушност, нуди Платформата – создавање на Природна (Обединета) Албанија или, пак, федерализација на Р. Албанија.

Но, пред да дадеме сопствен поглед на ова прашање, потребно е да се каже што, всушност, се бара со оваа Платформа.

Авторите на Платформата, создавањето на Природна Албанија го засноваат врз следните аргументи:

1. Врз историското наследство кое го поврзуваат со борбите на Ѓерѓ Кастриот – Скендербег против Османската империја во 15 век, со одлуките на Призренската лига од 1878 г., одлуките донесени во Валона на 28 ноември 1912 година со кои се прогласува незвисноста на Албанија, структурата на Владата избрана на 4.12.1912 и на Националното Собрание во кое од 63 пратеници 16 биле од Косово, од Скопје како тогашен центар на Косовскиот вилает и од некои другите градови и 7 претставници од Чемерија – дел од територијата на денешен северозападен Епир во Грција, населена со албанско население кое, за време на војните, е протерано или ликвидирано од страна на Грција.

Платформата исто така се повикува на одлуките на Бујанската конференција од 31. 12. 1943 г. до 1-2 јануари 1944 г. со која се бара обединување на Косово со Албанија и се истакнува ставот дека „најдобар пат за Албанците да се обединат со Албанија е заедничката борба со народите на Југославија“. Исто така се наведуваат одлуките на Конгресот одржан во Лушња на 31 јануари 1920 година, со кои се укинува статутот усвоен од Лондонската конференција на амбасадорите според кој, Албанија била прогласена за „принципат“ под контрола на Големите сили, односно се бара за судбината на Албанија да одлучува самиот албански народ, како и на други документи и настани се со цел да се докаже историскиот континуитет за создавањето на Природна (Голема) Албанија. Посебно се нагласува дека Платформата се базира и на преамбулата на Уставот на Република Албанија во која се наведува дека правото на национално обединување е вековно настојување на албанскиот народ и други документи.

2. Според авторите на Платформата, обединувањето на Косово со Албанија и основањето на Природна Албанија би требало да се одвива во неколку фази:

- промена на уставите на двете држави со цел да се создадат уставни основи за отпочнувањето на постапката која би ја водел Совет на мудрите, во чиј состав би влегле научници и експерти и кој би бил раководен од Претседателите на Република Албанија и Република Косово;

- втората фаза би била основање на Конфедерација на Албанија и Косово со истовремено развивање на федерализација на Република Македонија. Прашањето на Чемерија би било поставено до ниво на признавањето, од страна на Република Грција, на геноцидот врз албанското население, примена на одлуките на Потсдамската конференција од 1945 г. и признавање на правото на протераните Албанци да се вратат во своите домови во Чемерија;

- последна фаза би била создавање на единствена држава во чиј состав би биле и одредени етнички малцинства.

3. Територијално, таквата Природна Албанија, покрај територијата на Република Албанија и Република Косово, треба да опфати делови од Република Македонија, Република Црна Гора, Прешевската долина, како и дел од Источниот Косовски вилает. Иако се повикуваат на одлуките на Призренската лига, во оваа Платформа не се опфатени делови од Санџак со Сјеница и Нови Пазар, за што своевремено се залагале Ферхат Драга и Хасан-бег Приштина со цел да се зголеми муслиманското население, како и делови од северозападниот дел на Грција до градот Јанина.

Иако голем дел од тврдењата врз кои авторите ги засноваат ставовите во Платформата се историски недоречени и бараат сериозна критичка анализа, а некои се и провокативни и се израз на големонационалистичките погледи кои се карактеристика на сите балкански големо-националистички проекти низ историјата па сè до денес, сепак, заради ограниченоста на просторот, би се задржале само на некои прашања од аспект на тоа што, всушност, нуди Платформата – дали обединета или, пак, конфедерализирана, односно федерализирана, мултинационална и мулти конфесионална Албанија.

Имено, основната карактеристика на албанското национално движење, покрај присутните големо националистички претензии, е определбата дека секој е Албанец независно од верата и нацијата. За времето на владеењето на Енвер Хоџа тоа се издига до догма – „Најголемата вера на Албанците е Албанството“. Целта била да се постигне целосна хомогенизација во услови на мулти конфесионални и мултинационални односи од една страна и надворешните влијанија од друга. Негирањето на правата на националните малцинства по создавањето на независна Албанија, раселувањата, промена на топонимите, на личните имиња кои имале словенско или грчко потекло, а во последно време и бришењето на националниот идентитет од матичните книги доведуваат до целосна маргинализација на националните малцинства, односно до состојба на Албанија како еднонационална држава. Со Платформата и покрај одредени декларативни определби овој принцип се напушта и новата Природна Албанија станува мултинационална и мултиконфесионална, конфедерална и/или федерална држава, со бројни отворени проблеми кон соседите.

Гледано од историска перспектива, по прогласувањето на независноста на Албанија во 1912 година во оваа земја е константно присутен отпорот кон претензиите на „Косоварите“ да владеат со Албанија, што доведувало дури и до физички ликвидации на многу истакнати лица меѓу кои и на Хасан Приштина (13 август 1933 година во Солун) и др. Неспорно е дека албанското државно раководство, вклучително и во времето на Енвер Хоџа, ја подржувало борбата на албанското малцинство во соседните држави, но никогаш не истапило со барања за обединување и создавање конфедерација или федерација со Косово. Кон крајот на 1960-те и почетокот на 1970-те години одделни политички структури на Косово го иницираат прашањето за обединување со тезите дека развиеното Косово ќе владее со неразвиената и изолирана Албанија. Единствено во таа насока се ставовите на Бујанската конференција, но и тие мора критички да се анализираат за што всушност станува збор. Како и да е, политичкото уредување на новата Природна Албанија мора да биде така уредено да ја изразува новата структура во Парламентот, Владата, управните структури, да ги прифати принципите на плуралистичката демократија во поглед на организирањето на политичките партии и изборниот систем, уставно и во структурите на власта да ги обезбеди правата на националните малцинства кои нема да бидат само маргинални структури, да ја прифати мултиконфесионалноста која квалитативно ќе биде променета и сл.

Дали народот во Република Албанија е подготвен на вакви решенија, е битно прашање дотолку повеќе ако се знаат културолошките и други разлики кои се сè уште присутни помеѓу Тоските и Гегите, ако се знае дека секое менување на границите во регионот е истовремено и негова неминовна дестабилизација, со сите последици кои од тоа произлегуваат, и ако се знае до што доведоа „големо-националистичките проекти“ во не така дамнешното искуство на Балканот. Посебно е прашањето дали Република Албанија ќе се откаже од своите приоритети сврзани со европските интеграции, особено по приемот во НАТО, носејќи го притоа бремето на отворени конфликти со своите соседи, односно да ја пропушти својата историска шанса за балканска и европска интеграција, која прв пат ѝ се пружа по нејзината независност, како заради систематското изолирање од страна на соседите Кралството СХС и Грција меѓу двете светски војни, така и заради изолационизмот кој ѝ беше наметнат од страна на режимот на Енвер Хоџа. И сето тоа заради интересите на одредени политички профитери. Време е да се пробудат сонувачите за Природна Албанија и сите оние кои сè уште ги сонуваат големонационалните проекти карактеристични за 19 век. Живееме во 2012 година.

27 март 2012

Илустрации: Кристоф Рукаберле

ОкоБоли главаВицФото