Уметничката група Blue Noses

07.08.2009 14:06

Нивните дела се граничат со пародија, кловновство, социјална критика, но никогаш не знаете во кој правец тие ќе тргнат.

Путин, Буш, Хари Потер, чеченските терористи, Олег Кулик, феминизам, Ленин или Џејмс Бонд - се галеријата на медиумски икони кои тие ги користат во своите перформанси...


Во продолжение ви го пренесуваме интервјуто со двајцата членови Александар Шабуров (Саша) и Константин Скотников (Коста)


- Од каде се Blue Noses?

Саша: Слава и Константин се од Новосибирск.

Коста: Саша е од Екатеринсбург. Од гледна точка на Москва ние сме провинцијални уметници: Новосибирск, Свердловск, Екатеринсбург, но не заборавајте колку всушност се големи тие провинции...

Саша: Јас, на пример, сум од Екатеринсбург, кој се наоѓа кај Уралските планини. Тоа е во сосема разли на насока од Сибир. Но, во Москва дознав дека за локалното население, јас сум од Сибир и дека сум сибирски уметник.

Коста: Во Москва нè прогласија за Сибирска група. Во1999, кога реализиравме еден проект во Новосибирск. Дванаесет уметници од различни земји се собраа во обид да се забавуваат и така започнаа да си играат наоколу фотографирајќи и снимајќи видеа. Резултатот беше видеото наречено Blue Noses во кое беа поместени четиринаесет перформанси што беа таму направени.

Нашиот пријател Слава Мизин го извади синото капаче од едно пластично шише го стави на својот нос и потоа тоа го сними. И останатите учесници го направија истото и така настанаа четиринаесетте перформанси. Подоцна видеото беше претставено во Москва и од тогаш сите уметници од Сибир ги нарекуваат Blue Noses.

Во еден случај кога Саша и Слава учествуваа на триеналето во Вилнус имаа резервирано соби во еден хотел, но на рецепцијата немаше резервација со нивните презимиња Шабиров и Мизин. Наместо презимињата тие од страна на организаторот биле заведени како Саша Blue Noses и Слава Blue Noses.

Имавме уште еден пријател, Максим Зонов, тој беше петтиот член на Blue Noses, но тој загина во собраќајна несреќа. Тоа не е важно, сега сме четворица. Најпознати членови сега се Саша и Слава, бидејќи тие беа на Венециското биенале и поради тоа што Саша живее во Москва, а Слава таму често оди.

- Но вие работите сите заедно, така?

Саша: Работиме по двајца или тројца во зависност од тоа што работиме во моментот и во зависност од можностите. Тоа е задоволство, а не потреба...Пред сè, ние сме пријатели така што тоа ни е најважно, да бидеме заедно, да бидеме пријатели.

Коста: Одвреме-навреме одам во Москва. Таму спијам во собата на Саша и се чувствувам добро кај него.

Саша: Не во мојата соба туку во соседната. Тој таму живее, јаде и пие. И си разговараме.

Коста: Саша е многу добар домаќин. Секогаш сум среќен кога одам кај него во посета. Никогаш не се расправаме и не ја делиме работата бидејќи тоа би било почеток на крајот.

Саша: Минатата година направивме неколку видео скици по аеродромите . Ги нарековме Airport Art. Бидејќи многу патуваме, одлучивме да направиме изложба со туристички теми. Имаме некои снимки од Париз, Реми итн...

- Се чини дека Сибир може да биде добар за промоција на уметници. Луѓето се заинтересирани за изолирани уметнички средини...

Коста: Не, не е така. Нè прави различни од руската уметност. Тоа не е уметност од Москва, уметност од Главниот град. Ние се разликуваме не само тематски туку и етнографски. Нашата околина (опкружувањето е специфично, животот изгледа различно. На кратко, хероите живеат во Сибир, а луѓето од престолнината не можат да си замислат што значи тоа. Русија е голема и многу работи се случуваат во исто време, но, не сме дел од руската уметност. Одбравме различен пат. Неодамна, во Москва имавме сериозен проблем. Сите говореа за тоа како во филмот Армагедон има карактер на руски астронаут. Тој има брада, валкан е, цело време пие и трча со чекан по вселенскио брод. Московските културњаци напишаа отворено писмо, како прашање од државна важност. Тоа не е возможно, да одбереш руски астронаут и преку него да го претставиш рускиот човек како некорисен алкохоличар.

- И? Имаше ли некаков одговор?

Саша: Не знам, но тоа не е важно. Можеби ништо и не се случило. Русија е голема земја каде многу работи се случуваат и тоа што било порано повеќе не постои.

Коста: Една жена, гледајќи една наша слика, каде глумиме бездомници, рече: Тие не се бездомници, тие имаат интелигентни раце. Овие коментари се важни за нас поради тоа што се поразбирливи за луѓето во Америка. Сликите од Советската империја, кратки приказни за луѓето што ги изгубиле своите семејства, работата, автомобилите.

- Географската големина на државата овозможи некој вид креативна слобода?

Саша: Одбираш што ќе работиш, кои ќе бидат твоите теми, кого ќе среќаваш и ако реагираш на конкретните, современи случувања -повеќе ќе бидеш интересен за другите луѓе. Откако учествувавме на неколку интернационални изложби видовме дека нашите слики, видеа, направени во кујна, им нудат на луѓето интересни теми, претставени на необичен начин.

И кога одлучивме да го избереме јазикот на мас-културата мас-информациите, тероризмот, Бин Ладен - нашата публика се зголеми.

Коста: Темите за промените ни ги даваат овие можности, промената на атмосферата во нашата земја. Пред пет години не беше така. Пред пет години, јас седев во Сибир и не правев ништо.

 

- Како го објаснувате вашиот успех?

Саша: Современата уметност во уралските планини се разви по Втората светска војна.

Во Москва има многу уметници кои не се познаваат меѓу себе. Има многу галерии ориентирани во различни насоки кои не комуницираат меѓу себе. Немаат шанса да комуницираат и поради нивната ориентација немаат потреба да комуницираат. Во Свердловск, мојот дом, кога ќе направиш нешто, луѓето се заинтересирани, сакаат да комуницираат со вас. Еднаш кога направивме проект во локалниот дом на култура, тој ги заинтересира сите - и децата и постарите луѓе. Нашата уметност не му припаѓа на одреден круг на луѓе. Не дели теми со некој друг. Тематски, таа е популистичка. Исто како МТВ. Еден мој пријател има шестмесечно бебе кое научи да ги менува каналите на ТВ. Тоа може да седи во едно место четириесетина минути и да гледа МТВ. Еднаш им го пуштив нашето видео - Blue Noses Against Russian Mafia - и детето го гледаше со истиот интерес како што гледа МТВ. Во Новосибирск ги пуштаат нашите видеа во барови. Онака, како клипови за забава.

- Како другите локални уметници гледаат на вас?

Коста: Во Новосибирск на сцена се традиционалистите. Тие се ограничeни и некомуникативни. Нè обвинуваат за дилентантизам. Моите студенти на Државниот институт за архитектура, каде што предавам, се многу почуствителни за современата уметност. Односот, пак, на другите предавачи е како на оние од минатиот век.

- Дали можете да ја видите разликата помеѓу рускиот и не-рускиот гледач? Големо е влијанието на руската политика и историја во вашата уметност.

Саша: Нема разлика помеѓу рускиот и не-рускиот гледач, навикнати сме на поширока публика. На Венециското биенале имаше посетители и од Африка и тие ги сфатија нашите шеги со Путиновата глава. Путин не е само политичар кој се претставува себе си во медиумите, туку и карактер од реалниот, секојдневниот живот. Нашата уметност е разбирлива и за човекот од улиците, бидејќи фокусот на нашиот хумор е универзален, валиден за секого и допира до секого. Нема скриени кодови. Се разбира, ние реферираме на одредени факти, но тоа не е најважната работа. Секој човек со смисла за хумор би требало да ги разбере нашите филмови, со исклучок можеби на некои болни или тажни луѓе.

- Дали можете да заработите пари од вашите филмови?

Саша: Не е возможно да се заработат пари од уметност. Нашата уметност не е исклучок. Нашите проекти се спонзорирани од различни асоцијации. Тие, исто така, ги поддржуваат и интернационалните изложби и одлучуваат што е интересно, а што не е, во моментот.

Коста: Предавам на Државната академија во Новосибирск. Предавам цртање, сликање и скулптура на студентите по архитектура. Јас исто така студирав архитектура. Слава Мизин, исто така е архитект. Повеќето уметници во Русија имаат постојани работни места од кои заработуваат нешто, на пример работат во музеи. Претходно, на нашиот институт немавме никакви предавања за современа уметност, само современа архитектура, а јас токму тоа го предавам сега. Убаво е да се има таков вид работа.

Во однос на нашата работа ние сме професионални уметници, но во сферата на финансиите, ние сме аматери. Аматерски клуб. Се навикнавме на тоа. Тоа е некој вид симулација. Уметникот работи нешто, но во очите на другите тој не работи ништо и поради тоа, тие сметаат дека тој треба да си најде некоја достојна работа. Луѓето не се навикнати да ги перципираат уметниците како луѓе што работат.

- Во едно Ваше видео работевте заедно со Олег Кулик. Се шегувавте на негова сметка нарекувајќи го алчниот Московски маестро. Каков е вашиот став за него?

Коста: Сакаме колажи. Го видовме како се преправа дека е куче лаејќи им на луѓето. Тој е харизматичен, талентиран, преполн со идеи. Тој е многу успешен. Благодарејќи на него, ние успеавме да го претставиме видеото Absolut Art. Олег бараше некои млади свежи уметници, но не можеше да ги пронајде. Потоа, тој ги виде Blue Noses и нè повика. Тој е одличен пријател. Сака добра храна и пијалаци.

- Како се релаксирате?

Саша: Зависи. Кога дојдов во Москва во 1999-та, често одев по барови. Пред две години останав дома лежејќи на каучот и гледав телевизија. Не излегував никаде.

Коста: Знаеме како да сурфаме на Баренцовото море на сноуборд. Но, важно е претходно добро да се најадеш и напиеш. А кога патувам, тогаш се одмарам. Прага, Вилнус, Атланскиот океан, сноубординг-патувањата се мојата лична психотерапија.

- Мафијата е една од вашите големи теми. Што мисли руската мафија за вашата уметност?

Саша: Би било прекрасно ако руската мафија купи некое од нашите дела за многу пари!

- Што ќе правите кога ќе ја добиете државната награда?

Саша: Таквите работи не се од голема важност. Тие не значат ништо. Во нашите соништа ние не можеме да размислуваме за тоа како ќе бидеме наградени со тоа да си обезбеди слободно место под сонцето. Но, сè зависи и од руската мафија, која, на пример, контролира многу аспекти од животот во нашето општество.

- Каков е Вашиот однос кон Православната црква во Русија?

Саша: Во времето на советскиот режим, религијата беше ставена на страна и не и’ се обрнуваше толкаво внимание како што е тоа денес. Сепак, треба да се истакне дека во Сибир луѓето не се толку религиозни како што се со Москва. Прилично е неприкладно да се види рускиот претседател како пали свеќи во црква. Замислете, откако го читавме Дарвин...! Луѓето, денес, не знаат што е добро, а што е лошо. По падот на комунизмот тие ја изгубија својата идеологија и беше потребно таа да се замени со некоја друга. Да се сочуваат луѓето во единство. Така, денес, православната црква ја има моќта на мафијата.

Коста: Баш сега во февруари ја симнаа мојата изложба во Домот на култура во Новосибирск. Ми рекоа дека може да предизвика негативни реакции од страна на црквата. Таа изложба беше критика на православната спиритуалност. Но, во Москва ситуацијата е уште полоша - таму има голема концентрација на црквеноподвижниците.

- Сакате да кажете дека во Русија постои цензура?

Коста: Не се работи за цензура во буквална смисла на зборот, туку тоа се одредени индивидуалци или сили на комплексниот систем кои велат: Сега православната црква ќе протестира. Конзервативните луѓе во Новосибирск кои единствено ја прифаќаат традиционалната уметност напишаа отворено писмо до градоначалникот и до директорот на Домот на култура, во кое предупредија дека поради мојата изложба тие ќе ја изгубат можноста за понатамошни финансии. Така, таа беше симната.

Сибирската културна реалност, народната уметност, сите свират хармоника, ја слушаат Ала Пугачева и пеат частушка. Младите уметници се радикално против тоа, ние не сме. Велиме ОК. Нека свират и пеат... но, нека нè толерираат.

Направивме едни прстени од картон и си ги ставивме на нашите задници, потоа направивме видео. Луѓето повторно напишаа писмо до градоначалникот укажувајќи му дека нашето дело ги поддржува хомосексуалците. Најверојатно, тој ќе го цензурира овој проект со цел да ја смири ситуацијата. Не знам како картонските прстени на нашите задници можат да бидат пропаганда за хомосексуалците.


избор и превод: Ѓорѓе Јовановиќ

ОкоБоли главаВицФото