Боливиска успешна приказна

03.04.2012 10:17
Боливиска успешна приказна

Габриела Овиедо е манекенка и телевизиска презентерка. Таа е 28-годишна бринета, висока речиси два метри. Родена е во боливиската провинција Санта Круз, а во 2003 година победила на националниот натпревар за Мис и така се квалификувала за глобалното натпреварување „Miss Universe“. Таму е запрашана да ја наведе најголемата заблуда во врска со својата земја. На лош англиски, таа одговорила: „Хм... за жал, луѓето кои не знаат многу за Боливија често мислат дека ние сме исклучиво индијански народ. Тие мислат дека целата земја изгледа како Ла Паз, дека луѓето се сиромашни, многу ниски и домородци. Јас сум од другиот дел на земјата, источниот дел, и таму не е толку ладно, всушност, многу е топло и ние сме високи, бели и сите зборуваме англиски“.

Одговорот на Габриела, полн со расизам, предизвика бранови бес во нејзината земја што резултираше со принуда да се откаже од понатамошното натпреварување во изборот за Мис на светот.

Двајца од тројца жители на Боливија имаат домородно потекло. Нејзиниот одговор, меѓутоа, не е изолиран инцидент. Тој претставува упорност на белата и длабоко антидомородно настроена Боливија, која и денес преживува иако се воведени суштински промени, вклучувајќи и усвојување на закон против расизам.

Наспроти силата на расната дискриминација, на 22 јануари 2006 година, припадникот на Ајмар Индијанците и водач на синдикатот за производство на кока, Ево Моралес, е избран за претседател на државата. Оттогаш, боливиската држава и општество поминаа низ длабока трансформација.

Земјата е деколонизирана. Домородните народи почнаа да добиваат клучни функции во владата како и во политичките институции, додека стандардот и квалитетот на живот се видно подобрени. Во последните 6 години, Боливија станаа една од најуспешните латиноамерикански држави во областа на подобрување на стандардот на живот на своите граѓани. Економските индикатори како што се ниската невработеност и намалувањето на сиромаштијата, како и подобреното здравство и образование, се неверојатно задоволувачки.

Меѓу 2005 и 2010 година, процентот на оние кои живеат во умерена сиромаштија паднал од 60% на 49,6%, додека екстремната сиромаштија го намали својот процент од 38% на 25%. Исто така, стапката на невработеност паднала од 8,4 на 4 %.

Програмата на Обединетите нации за развој (UNDP) истакнува дека Боливија е во врвот на земјите од Латинска Америка по прашањето на распределба на ресурсите на најранливата популација – 2,5 % од бруто општествениот производ оди за најзагрозените.

Според Алисија Барсен, извршна секретарка на економската комисија на ОН за Латинска Америка и Карибите, „Боливија е една од малкуте земји што ги намалуваат нееднаквостите, јазот меѓу богатите и сиромашните е неверојатно намален“.

Една од клучните мерки во намалувањето на сиромаштијата беше експанзивната дистрибуција на економскиот суфицит преку директни трансфери на пари и обврзници како и преку зголемување на платите.

Тие исплати придонесоа да се зголеми бројот на деца кои посетуваат училиште, како и граѓани кои примаат пензија, за да им се помогне да се оттргнат од канџите на екстремната сиромаштија. Исто така, зголемени се субвенциите за мајките кои се исклучени од системот на социјално осигурување, со што е намалена смртноста на новородените деца. Боливија прогласи борба против неписменоста во земјата. Со прераспределба е постигнат раст од седум проценти во полето на потрошувачката на електрична енергија, пречистената вода и домашниот гас, со што овие благодети им се овозможиле на оние кои досега ги немале.

Во текот на 2011 година, економијата на земјата пораснала за 5,3 проценти над латиноамериканскиот просек. Тоа, меѓутоа, не беше изолиран раст. Економијата константно е во експанзија уште од 2007 година, просечно 4,5 проценти годишно.

Тие економски и социјални успеси се постигнаа со спроведување на „алтернативен неолиберализам“. Владата на Ево Моралес правеше сè спротивно од тоа што Вашингтонскиот консензус го препорачува: ги национализираше електроенергетскиот, телекомуникацискиот и рударскиот сектор, повторно преговараше за учество на директни странски инвестиции во земјата, имплементираше експанзивни фискални мерки и ја затвори границата за слободен увоз на економски стратешките производи.

Државата презеде 34 проценти од економијата под своја контрола.

Приходите од нафта сега се трипати поголеми од тие во 2005 година, исто како и приходите од данок. Меѓународните резерви на пари денес изнесуваат повеќе од 12 милијарди долари. Банкарскиот систем за штедење и кредитирање е „боливизиран“ а надворешниот долг е намален. Целта е сега Боливија да направи „голем индустриски исчекор“ во наредните пет години така што да не мора да се потпира само на експлоатација на природните богатства туку да почне со извоз на стоки и услуги. Меѓутоа, боливиската успешна приказна нема ништо со „прогресот“ туку со имплементацијата на алтернативната економија, таа која потекнува од народот и нацијата.

Во центарот на тој предлог е „Сума камања“, термин кој е вграден во уставот и кој е преведен како „добросостојба“, што претставува хармонија и рамнотежа на луѓето и природата. Тоа е предлог кој е роден во заедниците и кој не е базиран на логиката на економската профитабилност, туку на производство на добра во согласност со природата.

Како што вели Ево Моралес: „Ние не веруваме во линеарен, кумулативен концепт за напредок и во неограничениот развој на сметка на луѓето и природата. Да се живее добро значи да не се мисли само на приходот по глава на жител, туку и на културниот идентитет, заедницата, хармонијата меѓу луѓето и со мајката природа.“

Раул Гарсија Линер, еден од најважните боливиски политички стратези, го опишал сегашниот процес, трансформациите во неговата земја, како обид да се промени моторот на автомобилот додека истиот е во движење.

Нема сомневање дека е оригинален, храбар и охрабрувачки обид.

Извор: Guardian