Живот, а нема излез

03.04.2012 12:47
Живот, а нема излез

Две книжевни сцени совршено ми го доловуваат македонскиот миг. Во првата сцена едниот лик му покажува на соговорникот парче кварц во коешто има, како што ликот вели, „малку заробена вода постара од сите мориња на нашиот свет“. Првиот лик го принесува кварцот до увото на вториот лик: „Слушај“, вели тој, „живот, а нема излез“.

Втората сцена е од „Гарганутуа и Пантагруел“, славниот роман на Франсоа Рабле. Во таа сцена џинот Пантагруел со својот огромен исплазен јазик успева од дожд да ја заштити целокупната војска сместена на едно поле! Потоа следи описот на доживеалиците на писателот Алкофрибас во устата на Пантагруел. Паѓајќи во зјапнатата уста на џинот, Алкофрибас таму затекнува цел еден таинствен свет; пространи ливади, шуми, утврдени градови. Во устата тој открил повеќе од 25 кнежевства! А жителите кои живеат во устата на Пантагруел убедени се дека нивниот свет е постар од земјата.

Македонија: „живот, а нема излез“; „малку заробена вода постара од сите мориња на нашиот свет“. Македонија: 25 кнежевства во устата на Пантагруел.

Зошто пишуваме за книжевноста обидувајќи се да ги разбереме политиката и стварноста? Затоа што груевизмот ни покажа дека самата реалност има структура на фикција; дека таа е симболички (или „општествено“) конструирана. Жижек вака го сфаќаше Лакан: за воопшто да се воспостави општествената реалност нешто мора да биде примордијално задушено; нешто што не може да се симболизира, така што настануваат призрачни фантоми за да се исполни јазот на она што не може да се симболизира. „Призракот не ја крие општествената реалност, туку го крие она што примордијално мора да се потисне за општествената стварност да може да настане.“

Се сеќавате на лудиот психоделичен филм на Тери Гилиам, Fear and Loathing in Las Vegas? Филмот зборува за од дрога и алкохол искривените перцепции. Тој драг филм ме потсети и на славната реклама за Смирнов вотка која исто зборуваше за искривоколчувањата на „стварноста“, за прекршените димензии низ кои ја доживуваме: камерата лута низ палубата на еден луксузен прекуокеански брод, но погледот на камерата е „искривен“ со помош на шишето вотка кое келнерот го носи на послужавник; и секогаш кога тој ќе помине покрај некој предмет прво го гледаме тој објект онаков каков што е во секојдневната реалност, а потоа, кога проѕирното стакло се попречува помеѓу нас и објектот, за момент го гледаме објектот поместен во некои фантастични димензии: двата господина во вечерни костуми се преобразуваат во два пингвина, ѓерданот на вратот на една госпоѓа во жива змија, скалите во клавијатура на клавир итн.

Зборот ми е, груевизмот сè помалку може да се анализира или насочува со некој нормален политички или теориски дискурс. Режимот на „Драгиот водач“, тој своевиден „Балон на вампирите“, е толку многу забеган во своите аутистични светови што на критичката јавност (или барем на оној дел од јавноста што со цевки се обидува да прошмрка троа воздух надвор од стакленото ѕвоно) ѝ преостануваат само метафорите и сатирата. Само изобличувачките огледала можат да ја доловат целата историска и политичка забеганост на нашите владетели („балонот на вампирите“, инаку, може да се замисли и како оние стаклени топки што се ставаат над телевизорот и се превртуваат кога треба да падне „снег“ или кога она што било долу ќе треба волшебно алхемиски да стане горе).

На крај, една историска забелешка за огледалата. Во Италија во 16 век била потребна дозвола од Папската држава за поседување огледало. Можеле да ве затворат поради поседување огледало дома, ако сте немале дозвола, оти било забрането, како нешто што смрди на кривоверие. Ако имаш огледало, ти си потенцијален кривоверник. Дури подоцна на Запад огледалата стануваат достапни за домаќинствата, а дотогаш биле мошне скапи предмети резервирани за богатите, бидејќи токму тие ја развиле помодната практика на огледување (спекулирање). Спекулирањето можеби било форма на еретичко, гностичко гледање во огледало како некаква вежба на медитација – предолгото гледање во огледало било нарекувано спекулација. Изворниот збор спекулација значи гледање во огледало.

Цртежи: Miju Lee

Kako vicot so rorsharoviot

Kako vicot so rorsharoviot test, koga pacientot na kraj rekol: Jas li sum kriv sto celo vreme mi pokazhuvate p...? Taka i Gelevski, ne samo kaj Rable, toj Gruevski ke go vidi i da mu pokazesh vrata od natkasna.

Не Груевски - туку

Не Груевски - туку груевизмот. „А жителите кои живеат во устата на Пантагруел убедени се дека нивниот свет е постар од земјата.“ Зарем ова, Шесто сетило, ти личи на нахткасна?
„Македонија - малку заробена вода постара од сите мориња на нашиот свет.“ Зарем не е поетична споредбата? И во суштина точна, зашто зборува за шашардисаноста на еден дел од Македонците кои се жртви на своите манипулативни (а некои од нив и луди) водачи.
Гелевски во својот текст зборува за релативноста на перцепцијата, на претставите за стварноста. Со таа перцепција најчесто (се трудат да) управуваат моќниците. И добро е, еманципаторски, слободарски, тие перцепции и претстави постојано да се преиспитуваат. Во тоа е смислата на целата уметност, а богами и на новинарството. Коишто Гелевски во текстот фино ги испреплетува, не по прв пат.

Коља, пак си забораил тоа

Коља, пак си забораил тоа пилулите. Почна да збориш у трето лице.

Има црвена и сина пилула,

Има црвена и сина пилула, идиотче. Ти на која си?

Силување во самоодбрана :))

Силување во самоодбрана :)) жива трагикомедија :))

„супер е се', само малку

„супер е се', само малку катастрофа“ - ова како мал пандан на „живот, ама нема излез“...

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото