Баналната смрт на македонската уставност

04.04.2012 09:39
Баналната смрт на македонската уставност

Се работи за жаба и сад со врела вода. Ако ја фрлите жабата во садот таа ќе ја почувствува врелината пред да ја допре водата и ќе отскокне од нејзината површина, вон садот, на безбедно. Ако, меѓутоа, ја ставите жабата во сад со ладна вода, и потоа водата постапно ја загревате до вриење, жабата ќе се адаптира на сè пожешката вода, а потоа ќе загине сварена, без да се обиде да скокне од садот.

Очигледно дека адаптибилноста и трпеливоста, како универзално омилени стратегии за преживување, не гарантирааат во сите ситуации позитивен исход. Така, на пример, дневното прилагодување на Македонците кон непрекинатото кршење на Уставот и законите од страна на власта обезбеди рушењето на општествените темели – уставноста, правната држава и поделбата на трите власти граѓаните да го примат „на лажица“, мирно и дури незаинтересирано. Факт е дека денес нашата држава, практично во целина, функционира спротивно на Уставот, зашто режимот на Груевски de facto ги претвори сите уставни институции во негови извршни органи. Неформалната суспензија на Уставот е на сила во сите области на животот, без каква било реакција на „адаптираното“ општество. Ова ќе ви го насликам преку познат пример.

Сите споменици од кошмарната визија „Скопје 2014“ владата на Груевски финансиски ги реализира преку општината Центар која, пак, овие буџетски пари ги троши преку нејзината „Програма за одбележување на значајни настани и истакнати личности со спомен-обележја“. Меѓутоа, во „Законот за меморијални споменици и спомен-обележја“ сосем јасно е утврдено дека во надлежност на општините е подигање само на спомен-обележја за настани и личности исклучиво од локално значење (член 4), па сите споменици од „Скопје 2014“ се, според законот, во категоријата „меморијални споменици“ (член 3) кои „може (и смее) да ги подига (единствено) Собранието на Р. Македонија“ (член 5). За да ги заобиколи законот и Собранието на Република Македонија, спомениците што ги гради режимот – дрско и инфантилно - ги нарече спомен-обележја, а настаните и личностите од државно значење ги квалификува како локални.

Значи, државниот криминал со кој Владата и општината Центар – наместо Собранието – ги подигаат спомениците, до ден-денес, на институционално ниво, никому не попречило. На ниту една од трите власти, на ниту една институција на системот. Очигледно е дека Груевски, за да го спроведе незаконскиот споменичарски карневал во слава на својата тоталитарна власт, ги наведе на антиуставен криминал Владата, градот Скопје, општината Центар, државните инспекторати, јавното обвинителство, практично сите извршни органи на централната и локалната власт, потоа Собранието на РМ, судската власт и, на крајот, Уставниот суд. Сите институции на системот се самопоништија од аспект на нивната уставна улога, било тоа да е со активно кршење на законите и Уставот, било да е тоа со нечинење и молк.

Доколку во земјата постои уставна поделба на властите, макар „во траги“, би следела реакцијата на македонската парламентарна власт, бидејќи, според законот, се работи за узурпација на нејзина оригинерна надлежност. Собранието на РМ не само што е надлежно да одлучува за спомениците, туку за секој споменик мора да одлучува поединечно (член 8) и тоа со најспецијалното мнозинство на светот – славното „бадинтерово мнозинство“. И, каква беше реакцијата на законодавната власт на фактот дека една општина со програма уредува работи од собраниска надлежност и практично го суспендира парламентот? Собранието воопшто не реагираше на фактот дека му е одземена надлежноста. Никому ли таму не стана сомнително што од 88 споменици собранието не одлучувало ниту за еден? Испаѓа дека собранието за одредени надлежности е функционално распуштено, но тоа продолжува да ја игра парламентарната претстава, небаре ништо не се случило. И така, иако суспендирано и потонато во неуставна декоративност, Собранието продолжува „нормално“ да функционира и да го дува својот редовен репертоар, адаптации на весели маршеви и валцери, како симпатичен син оркестар за блех музика, кој во темнозлатен одблесок, црвени ленти околу шапките и весели но бесмислени кокарди и ширити, ги развеселува минувачите во лежерните неделни пладниња…

Уште поинтересна е реакцијата на носителите на правото со кое одлуките на Собранието „мораат да имаат мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Р. Македонија“. Како реагираа оние кои за ова право во 2001 г. кренаа вооружено востание, практично граѓанска војна, во која загинаа стотици млади луѓе, а земјата се доведе до работ на пропаст? Повторно, никако. Со кој опијат се анестезирани овие народни пратеници, кои редовно и бурно реагираат на погрешни зборови (во некоја енциклопедија, на пример), кога упорно забораваат да забележат дека им е одземено со крв платеното право и надлежност!? Повеќе од јасно е дека и овој незаконски молк е платен со некоја опскурна валута која, без сомнение, уште повеќе ја негира уставноста.

И, конечно, да видиме што направи Уставниот суд, таа последна тврдина на македонската уставност? Уставниот суд се прогласи за ненадлежен! Цитирам: „да одлучува по однос на целисходноста и оправданоста на таквата определба на општината...“ Да, добро прочитавте: судот се прогласи за ненадлежен да одлучува за определбата на општината со општ акт (каков што е спорната Програма) да го крши законот, Уставот и да ги узурпира надлежностите на Собранието. Уаау! Како е можно, ќе се запрашате, Уставниот суд да се прогласи за ненадлежен за работа, за која е, според Уставот, надлежен токму и единствено тој? Е па, не би требало да е можно, зашто во Уставот, во членот 112, пишува дека „Уставниот суд ќе укине или поништи друг пропис или општ акт (...) ако утврди дека тие не се во согласност со Уставот или со законот“. Значи, Уставниот суд одбил да го штити Уставот и да одлучува за работи од ексклузивно негова надлежност, сакајќи веројатно (безуспешно) да ја купи својата безбедност, и на тој начин себе си се помножил со нула и ја фрлил последната лопата негасена вар врз трупот на македонската уставност...

Описот на рушење на уставноста во Македонија и сингуларизацијата и хомогенизацијата на трите уставни власти околу политичката волја на фашизоидниот режим на ДПМНЕ, ви го понудив за читање, почитувани читатели, не зашто примерите се свежи и шокантни, туку токму зашто не се: тие се веќе нормални и банални во нашата земја. Оваа смртоносна баналност на злото, тоа ужасно откритие на Хана Арент, кај нас не е производ на некоја демонска сила, туку на адаптација кон злото, па дури и „целосно отсуство на мислење“. Баналноста на пропаѓањето на македонскиот општествен проект не произлегува, значи, од некој монструозен глобален заговор или крвав државен удар, туку од отсутноста и незаинтересираноста, од многуте мали себеоткажувања на Македонците, од илјадниците секојдневни прилагодувања кон владеењето на ДПМНЕ, во кое смртта на уставноста и загубата на човековите слободи и права станаа веќе тривијална работа.

Навикнувањето на полошо и толеранцијата на државниот криминал, и покрај растечкото мнозинство на свесните за општественото пропаѓање, сите нè втурна во парадоксална улога на пасивни гледачи на сопствената трагична пропаст. Како да стоиме неми на брегот, стаписани од катастрофичната сцена на тонење на нашиот брод, тука, блиску до копното, речиси на дофат на рацете... А од наведнатата палуба, која водата како да ја влече надолу, кон нас гледа стисната но мирна толпа луѓе во чиишто бледи лица и вџашени погледи, како во кошмарен сон, ние се препознаваме себе си...

А мртвата жаба и кротката, полузагрижена, речиси извинувачка насмевка на нејзиното лице, се тука за потсетување на трпеливите Македонци дека мирното и „достоинствено“ трпење и одржување пристоен израз на лицето не се секогаш спасоносни стратегии за преживување. Ниту за жабите, ниту за луѓето.

Слики во распаѓање: Валери Хегарти

ОкоБоли главаВицФото