Руанда

04.04.2012 10:42
Руанда

Претседателот на Република Македонија се сретнал со претседателот на Република Руанда. Размениле искуства. Околу широкопојасниот интернет. Нешто што и нас и нашите браќа Тутси и Хуту од Руанда дефинитивно ќе нè внесе во новото време. Претпоставувам дека пред некое време со својот колега од Република Српска нашиот претседател разменуваше искуства за улогата на андроидите во мобилната телефонија и нивното влијание врз сенишната историја. Но, без злоба. Убеден сум дека искуствата од Руанда и од Република Српска се драгоцени за татковината на дупката од Паљурци. И тоа како, многу можеме да учиме од непроценливиот пат кон иднината на овие две блиски, да не кажам соседски, држави. Заедничката љубов кон широкопојасната омраза на сето она што ни пречи на славниот пат од илјада чекори до Паљурци, едноставно, нè приморува и нас и сите наши духовни браќа и братучеди смело и непоколебливо да чекориме по патот кон корените. И неприкосновено да докажуваме дека Миленко, а не Дарвин, е во право. (За волја на вистината, има и премногу докази што се на наша страна).

Да бидам искрен, кога слушнав дека на нашиот претседател остварил средба со претседателот на Руанда на маргините на собирот во Охрид за широкопојасен интернет, поверував дека е првоаприлска шега. Бев, имено, убеден дека таа средба не е остварена на маргините, туку дека била централен настан на собирот. Сепак, и мене ме прелажаа. И не беше тешко. Моето повеќегодишно искуство со измами направени врз мој грб, а конечно и проследувањето на она што се случуваше на 1-ви април годинава, само ме убеди во бесмисленоста на одбележувањето на овој датум. Едноставно, во овдешните медиуми е обичај за секој ден кој има некакво име (на пример, Ден на дрвото, Ден на жената, Ден на планетата Земја, Ден на екологијата...) да се напише дека не е доволен само еден ден, односно дека цела година треба да водиме сметка за жените, екологиите, планетите, дрвјата... (За волја на вистината, на Владата, ако за ништо друго, треба да ѝ се оддаде признание за напорот Денот на дрвото, како нејзина измислица, навистина да го промовира во текот на целата година).

Како и да е, само за 1-ви април, за тој ден на шегите, лагите, маските... на што и да е, не се пишува така. Никој, значи, не рекол дека треба цела година да посветиме на цуцулење, маскирање и лажење. Затоа што цела година – море, каква година, децении се во прашање – се троши токму за тоа. Речиси пет децении поминавме убедени дека живееме во најдобриот од сите можни светови, а во последните шест години, откога е оваа гарнитура на власт – дефинитивно сме убедени во тоа. Море, какви бензини, какви парни греења, какви извршители за неплаќање сметки на куќен совет. Ништо не може да нè поколеба во непоколебливиот марш кон дупката во Паљурци. Напротив. Може само да ни даде ветер во грб. Што би се рекло, она што не може да нè убие, може само да нè пикне во дупка.

И ете, токму на 1-ви април и Карлос Слим, тука претставен како најбогат човек на светот, ја посети Македонија. И медиумите, оние што вообичаено се нарекуваат „блиски до власта“, не можеа да се соземат од воодушевување дека Слим, за разлика од нашите олигарси, кои се збогатиле на грбот на народот и неправедната приватизација, не носел брендирани костуми. Како, божем некогаш да го виделе Аристотел Оназис во брендиран костум, или, уште полошо, Бил Гејтс (инаку, денес навистина најбогатиот и можеби најважниот човек во светот) да носи „Армани“. Сега се очекува Слим да ја поклопи Македонија со пари. Значи, бил заинтересиран за сите проекти што му биле понудени. А му било понудено сè. И овој инвестиционен циклус гарант ќе се оствари. Само молиме бога да не се сети човекот претходно да отиде во Република Српска и Руанда.

Вицепремиерот Ставревски вели дека посетата на Слим е значајна затоа што ја става Македонија на мапата на светот. Дефинитивно е тоа најзначајниот дел од неговата посета. Време беше некој да нè врати на планетата Земја. Марс, Марс... ама доста бевме марсовци. Ако Карлос Слим нè врати во Млечниот пат (иако светските агенции, онака злобно, и не поарчија премногу мастило за оваа историска посета), којзнае што ќе се случеше ако Македонија по некој случај ја посетеше Анџелина Џоли, на пример? Претседателот Иванов веројатно ќе мораше да разменува искуства со градоначалникот на пријателското село Аконападне од Бурунди. И да разменува широкопојасни искуства.

Пратеничката Бети Кузмановска, според телевизијата „24 часа“, вели дека нема да се повлече од пратеничката функција. Тоа што нејзиниот сопруг е уапсен како еден од лидерите на групата што, според МВР, „злосторнички се здружила“, во превод: некаква мафијашка банда, не значи дека неговата сопруга има какво било петно. Неа, конечно, ја избрал народот. И нејзиниот сопруг со тоа нема ништо. Особено во нивната изборна единица. И во нивното место.

Ете, тоа се вика независност. Обвиненијата за изнудувања и рекетирања и онака никогаш не влијаеле врз волјата на нашиот народ. Особено на оној негов дел кој гласа за ВМРО-ДПМНЕ.

И за крај – опозицијата се обединува. Добро, 1-ви април е. Исто како што беше и лани.

Извор: globusmagazin.com.mk

Цртежи: Porous Walker

Добро, може некој да ми каже

Добро, може некој да ми каже што има толку страшно во Паљурци? Цело време го слушам. Знам дека има некаква врска со Хорхе, ама каква... Истурил некоја зелена или што?

Уште еден сатирично-пародичен

Уште еден сатирично-пародичен напис. Во ред, сфативме дека таков ни е стилот (Александар Станковски, Вулкански и многу други) кога треба да се изрази незадоволство од самите себе (мисли поединец и нација). Жално е ако ова е плафонот на личните можности. Секој сака да се изблуе против актуелната (актуелните) состојба (состојби) а никој не презема нешто конкретно.

ОкоБоли главаВицФото