Иванов ги открива најдлабоките космолошки тајни!

04.04.2012 11:02
Ѓорге Иванов на прес конференцијата

Специјално за Окно, од Скопје, известува Ентелехија Икс

Откако претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, успешно го докажа македонското потекло на Свети Павле од Паљурци и на Драган од Охрид (морепловецот кој заедно со Колумбо ја открил Америка), научните и религиозните кругови во светот уште еднаш се протресени до дамарите од страна на екстравагантниот македонски претседател.

Имено, некни од кабинетот на Иванов до јавноста доплови (како орев на хартиено чамче, како што поетично се изразија во неговиот кабинет) уште едно сензационално откритие: името Македонија е создадено две илјади години пред создавањето на Светот! Да повториме и со бројки: 2000 години пред создавањето на универзумот со помош на божјата промисла, постоело едно име, а тоа име било Македонија. Тоа име било Господ, најверојатно – како што ни објасни љубезниот македонски претседател – оти за да постои Господ прво треба да постои име, а нема друго име кое може да биде претходно на името Македонија – логично, збиено и елоквентно ни објасни Ѓорге Иванов кој свика и конференција за новинарите по повод своето ново спектакуларно откритие.

„На овој начин, откривајќи ја Македонија во најцрните мугри на светот, истовремено разоткривам и многу стари и навидум неразрешливи космолошки и филозофски прашања од типот дали прво настанала кокошката или јајцето“, истакна Иванов во своето обраќање пред многубројните новинари. „Простиот одговор е: Македонија е предегзистенцијално битие, коешто претходело на сè во светот. Македонија е исткаена од божјото име кое му претходело и на самиот Господ. Открив, имено, почитувани новинари, дека кабалистичката мистерија за потеклото на светот и Бога не е во четирисловието JHWH, туку во трословието МКД, и тоа искажано на кирилица, подоцна прифатена од прадедото на Александар Македонски, што е сосема друга приказна, со која сега не би ве заморувал“, шармантно објасни македонскиот претседател кој соопшти дека инспирацијата за своите најнови длабоки продори ја нашол во читањето на Кабалата.

Своето кусо обраќање претседателот го заврши со неколку океански длабоки реченици кои (до дамарите) ги трогнаа сите присутни Македонци на прес конференцијата, од кои некои подоцна ми признаа дека доживеале нешто слично на потресно религиозно искуство, слушајќи ги зборовите на својот претседател: „Името твое е во Тебе и во Тебе е името Твое. Оти словата на неговото име се Тој самиот. Дури и кога ќе се оддалечат од него, остануваат цврсто во Него вкоренети. Тоа значи дека името Македонија го претставува мистичното пратело на божеството, а дека самиот Господ е нешто како душа на словата м-а-к-е-д-о-н-и-ј-а.“

И на овој начин Иванов ги открива тајните на космосот
(на сликата е војник од АРМ)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото