Да се биде поткупен

05.04.2012 09:51
Да се биде поткупен

Слика: Елиху Ведер, Расипана власт (сликата ја краси Конгресната библиотека во Вашингтон, и е дел од циклусот посветен на доброто и лошото владеење)

Инаку, оваа слика е полна со симболи: Жената во средината го означува расипаното законодавство, кое е подготвено да се продаде за интересите на богатите (прикажани преку ликот на човекот со пари), на штета на сиромашните работници кои остануваат без работа (претставени од девојката со вретено и престилка). Кои се последиците од ваквиот поредок? Фабриките за сиромашните пропаѓаат (во левиот агол, долу), додека богаташките постројки работат со полна пареа (десен агол, долу). Протокот на пари од рогот на изобилството (под десната рака на законодавството) не е насочен кон граѓаните туку кон оние на власт. Правдата не е задоволена: богатите ги менуваат законите (човекот кој става пари на вагата од законодавството) и собираат гласови во своја корист (покрај левата нога на богатиот човек има ќуп полн со гласачки ливчиња). На вагата која ја држи правдата, како противтежа на парите, се наоѓа Меркус, богот на крадците.

Моќта е извор на беззаконие, а со самото тоа и на поткупување. За да утврдат дали е ова вистина, група научници – Јорис Ламерис и Дидрик Стапел од Холандија и Адам Галински од САД – замолиле доброволци да се потсетат на моментите во животот кога биле во надредена или подредена положба и да ги опишат своите чувства во таквите ситуации. Потоа ги поделиле на две групи (подредени и надредени) и им дале да направат пет тестови за да проверат дали мислењата за подмитувањето и беззаконието им се поинакви отколку во секојдневниот живот. Во првиот текст побарале од испитаниците да оценат колку е тешко да се зголемат трошоците. „Шефовите“ биле построги од „вработените“, навикнати да се служат со слични трикови за да си ја зголемат платата. Но, во преостанатите четири теста резултатот бил поинаков: оној што имал моќ сметал дека е над законот и дека смее да ги прекрши правилата за да го добие тоа што го сака.

Избегнување данок

Како да се казни личноста која одбегнува да плати данок? А ако вие го направите тоа? Ова била задачата во вториот тест, одредете казна за себе и за другите неплаќачи на данок. Додека подредените биле построги кон себе, надредените ги поместиле мерките за да им одговараат ним: биле попустливи во сопствените случаи, а останатите ги казнувале строго.

Мамење со коцки

На учесниците им е кажано да фрлат две коцки во одвоени простории и да им ги соопштат резултатите на испитувачите: кој ќе собере поголем број на точки, ќе добие и повеќе лозови за лотарија. Вкупниот резултат на една група требало да биде околу 50. Подредените биле поискрени (собрале 59 точки) а „шефовите“ лажеле повеќе (70 точки). За нив, целта ги оправдувала средствата.

Преминување на брзината

Во овој тест членовите на двете групи требало да одредат колку е неморална личноста која вози преку пропишаната брзина затоа што доцни на состанок. И колку би било неморално доколку самите го прават тоа. Подредените оцениле дека останатите возачи, исто како и тие самите, се умерено неморални во дадените околности. „Шефовите“ биле построги кон другите отколку кон себеси.

Кражба на велосипед

За ова истражување испитувачите ги поделиле учесниците на подредени и надредени со тоа што некои имале законска моќ, а некои моќта ја стекнале по незаконски пат. Од секој од нив било побарано да проценат колку е оправдана кражбата на велосипед кога се работи за случај на крајна потреба. Сите подредени како и надредени, чија моќ не била законска, биле строги спрема себе, додека „вистинските шефови“ ја искористиле приликата да ги намалат своите казни.

„Се смета дека денес, во ваков правен систем, богат човек може да ја избегне казната и покрај тоа што е виновен“. Ова мислење не е од неодамна. Го кажал Цицерон уште во 70-та година п.н.е. во еден од говорите против Гај Лициниј, поткуплив претор на Сицилија. Tоа не е единствен таков случај; во 115 година п.н.е. нумидскиот крал Југурт ги поткупил римските сенатори за да го поддржат во неговите освојувачки потфати. А векови подоцна, Кристофер Колумбо се жалел дека „тој што го поседува златото, може да поседува сè.“ Поткупливоста е злоупотреба на јавната служба за да се остварат приватни цели. И секогаш постоела низ историјата, особено во централизираните системи на власт.

Колку помал број луѓе имаат моќ, толку се попоткупливи. Колку е ова вистинито покажаа и опишаните истражувања спроведени во 2009 година. Резултатите на ова истражување велат дека „крупните риби“ се многу строги кон другите и попустливи кон себеси. Кој има моќ во рацете, не само што го злоупотребува системот, туку и смета дека има право тоа да го прави.

Извор: Политикин забавник