Ниче и „критичкиот“ поглед кон историјата

05.04.2012 12:16
Ниче и „критичкиот“ поглед кон историјата

Фридрих Ниче се памети и зазема истакнато место во историјата на филозофијата по тоа што бил веројатно најрадикалниот мислител на своето време. Филозофот кој повикувал на „превреднување на сите вредности“, кој ја соопштил „смртта на бог“, кој јавниот морал го обвинувал за ропство, кој во натчовекот го гледал спасот за виталноста на духот, со право се смета за водечкиот филозоф на своето време, кој традицијата (мислата заточена во верски, национални и идеолошки мистификации) ја сметал за свој најголем непријател. Секој кој сака да се занимава со врвните дострели на модернистичката мисла не смее да го заобиколи Ниче.

Имајќи го тоа предвид, посебно внимание заслужуваат местата во неговите текстови, во кои најголемиот филозофски непријател на традицијата ќе укаже дека треба внимателно да се позиционираме кон историјата. Уште повнимателни треба да бидеме кога превреднувачот на сите вредности ќе каже дека оној критички пристап кон историјата кој води кон отфрлање на сите големи достигнувања од минатото „претставува опасен процес за животот“, бидејќи „луѓето и времињата кои му служат на животот на тој начин што му судат и го уништуваат минатото се опасни и загрозени луѓе кои живеат во опасни и загрозени времиња“. Значи, дури и најголемиот филозофски противник на т.н. идолопоклонството на историската традиција, забележува дека митот кој го идентификуваме со историјата има одредени социјално-кохезивни сили кои не смеат да се запоставуваат, доколку не сакаме да се соочиме со социјално и национално раслојување, кое може да биде исклучително опасно за една заедница.

Во претходниот текст расправавме за односите кон историјата, за кои Ниче тврди дека се најштетни по виталноста на една заедница, имено, за монументалниот и за антикварниот пристап кон историјата. Заклучокот беше дека во Македонија антикварниот пристап е подреден во однос на монументалниот, кој, пак, до тој степен сака да ги потенцира големите фигури од македонското минато, што сегашните жители на Македонија, сакале-нејќеле, се наведени да чувствуваат стравопочит и идолопоклонство кон нив. Всушност, целта е опиеноста, хипнотизираноста и парализираноста од славното античко минато да го достигне оној степен, во кој, што ќе рече Ниче, „мртвите ќе ги погребуваат живите“. А ќе ги погребуваат, зашто фантазмагорички опиениот ум не може да ја рационализира и критички да се постави кон стварноста која секојдневно го понижува. „Празна е глава, силна држава“, пејат Т.Б. Трачери, и во право се.

Се разбира, приказната за нашиот однос кон сопствената историја ќе беше премногу едноставна, доколку се водевме исклучиво според двата пристапа кои Ниче ги смета за најконтрапродуктивни. Кога ќе го земеме предвид и третиот (критичкиот), ќе треба да добиеме една интегрална слика за дереџето во кое се наоѓаме.

Во Македонија, монументалниот и критичкиот однос кон историјата одат рака под рака, поточно, мотивот на сегашниов македонски монументализам, покрај дерационализацијата на масите, е да се пресмета со „помалку вредната“ македонска историја: имено, антифашистичката, модернистичка историја на Македонија. Така сфатениот македонски монументализам одлично се вклопува во концептот на Ничеовото контрапродуктивно критичко читање на историјата, кое вистински големите и значајни достигнувања од минатото ги девалвира, за сметка на помалку значајните и за сметка на сегашниот и идниот живот.

Според тоа, македонскиот „критички монументализам“ го препознава непријателот на македонскиот историски мит во антинационалниот „комуњарски“ рецидив и се обидува што е можно повеќе да го маскира или камуфлира. Она што притоа се заборава е дека Македонија профитираше најмногу од сите останати социјалистички држави од Источниот блок, токму во времето на својата „антинационална“ историја! – Единствено Македонија се оформи како држава токму во времето на „комуњарството“; сите останати нации имале своја држава и пред „комунизмот“. Единствено Македонија доби, најпрвин независна, а потоа и автокефална црква во времето на „комунизмот“. Единствено Македонија доби свој државен универзитет во времето на „едноумието“. Единствено Македонија го кодифицираше својот национален идентитет (јазик, народ, религија, култура, историја) во времето на „комуњарите“. Се разбира, не смеат да се заборават и останатите придобивки од времето на „комунизмот“, како што се формирањето на основните државни институции, модернизацијата на земјата (на разни полиња) итн. Отфрлањето на овие модернистички придобивки веќе сега ги пара кохезивните шевови на македонското општество. (Познавам млади и интелигентни луѓе кои почнуваат сè помалку да ја чувствуваат како своја оваа антикоманска, антимодернистичка верзија на македонизмот.)

Но, има уште еден момент! Криејќи се зад плаштот на разоткривањето на сите митови и лаги од времето на „комунизмот“ (процесот на лустрација), вистинската агенда која треба да се препознае зад портокаловиот „критички монументализам“ е воспоставувањето на СОПСТВЕН систем на нови (антикомански) митови и лаги. Портокаловите креатори на политики и историчари, и покрај „трубењето“ против тоталитарното едноумие до 1991 година, всушност, искрено ја сакаат сликата за т.н. тоталитарен комунистички режим, ама ја сакаат како СВОЈА слика, како своја проекција на најдлабоките фантазии за власта, како своја замислена и неостварена (а денес толку блиска) реалност. На индивидуално ниво, пак, тие не ги сакаат поганите заткулисни играчи, од типот на Колишевски и Глигоров, но не затоа што сакаат да ги надминат (оти, нели се подобри, од нив), туку затоа што сакаат да станат КАКО НИВ, односно како нивната проектирана перцепција за нив. Сето тоа само ни кажува дека денес во Македонија се соочуваме со луѓе на власт кои манифестираат опасни тоталитарни комплекси на нижа вредност, зачинети со длабоки симптоми на ретроградна завист.

Според сето тоа, сегашното критичко читање на македонската историја е „критичко“ само до она ниво до кое токму читачот создава услови во кои ќе биде препознаен како објект достоен за некоја идна, вистинска критика. И токму во тој аспект на неговата „критичност“ се огледа можноста тој да биде поразен. Да ја искористиме!

Слики: Свирачиња

Ај искористете ја.

Ај искористете ја.

Ванѓо, Сорос ти прати нова

Ванѓо, Сорос ти прати нова задача: Јади трици против владата наоѓајќи аналогии кај Аристотел.

Нема да ти биде тешко, секаде можеш да најдеш ако бараш.

ОкоБоли главаВицФото