Пулска декларација

06.04.2012 10:39
Пулска декларација

Градот го замислуваме како заеднички простор кој им припаѓа на сите кои живеат во него, кои во него наоѓаат услови за исполнување на своите политички, економски и еколошки желби, и истовремено ја преземаат на себе солидарноста и заедничките должности. Меѓутоа, таквата замисла на градот е блокирана од дијалектиката на капитализмот базиран на опозицијата на јавните и приватните добра каде што државата и пазарот постојат како единствени два субјекти. Сметаме дека е неопходно да се надмине таа ситуација. Излезот од денешната дијалектика на двата субјекти не сакаме да се потпира на можен „трет субјект“ туку на целосно поле на групни субјективитети и општото добро (како нематеријални вредности) кои тие ги произведуваат. Ако и таа вредност се спротивстави на присвојувањето со кое капиталистичката јавна-приватна дијалектика непрестајно се заканува и остане заедничка, тогаш таа развива потенцијал, освен како производ, да стане и средство на производство.

Местото во кое општото добро преминува од нематеријалното во материјално и станува средство за производство го нарекуваме комунал.

Оваа заедничка територија го надминува денешниот облик на искористување на градовите, засновани на сопственост и пазарот на недвижности, и го нагласува постоењето на поинакви вредности како достапноста, употребата, активноста или грижата. Поимот комунал традиционално подразбира заеднички природен ресурс со кој управуваат самоорганизирани корисници, а таквиот облик на управување станува сè поприсутен и во напуштените градски локации каде што настануваат разни автономни зони. Бидејќи таквите простори денес се сместени на општествените маргини, сметаме дека комунал може да стане просторот каде што ќе се роди новата утопија.

Комунал, заедничката територија, автономната зона, местото за нова утопија може да се развие почитувајќи четири основни начела:

1. Право на мобилност: Комуникацијата, во најширокото значење, е основно средство за современото производство. Предуслов за рамноправна комуникација е слободното движење, односно мобилноста. Градовите треба да станат места на општествена мобилност, а не места на затворени резиденции и гета. Земјите би требало да станат територии на глобалната мобилност, а не територии одвоени и заштитени со граници. Сите луѓе имаат подеднакви права на пристап кон добрата што ги нуди градот. Меѓутоа, правото на мобилност не е само право на пристап кон она што веќе постои, туку и право на заземање, употреба и создавање нови простори. Дури откако ќе се оствари ова право можеме да развиваме места како автономни точки на меѓусебно поврзување во слободната глобална мрежа.

2. Флексибилност на организирањето: Денешниот флексибилен работен однос не создаде повеќе слобода во животот туку, напротив – повеќе несигурност, бидејќи истата флексибилност не се применува и во останатите сфери од општествените односи, па институциите останаа бирократизирани како и претходно. Просторот во кој се практикува флексибилноста на организирањето и привременото користење на градот во моментов му пркоси на административниот урбанизам, заснован на долгорочните проекции и намери и често криминизирање. Меѓутоа, нивното признавање би можело да биде прв чекор кон ослободувањето од таквиот вид урбанизам и почеток на процесот на делување на граѓаните во планирањето што вистински би овозможило одлучување за градот.

3. Присвојување алатки: Територијата во која живееме е составена од три различни сфери: физички простор, општествена мрежа и проток на информации. Некои од алатките за развивање на овие сфери веќе се присвоени и делумно овозможуваат создавање на заеднички добра, како размена на знаења и нематеријални производи. Меѓутоа, за развивање на територија во согласност со сопствените начини на живот истовремено мораме да ги присвоиме алатките за производство во сите три сфери.Toa значи присвојување на алатки за изградба на физички простор, т.е. архитектура со која би ја развиле самоизградбата, присвојување алатки за формирање на сопствени општествени мрежи за да може да развиеме самоорганизирање и присвојување на алатки за воспоставување на отворена комуникација, т.е. инфраструктура за да развиеме проток на материјални и нематеријални добра.

4. Град на многу екологии: Основната теза на екологијата е дека колку системот е постабилен, толку е поразновиден. Таа теза може да се прошири на останатите подрачја кои сè уште не се сметаат како дел од екологијата. Менталната екологија така може да изразува различни субјективности, општествената екологија може да гради нови општествени односи, екологијата на околината може да развива нови облици на живот, екологијата на знаењето може да ја збогати едукацијата, екологијата на времето може да воведе различно поимање на времето, екологијата на препознавање може да ја надмине класната поделба, екологијата на посредување може да ја надмине доминацијата на глобалното над локалното, екологијата на продуктивност може да доведе до признавање на мноштвото различни облици на продукција кои денес се наѕираат.

Вака замислениот комунал нема изглед, туку матрица заснована на заеднички системски вредности. Наша желба е да ги вградиме тие вредности во матриците на градовите каде што живееме и делуваме, но и во нови простори, ресурси, населби и места. Се надеваме дека во тоа ќе успееме и ќе излеземе од постоечката капиталистичка блокада на општествениот развој.

Пулската група е составена од шест архитекти од овој хрватски град: Вјекослав Гашпаровиќ, Емил Јурцан, Јеролим Младинов, Марко Перчиќ, Хелена Стерпин и Една Стрења.

Извор: Grad POST-kapitalizma

Илустрации: Jedna Hall

Слични статии:

Кога истражувањето ќе стане милитантно

Како живее мултитудата?

Правото на град - повеќе од популарен концепт?

Пукнатини вo урбанизмот што го познаваме

Поуката од периферијата на моќта

Одржливо користење, управување и финансирање во градот

Направи сам

Вистинска утопија

Изградбата на утопијата ги поврзува луѓето

Господо архитекти, сакате ли (сè уште) да го спасите светот?

Црвениот план

Ројц – местото каде што транзицијата тргна во спротивен правец

Квартовски лаборатории во Трст

Пазарот на недвижности ги крши човековите права

Прирачник за деколонизација

Побунетите киборзи шетаат низ метрополата

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото