1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 14:59
Доаѓа пролетта, но некако сè е чудесно во мојата чудесна земја, ама едно од најчудесните нешта е чудесниот патриотизам на преродбеникот. Некои го нарекуваат космополитизам, масовните поддржувачи и спроведувачи го нарекуваат патриотизам, некои се трудат да му ја залепат етикетата национализам, или ултранационализам, а некои, пак, дури и го изедначуваат со фашизам...
Водејки се од познавањата на еден просечен граѓанин, а не сомневајќи се во сопствениот патриотизам, се обидувам низ една скромна аналитичка оценка да го дешифрирам патриотизмот на преродбеникот, преку споменатите атрибути и веднаш заклучувам дека навистина е чудесен.
Патриотизмот на преродбеникот, без никакви предрасуди, може да се нарече и космополитизам, и национализам, и ултранационализам, и шовинизам, и фашизам... но, сепак, според моите вредносни критериуми, најмногу му приличи апсурден дилетантизам.
Космополитската димензија на преродбеникот, особено во последните пет години, можете да ја сретнете на секој чекор. Но, таа, како една од главните одредници на преродбеничкиот патриотизам, задолжително е присутна на масовните собири, каде што преродбеникот со гордост ги истакнува резултатите од Преродбата во сто чекори, или на подобновената од минатото лето – надоградената и проширена...
Се прашувам, може ли да се стави забелешка на македонскиот космополитизам од „Историјата“ на Ристо Поповски, која е присутна на секој чекор од преродената македонска метропола? Може ли да се оспори космополитската димензија на пречекот на кралот на браќата Хунзи од Пакистан, или на прославата „Илинден“ 2011 година на Мечкин камен, каде што потомците на древниот народ имаа прилика дирекно да ја слушнат пораката од Творецот на вселената, во која им укажува дека од нив потекнува белата раса? Има ли посилен блесок на космополитизмот од оној изразен во пораката на Творецот дека илјадници цареви и кралеви на светот му раздаваме, а за нас ниту еден не оставивме?
Треба ли да се потсетуваме на демонстрирањето на патриотизмот и на 8-ми септември, и да си припомнеме на свеченото пуштање на патриотскиот Воин на коњ?!
Национализмот насочен кон негирање на другите народи, во патриотизмот на преродбеникот, можеби и не е толку присутен, но неговата позитивна, творечка димензија во истакнување на културното и историско наследство, што неговиот народ му го подарил на Светот, е една од најзастапените теми на највисоките политички и културни институции на меѓународната заедница, особено во институциите каде што треба да го одбраниме нашето уставното ни име...
Ултранационалистичката димензија на преродбеничкиот патриотизам е повеке од очигледна: Македонскиот преродбенички патриотизам е ултранационален по природата на потеклото на Македонецот, кое е наднационално; Македонецот е директен потомок – Богот на вселената. За преродбеникот, тој бил господар на рајот и од него потекнуваат народите.
Димензијата на фашизмот на патриотизмот на преродбеникот, можеби е најмалку присутна, бидејки неговиот патриотизам не е насочен кон уништување на некоја друга нација освен кон уништување на сопствената, и тоа од аспект на диктатурата што ја спроведува. Со тоа, тој секојдневно неодоливо нè потсетува на најголемиот фашистички лидер, за кој некогаш знаел светот.
Ете, така, предводена од чудесниот преродбеник, мојата чудесна земја ги прави своите чудесни чекори, кон својата чудесна преродба.
Патот од првите сто чекори, што го изодевме кон удесната преродба, некако успавме да ги преживееме, и сè уште некако живуркаме. Но, везден гледајќи како го чекориме патот кон проширена и дополнета преродба, се плашам дека крајот на преродбата ќе го дочекаме некаде длабоко во пеколот.
Моето убедување дека на патриотизмот на преродбеникот најмногу ќе му приличи одредницата апстрактен дилетантизам, ќе се обидам да објаснам во следната колумна.
Илустрации: Роберт Фонтенот