Жонглерот и Богородица

09.04.2012 12:06
Pussy Riot

Кога и да се подготвувам да пишувам текст, по навика ги гледам лицата на оние на кои им е наменет истиот. Битно ми е да знам кому се обраќам, кому говорам, кому ги соопштувам своите мудрувања.

А овојпат тоа не е случај. Ги пишувам овие редови, а не знам кому точно ги испраќам своите мисли. Во секој случај, не на оние кои мислат отприлика како мене, и сигурно не на онаа глутница подивени кучиња кои од своите предци – логорските лингури – наследиле еден единствен рефлекс: доволно им е само да го слушнат зборот „туѓ“, и веднаш со исклештени заби и лаење се нафрлаат на секој кој ќе им биде посочен со прст.

И секако не на оние итри и умни шамани кои одлично знаат дека можат да му се наметнат на стадото само ако непрекинато ја подгреваат злобата во главите на тие несреќни единки. Предвид го имам токму она послушно стадо кое во 1920-те и 1930-те години беше предводено од некои други шамани, тогаш „со револвер во раката и со Ленин во главата“, стадо кое проследено со крици и извици на задоволство ги симнуваше крстовите од црквите, ги палеше иконите во печките и им ги корнеше брадите на свештениците.

Подоцна истото тоа стадо, сега со црвени ленти на ракавите, во лутата борба за „моралниот лик на советската младина“ и во будна грижа за нејзината заштита од „влијанието на гнилиот Запад“, исто толку ревносно ги малтретираше младите со долги коси и сета останата весела младина која ќе се осмелеше да шета на улица во претерано тесни панталони или кратки здолништа. И истото тоа стадо во деновите на верските празници пред црквите ги организираа своите мачешки концерти и ги попречуваа верниците да влезат во своите храмови. Тоа стадо е секогаш исто, вечно и неискоренливо, и секогаш подготвено – во склад со актуелниот миг – да ги менува објектите на својот прогон.

Денес тоа се нарекува „православна јавност“, и што е најстрашно, тоа говори и дејствува во името на оние вистинските, правоверните православци. Нивната активност секогаш ќе зависи исклучиво од тоа колку слобода ќе им се даде, а слободата им се дава одозгора. Да, токму „одозгора“, а не од „горе“ – од небото или поточно до Бог – што во секоја смисла на овие зборови е ѓаволски голема разлика. Судејќи по сè, денес таа слобода им ја дава само еден конкретен тип кој тие го поддржале, а тој, според непишаните мангупски закони и премолчените правила на улицата, сигурно нема да ги издаде.

Сигурно е дека не му се обраќам ни на она, за жал, население во значаен процент кое, според истражувањата на јавното мислење, секогаш рефлексно е согласно со тоа некому (кој било) да му се суди и жестоко да биде осуден, за да си ги олеснат сопствените неволји, да ја намалат својата лична несреќа и да заборават на своите вечни понижувања.

И иако сè уште не знам кому би можел да биде наменет овој текст, сепак ќе наведам еден важен и неверојатно точен цитат. Го најдов во статијата на нашиот извонреден поет Лав Лосев, текст кој е посветен на исклучителниот книжевник Јуз Алешковски. Еве како гласи тој: „Ако правилата на верата не се проживуваат со своето лично животно искуство туку само априорно се прифаќаат, тогаш тоа и не претставува вера. Тоа е суеверие. Смислата на овие зборови, без исклучок, е содржана само во контекстот. Некој стар раскажувач ни оставил стара и потресна приказна за тоа како еднаш камената статуа на Богородица му се насмевнала на патувачкиот кловн, а овој, бидејќи не знаел ниедна молитва, застанал пред неа и верно и внесено почнал да жонглира. Како завршила оваа приказна, можете да претпоставите и самите. Однекаде дотрчале лицемери и со сета сила извикале: ’Што, зарем со стапови смее да се мавта пред нашата светица?! Богохулникот на клада!’“

Кон овој исцрпен извадок ќе додадам уште само дека световните текстови секогаш се многузначни и често многу противречни. Затоа и се предмет на бројни толкувања, бескрајни коментари и непрестајни преиспитувања. И затоа се толку долговечни. Но, некако секогаш излегува дека практичната примена на овие текстови зависи исклучиво од тоа на кој ранг од општествената скала му припаѓа оној кој ги толкува.

И на крајот, не знам дали има смисла да им се обраќам на оние мрачни естети кои започнаа сосем неумесна дискусија за тоа дали протестната акција на панк групата Pussy Riot во храмот на Христос Спасителот во Москва, од естетска гледна точна, била добра или лоша. Сето тоа ми изгледаше отприлика како она „дали сте слушнале дека пред некој ден во метрото го претепале пејачот Н? Се разбира, тоа е грозно, ама – да бидеме искрени – тој и не е некој добар пејач“. Или она, „сношти, пред вратата на неговиот стан го убија новинарот П! Да, се сеќавам на него, како не. Ама ќе признаете, пишува долги, досадни и доста глупави статии“.

Мислам дека темата дали панк-молитвата за Богородица била добра или лоша може да отвори многу интересна дискусија. За естетските и моралните аспекти на тој настан може да се зборува многу и доста различно, а бидејќи и јас имам што да кажам за тој случај, и самиот со задоволство би учествувал во еден таков разговор. Но, тој разговор би бил можен само под еден услов: девојките мораат да бидат пуштени од притвор. Засега може да се утврди тоа дека ефектот од нивната акција беше како удар со голем стап директно во осиното гнездо на нашиот јавен живот. Тоа беше прецизен погодок во болното место на ова општество, што, најпосле, и е една од основните задачи на сите уметности. Овие девојки навистина успешно ја завршија таа задача.

Основен проблем со кој редовно меѓусебно се судираат уметноста и зачмаениот жабурник, т.е. оние кои обично ги нарекуваме пошироките слоеви на општеството, е неспособноста на тој дел од општеството да ја воочи разликата меѓу условното и реалното, да го разликува она со што се означува нешто од она што е означено, и да ги разликува преносните, односно фигуративните значења на зборовите, поимите и симболите од оние директните. Се разбира, оваа појава воопшто не е нова, но важно е да се знае едно: историјата нè учи дека уметноста е секогаш таа која порано или подоцна неизоставно победува.

За сево ова може да се зборува уште долго, но за мене следното прашање беше и остана најважно: дали овие девојки ќе бидат или нема да бидат осудени на крајот? Одговорот на ова прашање за власта ќе биде уште еден тест за проверка на нејзините подлости и неадекватности, а за општеството ќе биде испит од кој ќе зависи дали тоа може да се нарекува себеси современо. Или, поедноставно кажано, ќе биде уште една проверка на нашата вошливост, и тоа во секоја, па дури и во буквална смисла на зборот.

Извор: Грани.ру

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото