Крематориум кој му треба и на Скопје

09.04.2012 12:31
Крематориум кој му треба и на Скопје

Градбата која ви ја претставуваме овде е од исклучителна идеолошка и социолошка важност: станува збор за првиот крематориум во Литванија (кај нас токму деновиве се зборува за крематориум во Скопје, поради пренатрупаноста на гробиштата Бутел).

Многуте верски и политички пречки до неодамна не дозволуваа ни размислување за ваква установа, иако идејата да се изгради ваков објект се појавила уште во периодот меѓу двете светски војни. До неодамна, во Литванија постоеше само печка за спалување на медицинскиот отпад.

Еднокатната градба со големина од 775 метри квадратни се наоѓа во многу неочекуван крај за крематориум, „место кое не мириса на светлина“, како што вели неговиот архитект Гинтаутас Наткевичиус. Во околината се наоѓаат фабрики за преработка на шеќер и земјоделско ѓубриво, така што освен мирисот, во локалниот пејзаж преовладуваат и фабричките оџаци.

Токму ваквото неестетско опкружување ги поттикнало архитектите за осмислат крематориум во гратчето Кедаиниаи, кое има околу 31.000 жители. Самиот објект е инспириран од јапонскиот градежен минимализам, со таа разлика што крематориумот е опколен со висок бетонски ѕид, во чија внатрешност е осмислен многу интимен простор во кој посетителот може да одмори и да размисли пред влегувањето во самата просторија за спалување. Материјалите кои се искористени за крематориумот се дрво, бетон, стакло и порцелан, но тие се суптилно и ненаметливо употребени за со својата текстура и појава да не влијаат врз емоциите на ожалостените, исто како и оџакот кој е скриен во самиот волумен на зградата.

Ватрешноста е прилично дискретна и ненаметлива, па иако се чини строга, нејзината површина ја ритмизираат отворите низ кои се влегува во крематориумот.

Извор: natkevicius.lt

ОкоБоли главаВицФото