1033 hPa
52 %

6 °C
Скопје - Чет, 06.02.2025 19:59
Економската криза ја пустоши Европа и поради тоа се засилуваат десничарите? Тоа објаснување би било премногу едноставно, смета Флоријан Хартлеб од бриселскиот Центар за европски студии (CES). Посебно зашто десните популисти и онака речиси и немаат изработена стратегија против кризата – освен повиците за национална изолација и гласната критика на глобализацијата.
На пример, во Скандинавија речиси и не се чувствуваат последиците од должничката криза на еврото. Ниту илегалната миграција претставува голем проблем. Па сепак, во овие земји на северот од континентот се засилуваат деснопопулистичките партии: во Финска на минатите избори значаен успех постигнаа „Вистински Финци“, кои освоија околу 20% од гласовите со слоганот „Не гледаме зошто да плаќаме за Португалија“, а во Шведска деснопопулистичките „Шведски демократи“ за првпат во 2010 г. освоија претставнички места во парламентот.
Во овие богати земји на десните популисти добро им дојде стравот на граѓаните дека би можеле да го изгубат својот ситуиран статус, смета Хартлеб, наведувајќи дека партиите се бирани од мнозинството луѓе од средниот слој. Колежот кој го предизвика десниот екстремист Андерс Брејвик летото 2011 во Норвешка не треба да се разгледува како израз на засилување на насилничката десничарска сцена, туку како напад на поединец, предупредува тој.
И Германија беше потресена од насилство на десни екстремисти. Триото кое се нарекувало Националсоцијалистичко подземје (NSU) над десет години убивало сè додека истражителите конечно не му влегоа во трага. А таа трага води и до Националдемократската партија на Германија (NPD), која јасно може да се смести не само во деснопопулистичките туку и во десноекстремистичките партии, наведува Хартлеб. Меѓутоа, тој скептично гледа на можноста за нејзино забранување.
Во соседните земји на Германија, пак, на дело е јасниот деснопопулистички подем на политичката сцена. Во Белгија деснопопулистичката и расистичка фламанска регионална партија Vlaams Belang (која до 2004 г. се нарекуваше Vlaams Blok), околу 20 години е една од трите најуспешни партии. А во Холандија изминативе години многу гласачи привлече веќе познатиот десен популист Герт Вилдерс со својата Партија за слободата.
„Герт Вилдерс на својата интернет страница ги повикува Холанѓаните да ги запишуваат криминалните дела сторени од источните Европејци“, објаснува Флоријан Хартлеб. „Со тоа Вилдерс ги потпалува придушените стравови.“
Кој ги засилува десничарите?
Можно е дека токму либералната традиција на овие земји да доведе до засилување на десничарите, наведува Стефан Сеидендорф, историчар и водач на одделот на Германско-францускиот институт во Лудвигсбург. Сеидендорф работи на едно истражување кое се занимава со десниот популизам во цела Европа, и тој смета: „Таа либерална визија на едно универзално дефинирано население изминативе години ги покажа своите слабости, зашто не одговараше со реалноста“. Тоа може да се види и во Франција, вели тој, каде во предградијата настануваа гета додека во државата се водеа расправи за универзалното граѓанство.
Во Австрија денсите популисти дури беа во владата, во периодот кога партијата FPÖ со својот тогашен претседател Јерг Хајдер во 2000 г. влезе во коалиција со конзервативната партија ÖVP.
Но, и на истокот од Европа се засилуваат десничарските партии. Многу набљудувачи тоа го сметаат за феномен на модернизацијата и транзицијата. По Втората светска војна и во Западна Европа имаше екстремистички партии со лева и десна ориентација, вели Стефан Сеидендорф. „Цела една генерација овие партиски системи се модернизираа и зацврстуваа за да исчезнат искушенијата од минатото“. Сличен развој, и поркај сите разлики меѓу истокот и западот, може да се забележи и во Источна Европа, смета овој историчар.
Меѓутоа, Флоријан Хартлеб не го дели мислењето на Сеидендорф дека транзицијата 20 години по падот на социјализмот служи како аргумент за засилување на десничарските партии. Хартлеб смета дека нема сомнеж во тоа оти демократиите во централна Европа, оние во Чешка, Словачка или во Унгарија, по својот квалитет и стабилност во ништо не се разликуваат од западните демократии.
Но, токму сега во Унгарија на чело на владата е конзервативниот и крајно евроскептичен Виктор Орбан. А во Словачка и Чешка последниве 20 години десноекстремните партии забележаа успеси. Во Полска десниот популизам често е поврзан со ултра-католичките, а понекогаш и со антисемитиските изјави. „Сите овие држави имаат сопствена традиција и треба различно да ги набљудуваме. Затоа би било погрешно кога сите нив на ист начин би ги третирале како ’држави од поранешниот Источен блок’“, вели Хартлеб.
Меѓутоа, Стефан Сеидендорф смета дека економската криза има одредено влијание на десниот популизам. Т.н. губитници во модернизацијата сега засилено се свртеа кон десните партии, вели тој и додава дека постои уште еден фактор кој им оди во прилог на приврзаниците на десничарите: Европа мора да се справува со зголемениот број доселеници, а нема заедничка европска политика на доселување.
Ако етаблираните партии не знаат како понатаму, тогаш луѓето бараат одговор на своите прашања кај екстремистичките движења, смета Сеидендорф. Хартлеб, пак, смета дека ЕУ, нејзините партии и институции имаат одредена обврска: „Со политиката не треба само да се управува“, вели тој, „потребни се и визии. ЕУ треба да одговори на прашањето каде ќе се наоѓа во 2020 г.? А таквите визии можат да ги урнат стравовите и да создадат оптимизам.“
Извор: deutsche welle