1028 hPa
87 %
3 °C
Скопје - Нед, 14.12.2025 11:59

Дека еден ден ќе стане писател му било јасно уште од мали нозе. Но, неговите родители ја гледале неговата иднина поинаку. Според нивните планови, Херман требало да стане свештеник исто како и неговите родители. Неговиот татко работел како мисионер во Индија, а мајка му исто била ќерка на мисионер. Херман е роден на 2 јули 1877 година, недалеку од Штутгард. Израснал во мошне побожна фамилија. Родителите во 1891 година го праќаат во евагелистичкиот интернат „Maulbronn“. Но, по неколку месеци Хесе бега од интернатот бидејќи не може да го поднесе строгото христијанско воспитување.
Или поет или ништо друго
Неговата одлука била цврста: Сака да стане „поет или апсолутно ништо друго“. Патот до писател била вистинска одисеја. Посетувал различни училишта но не можел да се вклопи, а во еден депресивен период, кога имал петнаесет години, се обидел да изврши самоубиство. Потрагата по сопствен идентитет, тешкиот процес на сопствениот развој, биле темите кои Хесе ги обработувал подоцна во своите романи. Неговите приказни биле прорежани со алузии на проживеаното, со анализи на сопственото јас.
Сериозно почнал да се занимава со пишување од 1904 година. Веднаш после тоа се оженил со фотографката Марија Бернули, се преселил на Бодес и станал татко. Сепак, долгорочно гледано сето тоа не било за Хесе, нему местото на престој и сигурноста му биле преудобни. Почнал да се измачува себеси. Така, Хесе повторно побегнал, овојпат од куќата на село отпатувал во Шри Ланка и Индонезија. Патувањето низ Азија оставило големо влијание на неговите подоцнежни дела. По враќањето, Хесе се сели во Швајцарија и во 1914 година, на почетокот на Првата светска војна се пријавува во воена служба. Но, поради проблемите со видот, од кои пател цел живот, прогласен е неспособен за воена служба. Наместо заминување на фронтот, Хесе останува во Берн каде што работи за германската служба за помош на воените заробеници.
Од воен доброволец до противник на војната
Сепак, наскоро станува противник на војната и нејзината пропагандна машинерија. „О, пријатели, без овие тонови“, напишал на почетокот на војната во еден прилог објавен во весникот „Neue Zuercher Zeiting“ со што сакал да ја повика германската интелигенција на помала националистичка полемика и поголема човечност. Резултатот бил: напаѓање, омраза и потсмев. Критиката и воените случувања го потресле Хесе. На тоа се надоврзале и личните проблеми: му умира таткото, а најмладиот син тешко се разболува. Хесе паѓа во криза и во 1917 година одлучува да побара професионална помош. По „средбата“ со психоанализата, Хесе под псевдонимот Емил Синклер го пишува романот „Демијан“.
Во тоа време се распаѓа и Хесовиот прв брак. После тоа настануваат некои од неговите најзначајни дела како „Степски Волк“ и сл. Во 1934 година добива швајцарско државјанство, се жени со Рута Вангер од која ќе се разведе неколку години подоцна. Неговата трета сопруга, историчарката на уметност Нина Долбин, стапува со него во брак во 1931 година и остануваат заедно до крајот на животот.
Противник на нацизмот
Доаѓањето на националсоцијализмот на власт во Германија, Хесе го набљудувал со грижа и одбивност. Во текот на војната ги помагал германските бегалци од националсоцијалистичкиот режим како на примерТомас Ман, давајќи им скривалиште. Во текот на војната го создал и своето последно големо дело „Игра со стаклени бисери“. Во 1946 година ја добива Нобеловата награда за книжевност за, како што се наведува во образложението „инспиративното поетско достигнување кое во својот смел и длабински развој ги презентира идеалите на класичниот хуманизам, како и уметност со голем стил“.
Херман Хесе, починал во 1962 година, во својата куќа во Швајцарија, во време кога се чинело дека неговата популарност исчезнала. Критичарите неговото дело го означиле како колекција на кичот. Дури со хипи движењето во САД се овозможило неговата литература повторно да добие на популарност. Од САД неговата популарност се прошири низ целиот свет и до ден денес интересот за неговите книги не запира.
Извор: 6yka.com