Проектот „Шесте милијарди други“

11.04.2012 08:58
Проектот „Шесте милијарди други“

Проектот „6 billion Others“ (или Шесте милијарди други) го започнал Јан Артус-Бертранд (Yann Arthus-Bertrand), со Сибил д’Оргевал (Sybille d’Orgeval) и Баптист Руже-Лушер (Baptiste Rouget-Luchaire). Тоа е, всушност, интервју од најголем можен карактер, во кое се опфатени 5.000 разговори со луѓе од 75 различни земји, а ги воделе 6 режисери кои патувале низ светот во потрага по „другите“, поради што и проектот го нарекле „Шесте милијарди други“. Oд бразилски риболовец до кинески продавач, од германски перформер до авганистански фармер, сите одговориле на истите поставени прашања: за нивните соништа, за нивните стравови, за желбите, „што научиле од своите родители“, „што сакаат да им остават на своите деца“, „преку какви проблеми биле соочени во својот живот“, „што значи поимот љубов за нив“ и уште четириесетина прашања, сѐ со цел да се дознае што нè дели, а што нè соединува сите нас – шесте милијарди луѓе на планетава.

Јан Бертранд за проектов добил идеја кога заглавил во африканската држава Мали, поради проблеми со хеликоптерот. Тогаш Јан целиот ден го поминал зборувајќи со еден од мештаните. Домородецот му зборувал за своите соништа, желби и стравови во животот, неговата животна цел му била да си ги израни своите деца. Јан вели: „Тогаш се најдов себеси вметнат во најсуштинските мисли. Тој ме погледна право во очите, без да се жали или бара нешто од мене, дури немаше никаков израз на незадоволство од својот живот. Потоа сонував да ги разберам тие зборови, да го разберам тоа чувство што нè поврзува нас, бидејќи оттаму планетава изгледа како збир на неверојатни и фасцинатни животи на кои им треба споделување.“

Јан Бертранд (во средината)

Јан има шеесет години, неговиот поглед кон минатото носи премногу информации, премногу слики и фасцинантни стории, но денес, вели тој, кога имаме толку многу технолошки опции како интернетот и можеме да ги споделиме сите наши различности, информацијата никогаш не била толку раширена и толку поверодостојна од порано, но сепак ни недостасува нешто – нејзиното разбирање.
Целта на проектот:

Проектот е лансиран во фебруари 2003 година, а е роден од една мала желба да се направи контакт со „другите“ луѓе. За да живееме заедно, првото нешто што е потребно е да се разбереме меѓусебно, да се осмелиме да го направиме првиот чекор; да поставуваме прашања, да слушаме, да бидеме дел од нечија животна приказна. Целта на проектов е да се соберат тие различни портрети на луѓето и да се нагласат нивните разлики, со цел подобро да се разбереме меѓусебно. Зголемувањето на свесноста за потенцираните разлики на „другите“ ќе влијае врз разбирањето дека сите начини на живот се правилни и ќе ја поттикне одлуката да живееме на свој начин!

Начинот на снимање:

• Употребени се четириесетина прашања, а за почетокот се изберени оние кои нè обединуваат: семејството, љубовта, среќата; но и оние кои нè разделуваат на различни ставови: војна, примарните цели во животот и религиските или други верувања.

• Следното е заедничкиот начин на снимање: сите лица се снимени со идентични манири – предно вертикално снимање.

• Заедничкото приоѓање: за секој лик е избрана позадина која ја отсликува неговата животна околина и истиот светлосен ефект, како и звукот. Поставена е доверба меѓу репортерот и личноста која е интервјуирана за таа да зборува на лесен, доверлив и природен начин.

• Како што режисерот Алберт Јакуард умее да рече: „Јас сум линковите кои ме брануваат во заедништво со другите“, така последниот дел од снимањето е составување на сите делови т.е. монтажерскиот процес за поврзување на содржината.

„Шесте милијарди други“ не е геополитичко ниту социјално проучување, туку перспектива на човештвото, колекција од човечки приказни. Приказни за стравовите, за задоволствата и соништата кои ја создаваат нашата заедничка приказна. Собирајќи сведоштва за различноста на човечкиот вид, таткото на проектот се обидува да докаже дека различностите потекнуваат од самата потреба за преживување во светот поради различните услови во различните негови делови. Колку повеќе ни се изедначуваат условите – толку повеќе се зголемува разбирањето помеѓу нас. Патем, за комплетирање на овој проект биле потрошени точно шест години, многу енергија, труд и најважното – меѓусебно разбирање.

Погледнете извадок од проектот:

Your browser is not able to display this multimedia content.

Извор: outtake.blog.mk

ОкоБоли главаВицФото