Историјата во рацете на инженерите на човечките души

11.04.2012 12:05
Историјата во рацете на инженерите на човечките души

Кога хрватскиот историчар Невен Будак се осмели да се посомнева во крунисувањето на Томислав за хрватски крал во дивиот предел на Дувно, во таинствената 925 година, како податок што е забетониран во нашата „домољубна свест“, инженерите на националните души ја сокрија таа работа од нежните уши на хрватските ученици.

Протест

И Одделението за средновековна историја на Хрватскиот институт за историја сметаше дека има должност да протестира против податоците на интернет страниците на Постојаната мисија на ОН во Њујорк, дека споменатиот Томислав не е хрватски крал. Хрватската историја е полна со митски духови и идеолошки интерпретации. Што сè сме учеле ние во нашите училишта, а за дел од тоа слободно може да се каже дека се работи за конструкција која само треба да ја потврди непобитната историска слава и старост на Хрватите, по што само треба да ни капне солза радосница преку чесниот ни образ.

Како ретко која научна гранка историјата е подложна на претерувања, сокривања и, благо речено, на неверодостојни интерпретации на настаните. Многу работи кои се предаваат во училиштата не смееле да бидат оспорувани од политички или повисоки национални интереси. Ако и некој би посакал нешто поинаку да го претстави, бил прогласуван за издајник, бил заковуван на столбот на националниот срам. Не се смеело особено да се сомнева во некоја историска битка која е добиена, иако за тоа немало некакви цврсти податоци, туку само некакви фрагменти на надгробен споменик и најчесто без никакви докази за своето постоење.

Шаблони

Хрватската историја мораше да се вплетка во шаблоните на државните тенденции во кои сме долго време. Хрватската историја ни даде еден голем број научно неосновани, тешко докажливи и натегнати податоци за нашата големина. Има многу мистериозност, темнина и магла во нашата историја.

Но, проблемот можеби не би бил толкав ако се работи само за далечните времиња, завиени во загадочноста на настаните од хрватскиот камењар, доколку бајковитоста на хрватската историја не се прошири сè до денешни дни.

„Прашање е колку историчарите се подготвени да бидат храбри и отворени и да не дозволат да бидат искористени за подгревање на историските митови, независно од реакциите. Се разбира дека историјата е наука која интерпретира, но сепак е наука. И учењето на историјата нема воспитна функција, односно не може да биде во функција на воспитување на добри Хрвати“, вели историчарот Твртко Јаковина.

Шеми

Сите национални истории се дел од иста шема. Сите имаат некои заеднички карактеристики – се трудат да докажат дека нацијата има долг и стабилен континуитет, па сите отсекогаш влечат некакви корени од темните шуми и авантурите на праисторијата. Националните историчари особено посветуваат внимание на средниот век, кога се формираат основните карактеристики на нацијата.“

„А секој пристап кон проучување на историјата како да пишува за развојот на човекот, а имаме различни вреднувања на историјата: подобри и полоши периоди, подеми и падови, пропаѓања и славни враќања, што само нагласува дека се работи за конструкција“, ни објаснува историчарот Стефан Бергер, професор на Универзитетот во Манчестер и водител на проектот „Презентирање на минатото - пишување на националната историја во Европа“.

Сите истории се користат со канонот на националните херои, кои често не го заслужуваат таквото опишување, кои имаат веројатно и сомнително херојство. Се разбира, постојат и национални непријатели кои за другите се херои. На сите им е важна расправата за границите, односно териториите. Се расправаат за тоа до каде е нивното историско подрачје и кој им го зел остатокот, оној кој останал надвор од матичната земја.

Густи шуми

Значи, сите народи имаат свои густи шуми, мочуришта, трагични полиња и јуначки клисури од каде што дошле нивните претци, свои Туги и Буги, свои Томислави и други, а сосема е сигурно дека не сме единствени кои сме оштетени или кои имале посебна историска мисија. Може да се каже дека секој народ има онаква историја каква што заслужува, колку и да ја украсува, ревидира или митологизира. Хрватската историја е преполна со контрадикторности – од „вековната борба за јужнословенско обединување“ сè до „илјадагодишната борба за хрватска самостојност“. Хрватите се борат главно за гол опстанок од различни арамии и освојувачи, без разлика дали се идеолошки (нацисти, комунисти) или освојувачи (Срби, Венецијанци, Турци, Унгарци, Австријци).

Некои од хрватските митови:

1. Доаѓање на Хрватите на море

Во нашите исконски краишта, каде постоеле разни цивилизации, народи и држави, доаѓаат пра-Хрватите. Тие во романтичната верзија на сликата на Отон Ивековиќ се претставени како кротки визионери кои од ридовите гледаат кон синиот хоризонт на морето и во тогаш сè уште небетонираниот брег. А тие биле – испотени и валкани касапи кои во росната зора на 614 година уништиле цивилизирани градови, од кои еден бил познатата Салона. Во првите редови на тие орди биле Словените, односно пра-Хрватите. Кој им бил водач, не знаеме, зашто нема пишана трага. Впрочем, тие биле неписмени! Хрватската историја рушењето им го натоварила на лошите Авари, кои биле дел од ордата и кои не разурнувале осамено. Вистина, Салона се одржала уште десеттина години откако била ограбена и разрушена, а Хрватите продолжиле да ги освојуваат нашите „вековни огништа“. Ние го користиме она што нашите претци ни го освоиле и ние сме им благодарни!

2. Лудевит Посавски

Кнезот на панонската Хрватска од 810 до 832 година се смета за еден од најголемите борци за хрватската самостојност и слобода. Им се спротивставувал на налетите на Франците, тогаш најсилната европска сила и не ја прифаќал нивната чизма. Тие против него, како многубројни непријатели, презеле шест офанзиви и во 822 година конечно го поразиле (тој самиот и не учестувал во битката и побегнал). Во оваа историска прикаска лошо минува кнезот на приморјето Борна, кој потпишал пакт со Франките и заработил оценка дека е предавник и пробисвет. Ама скокотка теоријата дека Лудевит побарал помош и побегнал кај Србите, каде што тамошниот владетел, како што и доликува, царски го пречекал и го нагостил. Сепак, Лудевит го убива тој владетел-домаќин, мислејќи дека овој на крајот ќе го предаде на Франките. Србите го истерале. Потоа Лудевит сепак ја прифаќа власта на Франките. Сторијата за Лудислав е добра за сите наши идни здружувања и раздружувања.

3. Крунисувањето на кралот Томислав на Дувањско поле

Не постојат историски докази и артефакти кои би потврдиле дека во магливото средновековие – 925 година – тоа навистина и се случило. Но, за Хрватите тој настан не смее да се доведе во прашање, национално и политички. Единствено што оди во прилог на тоа дека Хрватите и покрај толкав брег сепак оделе да се крунисуваат во некои Толкинови црнилишта. Факт е дека после Томислав сите наследници си се нарекувале кралеви.

4. Клетвата на царот Звонимир

Кралот Звонимир го убиле Хрвати во селото Косово кај Книн во 1089 година. Несреќниот Звонимир наводно ги проколнал Хрватите да немаат илјада години своја држава. Хрватите станале самостојни после 900 години. Летописот на попот Дукљанин од 12 век е преведен во 15 в.

5. Петар Свачиќ и битката на Гвозд

Легендата за „народниот крал“ Петар Свачиќ (повистинито е да се презива Сначиќ), кој во битката со Унгарците во 1097 година на Гвозд, во негова чест денес Петрова гора, вели дека тој сакал да го спречи падот на хрватското кралство. Односно Петар сакал да го спречи неизбежното претопување на хрватското во унгарското кралство. Неспорно е дека во мај таа година имало таму битка, но не се знае зошто и како таа се одвивала. Ниту со какви сили располагал Петар, во кое својство тој бил таму, но факт е дека таа војска имала големи загуби и оти настрадал и самиот Петар. Во училиштата е славен како несомнен херој, кој се обидел да стори нешто невозможно, а подоцна му е додадена титулата – народен крал.

6. Битката со Татарите

Гробичката битка во 1242 година, кога според непотврдени сознанија се судриле Хрватите со Татарите, изгледа не се ни случила. Хрватите во таа виртуелна битка, се разбира, славеле. Тоа не му пречело на д-р Фрањо Туѓман да организира спекакуларна прослава по повод годишнината на битката која не се случила, што е сепак подобро е славењето на битки кои се изгубени, што го прават Србите.

7. Матија Губец и селската буна од 1573 година

Селската буна на загорските кметови резултирала со многу митови врзани, пред сè, за Губец. Некои од нив потоа се толкувани како историски факти. Според легендата, која во училиштата се предава како вистина, селскиот водач најнапред малку го малтретирале со вжарени клешти, а подоцна го крунисале со вжештена круна. Потоа, по целата таа тортура, унгарскиот феудалец Моренц дури го пресекол на четири делови. Мустаќлестиот загорски селанец влегол во историјата, а сигурно е историска личност со најголем број на улици во Хрватска. Главен негативец во таа сторија е хрватскиот феудалец Фрањо Тахи. Се запомнило дека тој ги малтретирал селаните на економска основа, а потоа сето тоа се вклопува во антиунгарското чувство кај хрватскиот народ.

8. Зринско-франкопанскиот заговор 1671 г.

Многу легенди и приказни има за заговорот на Зрински и Франкопан од 1671 година, каде се истакнува нивната храброст и остроумност, како и „страдањето за Хрватска“. Мора да се прифати дека сето тоа било неорганизирано и многу лошо, аматерски, што мора да се признае е многу хрватски. Хазбурговците, секако, сакале да владеат апсолутно и сакале да го укинат Саборот, па банот Зрински и Франкопан се шетале низ Европа и барале сојузници. И секаде биле лошо примени или не биле сфатени. На крајот се согласуваат на сорабока со Турција (!) и прифаќаат вазалски однос, а Зрински дури прифаќа да плаќа и данок. Но, услов бил да се биде владеел со наследно право. Можеби во секое зло има и некое добро.

Царот Леополд Први, кој дознал за овие дејствија, ги викнал во Виена, божем за помирување (1670). Кога стигнале таму веднаш се затворени и се осудени на сечење на едната рака, како и обезглавување. На 30 април тоа е извршено. Дури кружи легенда дека цела ноќ обајцата го молеле џелатот да не им ги отсече нивните џентлменски глави, но залудно, тие се стркалале во несфатливите беспаќа на хрватската историја.

9. Илирскиот препород 1830 - 1843

Ова е општоприфатено име за културното, општествено и политичко движење што во првата половина на 19 в. се разви во Хрватска како општонароден препород. Денешната историска историографија одбегнува компликувани објаснувања на терминот „илирски“, бидејќи се сметало во тоа време дека сите јужнословенски народи говорат илирски јазик. Имало за цел да создаде јужнословенско обединување. Босанскиот јазик дури имал лирско милозвучје! Србите и Словенците никогаш не ги прифатиле тие идеи од Хрватска. Обостраните недоверби, значи, биле исконски. Но, тие идеи секако не биле југословенски како што потоа се толкувани. Како и да е, југословенската идеја се родила кај хрватската интелигенција во 19 в.

10. Радиќ: „Не влетувајте како гуски во магла!“

Воскликот на водачот на Хрватската селанска партија Стјепан Радиќ во Саборот „Не влетувајте како гуски во магла“, во екот на жолчните расправи за обединување со Србија, често се споменува со некаков видовит ореал. Наводно тој сакал да спречи такво обединување а, всушност, Радиќ не бил против обединувањето, туку давал оценка за тоа како таа да се изведе! Во Југославија таа реченица не се споменувала, а потоа добила култно значење, ако е изговорена надвор од контекстот во кој сега се толкува.

Извор: globusmagazin.com.mk

Слики: Јосеба Ескуби

ОкоБоли главаВицФото