Мораше да се каже

11.04.2012 12:16
Мораше да се каже

Тоа не е голема песна, ниту брилијантна политичка анализа. Но, оскудните редови кои Гинтер Грас ги објави под наслов „Што мора да се каже“, некогаш ќе се вбројуваат меѓу неговите највлијателни зборови. Тие означуваат пресвртница. Во нив се наоѓа реченицата која повеќе нема да можеме да ја избегнеме: „Нуклеарната сила на Израел го загрозува и онака кревкиот мир во светот“. Ова реченица крена вистинска бура. Затоа што е точна, и затоа што ја изговори еден Германец кој, покрај тоа, е и добитник на Нобелава награда за книжевност. Затоа што неа ја изговори Гинтер Грас. Презеде задача да ја изговори оваа реченица во име на сите нас. Задоцнетиот разговор започна.

Тоа е разговорот за Израел и за тоа дека Израел се подготвува за војна против Иран, чијшто претседател Махмуд Ахмадинеџад се заканува дека ќе го збрише Израел од лицето на земјата. Израел е земја која веќе со години е опкружена со непријатели, од кои некои ѝ го негираат правото на постоење – често независно од нејзината политика.

Тоа е војна која светот би можела да го втурне во бездна. Кога за тоа зборува Германец, темата на разговор мора да биде и германска одговорност. Грас знаеше дека ќе биде обвинет за антисемитизам. Тоа е нешто на кое смета секој Германец кој го критикува Израел. „Политичко некоректен антисемитизам“, веднаш му препиша Матиас Дуфнер, шеф на издавачката куќа Спрингер, којшто се замислува дека е единствениот надлежен да ги коментира израелско-германските односи. Грас можеше да очекува и дека за него веднаш ќе се најде место во рехабилититациониот центар за германска историја, во оделението за остарени топџии.

Но, Грас не е ни антисемит, ни германско историско зомби. Тој е реалист. Тој го осудува нуклеарниот потенцијал на Израел, „кој не е подлежен на никаква контрола“, како и германската воена индустрија која на Израел му испорачува подморници опремени за носење нуклеарни боеви глави. Полн со гнасење се одрекува од „лицемерството на западот“ кое е – тоа дури не мораше ни да го каже – отсекогаш единствен модел за нашето однесување кон Блискиот Исток, од Алжир до Авганистан.

Гинтер Грас напиша и некои бесмислици. Како, на пример, дека долго молчел и дека повеќе нема да молчи – „остаре и последниот потег на перото“ – небаре со тоа другите би требало да се почувствуваат слободни за нешто да кажат. Ова и не е баш така добро формулирано, како ни стиховите кои зборуваат за намерата Израел целосно да го разори Иран, за што Израел воопшто не размислува. Можеше овој текст подобро да ги прилагоди темите за можен напад на Израел врз Иран. Но, и покрај сѐ, добро укажа на итноста за решавање на работите.

Некој конечно мора да излезе од зад сенката на изјавата на Ангела Меркел, која таа ја даде за време на посетата на Израел во септември 2008, велејќи дека безбедноста на Израел е дел од причината за постоењето на Германија како држава. А за да не дојде до недоумица, додаде: „Затоа што е тоа така, тогаш во случај на нужност не можеме да останеме само на празни зборови.“

Хелмут Шмит додаде дека се чувствува одговорен за безбедноста на Израел, што е, според Гинтер Грас, едно „разбирливо чувство, но будалеста изјава која може да има исклучително сериозни последици“. Кога би дошло до војна помеѓу Иран и Израел, „тогаш, според неговата изјава, и германската војска би морала да се придружи“. Оттогаш Израел, покрај САД, ја смета и Германија за земја на која може да се потпре.

Со подршката на Америка, каде што претседателот пред новите избори мора да ја осигура подршката на моќното еврејско лоби, и со онаа од Германија, каде соочувањето со минатото во меѓувреме поприми и воена димензија, владата на Нетанјаху со своите воени закани го влече за нос целиот свет: „Израел на Нетанјаху управува со глобалните случувања како ниедна мала земја пред неа“, напиша израелскиот весник Haaretz. Од цената на нафтата до тероризмот – светот има доволно причини да се плаши од израелско-иранската војна.

Никој не тврди дека Иран поседува атомска бомба. Никој не знае дали Иран работи на производство на таква бомба. Американците дури и сметаат дека Иран ја прекина својата нуклеарна програма уште во 2003. Меѓутоа, Израел повеќе не сака само да го спречи иранскиот напад со атомска бомба, туку да ја спречи можноста Иран да ја направи таа бомба. Израел сака да престане да се заимава со овој проблем, сличен на оној кој Америка го имаше со Садам Хусеин. Америка сметаше дека мора да докаже дека нивниот противник располага со оружје за масовно уништување. Такви докази, како и такво оружје, не беа најдени во Ирак. Тогаш американската влада тие докази ги лажираше.

Израел на светот му ја наметна логиката на ултиматум: тој не сака да докажува дека Иран има атомска бомба. Не сака да докажува дека Иран таквата бомба воопшто ја прави. Израелската доктрина гласи дека Техеран не смее да допре до таканаречената „зона на имунитет“. Израел затоа се заканува со напад, пред Иран да ги закопа своите атомски постројки толку длабоко, што ниедна американска бомба не би можела да допре до нив.

Израел со Иран игра партија покер, во која двете страни добиваат, под услов да не дојде до војна. „Лудакот од Техеран“, така по улиците на израелските градови го нарекуваат иранскиот претседател. Но, Ахмединеџад не е лудак. Тој сака да ја задржи својата положба и поради тоа ја задушува опозицијата: крваво ги задуши масовните протести пред три години, а многу опозициски политичари се најдоа во затвор.

Ахмединеџад свесно ги крие своите нуклеарни намери. Тој профитира од овие стратешки двосмислености, на ист начин како и Израелците од воената закана. Двете земји на некој начин заемно се помагаат, зголемувајќи го своето влијание далеку над нивните вистински моќи. На перверзен начин, овие две земји се зближија во тој однос на меѓузависност. Време е, како што Грас напиша, да се инсистира на тоа „владите на двете држави да дозволат непречена и постојана контрола, како на израелскиот нуклеарен потенцијал, така и на иранските нуклеарни постројки од страна на надлежно меѓународно тело“.

Иран веќе е под притисок поради санкциите. Време е и врз Израел да се изврши притисок. И оној кој тоа го вели не се обидува „да ја релативизира вината на Германците, истовремено обвинувајќи ги Евреите“, како што тврди Дуфнер. Овде не се работи за историјата на Германија, туку за опстанокот на светот.

Извор: Spiegel

Цртежи: Питер Равн

ОкоБоли главаВицФото