Кога не е со алал, не е на арно

13.04.2012 15:36
Кога не е со алал, не е на арно

Уште од почетокот колумните во „Фокус“ ги разбирав како средство за културно разбирање меѓу народите. Mногу работи кај нас би биле подобри кога Aлбанците би ги разбрале Mакедонците, а Mакедонците би ги познавале Албанците. Така, во тој след, актуелно би било да се научи една албанска изрека која вели: крушката има опашка. И со таа изрека да се анализира, на пример, посетата на вицепремиерката Арифи во Бугарија. Дали може да се каже дека таа посета има врска со тоа што само еден ден после можноста нашите граѓани да идат во Албанија само со лични карти излезе на виделина дека покер-апарати влегувале од Бугарија, дури и без лична карта. Да не случајно вицепремиерката отишла да види дали таму воопшто има граница? Или отишла да се распраша колку навистина чинат тие машини и така некако да го ублажи чудењето на нејзината колешка Јанкуловска, со која, ете, здружено ги шијат и ЗНМ и ЕУ и сите новинари?

Или има врска со високата политика, па вицепремиерката гледа солуции како да ни ја интегрира земјата во ЕУ без да сработи и една единствена проста реформа за декриминализација на клеветата во предвиден рок. По примерот на ДДР, која е единствена земја која влегла во ЕУ, туку-така. Така и ние некако со Бугарија. Па, да, кога тоа би било можно, сигурно би се остварило само со вицепремиерка Албанка. Така ова посета ќе биде некоја „виша“ политика која ние не можеме да ја разбереме, но веројатно тоа е најсоодветниот одговор од македонските Албанци за оние луѓе кои едноставно веќе не можат да издржат и плачат по српските весници за сојузништво и спојување со Србија. А притоа не дават некое комплетно решение за таа опција. На пример, кој би бил поглавар на МПЦ во тој случај? Но, иако некои од нив велат дека учеле филозофија, сепак не ќе знаат да одговорат на ова. Тоа е очигледно затоа што уште не разбрале дека во дуалноста на геостратегијата и метафизиката и тројството од МПЦ, Албанија и Бугарија, токму овдешните Албанци се сингуларот кој бил пресуден овде веќе да ја нема Србија.

Како е можно Албанците и Македонците да функционират како комшии, другари и како бизнис партнери, а притоа гледаме дека не можат здружено политички да владеат? Како тоа толку години овие господа да не најдат прост начин да се разберат за најнеопходното и првобитно нешто за кое заправо беа делегирани и од Македонците и од Албанците: правна држава? Како тоа сè уште не најдоа: некој начин неспоредливо светол и вешт, начин ние двајцата да се разбереме, како насмевка и подавање на рака. (Т.С. Елиот)

Како тоа им успева на Кокев-Кадриу а не им успева на Грујо и Алиу? Кокев-Кадриу е дизајнерското дуо кое, ете, овие денови, со претставената одлична колекција прослави и петгодишнина на нивната соработка.

Краткиот и груб одговор би бил дека овие двајца политичари немаат штоф за да го изведат тоа, но тоа не е толку точно земајќи ги предвид сите околности и фактори. Прво и најважно, овие луѓе не се гледаат често како што тоа веројатно го прават дизајнерите кои, ете, секоја сезона гледаме дека произведуваат одлични креации. Како е можно Груевски повеќепати да се сретнал со Папандреу отколку со неговиот партнер во власта Ахмети? Имено, премиерот со сретнал со грчките премиери дванаесет пати, според броењето на Иванов, кому, ете, срце му плаче што не може да се сретне со грчкиот претседател. А толку средби не се евидентирани во јавноста за речиси цели четири години заедно владеење на лидерите на ДУИ и ДПМНЕ.

Веројатно, фактор е и тоа што процесот на одлучување на овие двајца е толку абнормален, што освен што во многу случаи тоа не се нивни автономни одлуки, тие и не се спроведуваат автентично така како што се замислени. Споредено, пак, со дизајнерите, кои повеќе нема да ги фалиме за да не ги урочиме, тоа би било како нивните шивачки сами да додадат некоја фалта на фустаните или да скратат од шлицовите. Така, во владата, таа своеглава, но малоумна шивачка, која набргу потоа останува без работа, веројатно е Муса Џафери, кој често или сам ќе смисли дека може да изведе сако само со едно копче или ќе стави неквалитетен конец!

Но, целосно објаснување би било нешто околу двете најгрешни работи за владеење, но и воопшто поведение и морал: лажењето и крадењето. Имено, фустаните никогаш не би биле тие што се кога некој чирак или шивачка би краделе штоф или би лажеле за бојата или за квалитетот на материјалот. Ова најкратко можно не го објаснил ниту оџа, ниту поп, туку лично премиерот Груевски кога пред многу години му ги кажа овие зборови од насловот на Бранко Црвенковски. На човекот на кој му се плаши и кога овој последниот, ете, ништо не работи. Така и нашиот премиер, кој го цениме колку да му ги запамтиме зборовите, се однесува кон него како човек кој се паркира или застанува со мал автомобил пред шлепер или булдожер. Оџинските зборови и попувањето кое тогаш го даде премиерот, за кое не знаеше дека важи и за него и за сите нас, секогаш, се: кога не е со „алал“, не е на арно. И ете, и од оџа потврдено, навистина така е тоа: арамот ги јаде и проектите и реформите и еден ден може да нè изеде сите! Секако, прво ги јаде тие што арам јадеа.

Извор: Фокус, 12.04.2012

Колажи: Dani Sanchis

г-не Рамадани, интересно како

г-не Рамадани, интересно како вашите Окно колеги немаат проблеми со Албански преродбеници, па не можеме да видиме ниту еден коментар за не-граѓанскиот концепт на држава кој итро го вметнувате во приказаната за соживот, односно нефункционирањето на двоецот "дизајнери" Груевски-Ахмети. Вметнувате приказна за ортаци , комшии и другари , мегутоа помеѓу само два народа, Македонскиот и Албанскиот. Вметнувате концепт на ортаци, концепт на еднакво право на територија, кој ако не функционира може и да се раскине, и секој да си продолжи по својот пат. Знаејќи дека ја вреднувате тежината и конструкцијата на мислата, и работите не ви излетувааат туку така, на мислење сум дека сте дел од поголема приказна чија разврска изгледа дека ке ја видиме набрзо, затоа што изгледа дека не останува многу време пред да се затвори казиното, па сите играчи сакаат да одиграат уште една рака пред затварање. Наликува како сите играчи да одат "all in".

не се чуствувам повикан да

не се чуствувам повикан да зборам за окно а за себеси би ти кажал дека не се сметам за преродбеник. од многуте добри работи кои ги прави Окно е и тоа што има таг под моето име каде што можеш да прочитате и другите мои пишувања каде секогаш зборувам за граѓани и каде не ретко ги спомнувам и другите. не сум по маси и казина но продолжувајќи го вашето споредување можам да ве уверам дека јас освен што не сум дел од никаква приказна ниту голема ниту мала, сум неки нови клинци...друга маса друга генерација и имам што да кажам. фала на Окно што ме објавува и фала на вас кои ме читате. благодарам

ОкоБоли главаВицФото