Европа сега треба да создаде Европејци

14.04.2012 14:19
Европа сега треба да создаде Европејци

„Ја создадовме Италија, сега само уште треба да создадеме Италијанци“, рекол италијанскиот интелектуалец Масимо д’Азелио по обединувањето на неговата држава во 1861 година. Денешните европски политичари се соочуваат со модерна верзија на дилемата на д’Азелио: ја создадоа Европската унија, сега мора да ги создадат Европејците.

Изградбата на колективен идентитет вообичаено трае неколку генерации. Но, европските политичари немаат толку време. Доколку не уверат 500 милиони жители на Европската унија да бидат повеќе приврзани за Европа, а помалку за своите држави, може да се случи да не бидат во состојба да го преземат сето она што е потребно за да се зачува еврото.

Поголемиот број аналитичари сметаат дека за да преживее еврото мора да биде поддржано од многу поголем европски федерален буџет, заеднички долг (евро обврзници) и многу силна централизирана влада. Сето тоа не мора да се појави веднаш, но насоката на движење мора да се утврди сега. Меѓутоа, се чини дека таквите чекори немаат некоја голема поддршка. Германските даночни обврзници се спротивставуваат на сè поголемиот транфер на пари на југот на Европа. Грчките и шпанските гласачи не сакаат буџетот на нивните држави да се крои во Брисел. Европскиот идентитет не е доволно силен. Но, без него ЕУ изгледа како зграда со лоши темели која се спротивставува на политички и економски земјотрес. Исто како и Италија, и Европа е поделена на север и југ, со истите проблеми и тензии кои растат меѓу граѓаните од просперитетниот север и помалку развиените јужни земји. Политичарите некако мораат да ги уверат двете страни да ги надминат разликите и себеси да се сметаат за Европејци.

Приказната за Италија е само опомена за тие кои сега мораат да се борат да „создадат Европејци“. Повеќе од 150 години по обединувањето, моќната опозициска партија „Северна Лига“ се бори да ја претвори Италија во многу послободна федерација или целосно да ја подели.

Претседателот на партијата, Умберто Боси, минатата недела беше присилен да си поднесе оставка, но напнатоста во неговата партија не стивнува. Југот на Италија е и понатаму многу посиромашен од северот. Многумина сметаат дека причина за таа релативна стагнација е заедничката валута со многу попродуктивниот север. Од друга страна, поголемиот дел од даночните обврзници од северот многу замеруваат за големите количини пари што се префрлаат на југот.

Како и Италија, и Европа е поделена на север и југ, со истите проблеми и тензии кои растат меѓу граѓаните на просперитетните северни и помалку развиените јужни земји. Политичарите некако мораат да ги уверат двете страни да ги надминат разликите и себеси да се сметаат за Европејци.

Меѓутоа, ќе биде многу потешко да се создадат Европејци отколку Италијанци, бидејќи процесот на формирање на заеднички идентитет се одвива на многу поширока територија која е лингвистички и културално многу различна.

Вкоренети национални идентитети

Сите водачи на национални движења знаат дека националната реторика и заедничкиот јазик се клучните фактори за изградба на нацијата. Уште една важна ставка е контролата на образовниот систем. Во 1981 година само еден од четириесет Италијанци зборувал италијански. Тоа се промени низ училишниот систем. Меѓутоа, образовниот систем на сите 27 земји на ЕУ е различен. Не постои заеднички план и програма, ниту настава на заеднички јазик.

По неодамна одржаниот самит на Европската унија, на кој се прифатени фискалните правила што ги предложи Германија, Волкер Каудер, претставник на Демократската унија на канцеларката Ангела Меркел, изјави: „Сега Европа зборува германски.“

Но, тоа не е вистина, ниту буквално ниту метафорички. Прерано е да се тврди дека јужна Европа ќе ја прифати германската „културна стабилност“. Учењето на германскиот јазик е, всушност, во опаѓање во поголемиот дел од Европа, иако побарувачката за часови по германски јазик наводно е зголемена во јужна Европа, со оглед дека невработеноста ја повлекува иницијативата.

Доколку Европа сака сите нејзини граѓани да бидат подучувани на ист јазик, очигледен кандидат би бил англискиот. Меѓутоа, предлогот англискиот јазик да биде официјален јазик во француските училишта би бил нов и интересен начин на политичко самоубиство.

Некои забележаа ветувачки знаци за формирање на пан-европски идентитет во француската претседателска кампања, каде што е објавено дека германската канцеларка ќе учествува во кампањата на Никола Саркози. Но, тој план пропадна исто како и првобитната тема на кампањата на Саркози во која ветува дека успешниот германски модел ќе го увезе во Франција.

Народниот говор „Le Bugreta“, со кој ја започна кампањата Франсоа Холанд, најголемиот противник на Саркози, е преполн со навестувања кои упатуваат на големи личности во француската историја – од Жорж Клеменс до Албер Ками. Всушност тие културни корени го обоија и променија говорот.

Имено, како што се продолжува кампањата во Франција, така дебатите стануваат сè повеќе национално обоени. Властите во Брисел се убедени дека Европа треба да инсистира на подобра интеракција наместо тоа што мора да ги слушаат предлозите на г-нот Холанд „повторно да се преговара“ за новиот фискален пакт на Европската унија и заканите на Саркози дека Франција ќе излезе од шенгензоната.

На изборите во Грција идниот месец најверојатно ќе биде застапена слична национална реторика, особено пред неодамнешното шокантно самоубиство на пензионер кој се уби пред зградата на парламентот и остави писмо во кое ги обвинува грчките политичари и ги повикува на одговорност предавниците кои ја продадоа државата на странците.

Групниот идентитет може да се размрда во моменти на криза или војна. Наместо да „создава Европејци“, моменталната криза ги охрабрува граѓаните на Европската унија да се вратат на старите, вкоренети националистички идентитети.

Извор: Financial Times

Илустрации: Питер Равн

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото