1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 09:59
Човек треба секогаш да внимава какви желби си посакува. Тоа е нужно, бидејќи понекогаш желбите се исполнуваат. Пред шест години електоратот посака нешто ново и нешто свежо. И го доби Груевски!
Дали македонските граѓани имаат право на уште една слична желба? Дали златната рипка ќе сака уште еднаш да ја исполни истата желба? Во светот на бајките не постојат никакви ограничувања. Но, животот не е бајка, иако, денес, ни се чини дека сме дел од една волшебна приказна. Онаа на ВМРО-ДПМНЕ. Таквиот впечаток, бездруго, е еден од индикаторите за социјалната шизофренија, бидејќи на многумина не им е јасно дали се во светот на бајките или во светот на реалноста.
Окрупнувањето на опозицијата не предизвика наплив од скриени желби кои сега треба да се соопштат. За такво нешто постојат низа причини. Опозицијата еманира некаква умереност и скромност што не може да биде доблест со оглед на тоа што од неа се очекуваат тектонски поместувања во македонската политика. Опозицијата има проблем со гласноста и со видливоста на своите потези, бидејќи во постојните медиумски констелации нејзиниот глас не допира далеку или не се зема премногу сериозно. Освен тоа, опозицијата уште на стартот беше изложена на ударите од власта која, сега, добива шанса да ја вергла омилената плоча: за конфликтот помеѓу старото и новото, за судирот помеѓу модерните и истрошените политичари, итн... Конечно, ниту аналитичарите не покажаа поголеми амбиции во промислувањето на обединетиот опозициски фронт.
Овој неспектакуларен почеток не треба премногу да нè загрижува. Не треба да нè измачува ниту тоа што окрупнувањето на опозицијата се одвива со брзина на полжав. Ете, окрупнувањето на партиите од левиот блок се случи пред нешто повеќе од две години. Сега, на повидок е окрупнувањето на десниот блок, која доби назив Пелистер коалиција. За некое идно време се навестува здружување на левиот и на десниот опозициски блок. Во најоптимистичната варијанта, можно е во опозицискиот фронт да влезат и албанските партии.
Ако се има предвид кои се луѓето што ги предводат опозициските блокови, а тоа се Бранко Црвенковски, Љупчо Георгиевски и Мендух Тачи, тогаш, се добива коалиција која пред петнаесет години се чинеше невозможна, а сега заличува на политичка платформа за некоја идна влада за национален спас. Или, нешто слично на она што веќе се случи во 2001 година, но таа Влада траеше кратко, само неколку месеци.
Гледано од дневнополитички агол, постојат многу пречки и многу сериозни предизици за Македонија да добие здружена опозиција каква што досега не постоела. Вакво нешто без „факторот Груевски“ не можеше да се замисли, а не, пак, да се претпостави како можно. Но, дали антигруевизмот или потребата да се води битка против еден режим е доволно за една здрава и трајна коалиција? Едноставен одговор на оваа основна дилема – не постои. Но, повеќе е од извесно дека здружената опозиција би имала големи придобивки од окрупнувањето, односно, тоа ќе биде од голема полза во спроведувањето на неколкуте фази кои мораат да се поминат пред да се стигне до крајната цел.
Опозицијата, во прв ред, мора да се соочи и да го респектира фактот дека додека е Груевски на власт, во Македонија не се можни фер и слободни избори. Ова, само по себе го индуцира и прашањето дали Груевски ќе го почитува и начелото за сменливост на власта, што е само дополнителен проблем.
На опозицијата ѝ треба победа по секоја цена. Таа мора да ѝ стави крај на лузерската фаза. Оттука, локалните избори во 2013 година ќе бидат нешто многу повеќе од избор на советници и на градоначалници. Локалните избори мораат да означат некаков пресврт, да ја навестат и победата на национално ниво. Се разбира, опозицијата си ги намалува шансите доколку поради раситнетоста на гласовите или поради изборните ножици тие завршат на контото на големите, главно владејачките партии, каков што беше, впрочем, и случајот на парламентарните избори. Исто така, опозицијата мора да води сметка во нејзините редови да не се најдат повторно платеници и вртикапи кои само ќе фингираат опозиционерство.
Сите овие примери укажуваат дека опозицијата треба прагматично да се позиционира пред локалните избори, но и подоцна, кога на ред ќе дојдат парламентарните избори. Но, здравиот резон и искуството нè учат дека прагматизмот и заедничкиот непријател не се секогаш доволни за создавање силна опозициска коалиција која, подоцна, треба да се преобрази во стабилно владејачко мнозинство. Дотолку повеќе што ние живееме на Балканот каде што, нели, се произведува повеќе историја одошто може да се консумира, каде што луѓето робуваат на многу заблуди и ресентимани и, што е многу важно, во нашиот случај, се работи за мултиетничка држава каде што е тешко да се хармонизираат магистралните политички становишта.
Постојните опозициски блокови, но и опозицијата во евентуален најширок формат, мораат да тргнат од ставот дека победата не се добива со негативна кампања. Така беше досега, а така ќе биде и во иднина - малку вредеа и уште помалку ќе вредат паролите од типот: „Ние ќе го поразиме Груевски“ или „груевизмот мора да се победи“. Она што недостига се нарекува позитивна кампања, која за опозицијата станува ноќна мора поради неколку причини.
Прво, откако станавме држава во која царува лагата и манипулацијата, веќе е невозможно изборното соочување да заличи на судир на опции, односно на препознатливи политички програми кои рамноправно се натпреваруваат. Второ, опозицијата не може по примерот на власта да ветува сè и сешто, да стане вториот политички минхаузен или, пак, да очекува дека ќе биде инхибирана желбата за „новата надеж“, како што беше случајот во 2002 и во 2006 година. Трето, откако опозицијата бележи порази во низа, сè потешко наоѓа начини да ја пласира својата основна теза – ако сакаме напредок и прогрес, ако сакаме да и ставиме крај на регресијата, ако сакаме нови почетоци, тогаш, мора да ја поставиме вистинската дијагноза за нашата болест, која, за жал, не почнува со појавата на Никола Груевски.
Постои една филозофија на граѓанска храброст која повеќе важи како начело на духовноста или на субјектот, отколку на нацијата или на државата. Но, вреди да се направи една таква паралела. Имено, постојат моменти кога човек мора да мисли и да дејствува и тогаш кога боли, па дури и тогаш кога на самиот човек тоа му причинува болка. Ако ја сакаме вистината, не можеме да ја избегнеме болката. Опозицијата е таа која мора да ја соопшти болката.
Која е нашата најголема болка? Национализмот! И само национализмот!
Тој зол дух нè следи од почетокот на независноста. Во овие дваесет години, национализмот го живеевме и го препознававме во различни форми – тој беше романтичарски, па од балкански тип, беше нова матрица за колективниот дух, а го доживувавме како турбогориво за патриотизмот, како бенигнен, распојасан, како агресивен... Сите овие модалитети оставија трага врз македонското општество. Лузните уште се забележливи. Но, најлошото е што национализмот во кумулирана форма ни еруптираше во времето на Груевски. Под негово водство, национализмот влезе во зрелата и завршна фаза. Дури сега ни се открива колку национализмот е монструозен и е опасен.
Пред Груевски, во македонската политика доминираа Бранко Црвенковски, Љупчо Георгиевски и Мендух Тачи, односно Арбен Џафери. Големата четворка е повторно во игра, но улогите се променети. Сега имаме ситуација на тројца наспроти еден, а богами, таа битка може да заличи на – еден на еден.
Дали Црвенковски, Георгиевски и Тачи ќе се здружат е големо прашање. Не е докрај јасно какви се плановите на секој од нив одделно. Во македонската јавност уште долго ќе траат полемиките околу нивниот политички ангажман, околу нивниот придонес или неуспех во креирањето и во спроведувањето на одредени политики. За нивниот натамошен политички активитет и за мотивите што ги имаат, можат да се прават секакви приказни. Но, некои работи не смеат да се тривијализираат. Времето кое го живееме не е погодно за цинизам и за пакости. Во крајна инстанца, какво фајде од сето тоа?
Дали соработката на Црвенковски, Георгиевски и Тачи ќе биде на кратки или на долги бранови, искрена и врз позитивна платформа, секако, зависи од многу фактори. Но, таа соработка веќе сега има и симболична димензија. Опозициската тројка покажува блискост не само заради потребата да се порази Груевски, односно, груевизмот. Да се победи Груевски во сегашните констелации не е мала работа. Но, тоа не е доволно. Потребно да се сосечат корените на злото.
Црвенковски, Георгиевски и Тачи треба да дадат придонес за да се заокружи една историска фаза кога национализмот или национализмите ѝ попречија на Македонија да се развива и да напредува. Затоа, нивниот ангажман изразува двојна негација.
Кога ќе се порази абнормалното, ќе можат да се посакуваат желби и да се прават планови за нови политики. Тогаш ќе биде лесно да се јават и нови личности.
Извор: globusmagazin.com.mk
Скулптури: Роберт Фонтено
Одлично е што се окрупнува
Испратено на 14 април 2012 од АнонимycиОдлично е што се окрупнува опозицијата, но жалосно е што токму Црвенковски, Георгиевски и Тачи кои се 3ца од четворицата најконтроверзни активни политичари во последните 20 години во РМ, се главни стожери на тој процес.
Така што тешко нас ако тие се алтернатива на груевизмот.
Мислам, Љубчо Георгиевски и Црвенковски, ма дајте ве молам.
Така е, да живеат СДСМ и
Испратено на 16 април 2012 од ПоробенТака е, да живеат СДСМ и грчкиот нацизам!
Долу Македонија!!!
"Која е нашата најголема
Испратено на 22 април 2012 од meglena"Која е нашата најголема болка? Национализмот! И само национализмот!"
Каде видовте национализам во Македонија? Зар желбата да се зачува името е национализам. Зар уставот со најголеми малцински права во Европа е национализам? Или повторно само демагогија и комунистички фрази? Сакате Македонија да ја претворите во автобуска станица на која ке и го менувате името зависно од потребите, и е нормално дека за тоа ви требаат лугето кои за пари и власт ке се продадат и себеси и своите морални вредности, кои сега е очигледно дека никогаш не ги ни имале. На виделина излегува единствениот мотив на овие луге за занимавање со политика , а тоа е власта, парите и деструкцијата на Македонија. Тачи отворено кажува дека е за поделба на Македонија, Георгиевски е Бугарин и ја договарал поделбата на Македонија со Арбен Џафери, Бранко покажува знаци на Неронско однесување. Тоа за мене не е опозиција, туку отпадоци од Македонската историја во последните 20 години.