Како муслиманите го гледаат Велигден

16.04.2012 08:47
Како муслиманите го гледаат Велигден

Исус не умрел на крст. Го родила девица, ама не е син божји. Ги лечел болните, им го враќал видот на слепите и оживувал мртви. Уште како бебе во колевката изговарал цели реченици, велејќи ѝ на мајка си Марија дека бог му дал свети книги и го направил пророк. Исус не е семоќен ниту вечен. Исус е Месија. Исус е муслиман.

Ова е Исус од Коранот. Нему му се посветени 93 стиха – повеќе одошто се посветени на кој било друг пророк освен Мухамед – и Исус од Коранот се совпаѓа со евангелијата во многу повеќе детали отколку што си мислат многумина муслимани. Мојата сопруга е муслиманка, со години посетуваше медреса, но кога ѝ го споменав Исусовото раѓање од страна на девица, не ми поверува веднаш. „Дали навистина така пишува во Коранот?“, ме праша. Тргнав да пребарувам, но по неколку секунди, одмавна со раката. „Немој да се мачиш“, ми рече, „најдов на Википедија“. И навистина пишуваше така.

Бидејќи се ближеше Велигден, почна да ме копка што вели Коранот за распнувањето. Поканив еден мој познајник, имамот Ибрахим Сајар, и се сретнавме на турски чај. Сајар води бројни меѓуверски проекти, од кои многу вклучуваат собирање на луѓе од различни вероисповести и заедничко јадење ќебапи. Во друштво на христијанин, вели тој, споменувањето на Исусовиот статус во исламот може да биде одлична тема за почеток на разговор. „Секогаш велам дека милиони муслимани го добиле своето име според Исус и Марија – ние ги нарекуваме Иса и Мерјема“, вели тој, „а никој не именува некое дете според некој кој не го сака.“

Во исламот, истакнува тој, „вербата во Исус е апсолутно нужна. Ако не верувате во него по автоматизам вие не сте муслиман“. Според хадисот – т.е. говорите на Пророкот, над кои според исламското учење се наоѓа само Коранот – Исус е подигнат на небото и ќе се врати на крајот од времето, источно од Дамаск, прегрнувајќи два ангела. Кога ќе го види, Антихристот ќе се стопи како сол во вода и Исус ќе владее со светот 40 години. Меѓутоа, муслиманите не веруваат дека Исус умрел на крст. „Јасно е запишано“, вели Сајар, „во четвртата сура од Коранот, стих 157: ’Не го убија, ниту го распнаа’“.

Библијата во исламот се смета за света книга. Како тогаш, го прашав, овој стих во Коранот да го прифатиме покрај описите на Исусовата смрт во евангелијата? Сајар вели дека клучот се наоѓа во реченицата која доаѓа после онаа „ниту го распнаа“: „Иако ним така им беше прикажано“. Муслиманските вероучители, вели тој, овој пасус го толкуваат на различни начини. Некои сметаат дека некој навистина бил распнат, но дека тоа не бил Исус; можеби бил Јуда. Кој и да бил, велат тие, бог му го изменил ликот за да наликува на Исус, додека самиот Христос бил поштеден. Другата варијанта на ова е дека бог ја изменил визијата на набљудувачите на распетието за овие да си помислат дека го гледаат Исус. Други мислат дека Исус бил прикован на крст, но дека преживеал; тоа што се случило на велигденската недела не било воскреснување, туку заздравување. Некои велат дека никој не бил распнат. „Се разбира“, вели Сајар, „секој има свои докази.“

За муслиманите, прашањето за конкретните детали во врска со распнувањето главно е академско. Меѓутоа, несогласувањето меѓу христијаните и муслиманите во врска со природата на Исус е суштинско, без оглед на сите паралели. За муслиманите, Исус не е, ниту може да биде божество. Тој е пророк, но сепак е смртник, и бог не му е татко.

„Јас разбирам дека, ако верувате оти некој е бог, а другите велат дека не е, тоа може да биде навредливо“, вели Сајар, „но ако погледнете од муслиманска перспектива, нема разлика меѓу Исус, Аврам и Мухамед.“

Во Коранот се споменуваат 22 пророци, од кои речиси сите ги знаеме од Библијата: Адам и Ное, Мојсиј и Аврам, Давид и Соломон, Лот и Јов, Јован Крстител.

„Сите тие се божји пратеници“, вели Сајар. Но, за христијаните, Исусовата порака е неразделна од неговото распнување и воскреснување.

Кога ќе се сретнат муслиманите и христијаните, вели Сајар, тие преку Исус можат само делумно да најдат заеднички јазик. Ако предлабоко навлезат во тоа што се случило со Исус во евангелијата и со Исус во Коранот, тоа само ќе го прошири јазот кој ги разделува. „Се обидуваме да учиме едни од други, вакви какви што сме“, вели Сајар. „Не го правиме тоа поради задгробниот живот. Тоа го правиме поради овој живот. По смртта секоја од нас ќе види кој грешел, кој бил во право, што е Исус – тогаш ќе дознаеме сè.“ Додека не дојде тој миг, можеби е најдобро да им се посветиме на ќебапчињата.

Извор: The New Yorker

Илустрации: Хит МекФерсом

Одлична статија!!!

Одлична статија!!!