Каизен - пат од мали чекори

16.04.2012 10:56
Каизен - пат од мали чекори

Во кризни ситуации, кога ништо не функционира онака како што би требало, склони сме кон повлекување радикални потези. Востановено е мислењето дека само големите промени ги носат саканите резултати, а дека сè останато е само продолжување на агонијата. Колку пати само сме имале можност да слушнеме разни економски стручњаци и министри, како драматично најавуваат целосна промена на постоечката политика и големи резови на сите полиња?

Ваквиот начин на размислување е карактеристичен за културата во која сме родени и нè следи веќе со стотици години. Но, во светот постојат и поинакви модели на државна управа. Кај јапонските политичари и економисти величањето на драстичните промени би наишло најверојатно на блага насмевка поради сожалување. По завршувањето на Втората светска војна Јапонија се наоѓаше во многу полоша ситуација одошто Хрватска денес. По поразот проследен со експлозии на атомски бомби поголемиот дел од оваа земја беше разорен, а индустријата речиси и да не постоеше. Во тие тешки мигови Јапонците наместо нагло движење кон заздравување избраа постепено иницирање мали, но чести промени. Во склад со својата традиционална филозофија, постепено ја градеа новата инфраструктура која најпосле донесе фасцинантен развој на економијата.

Својот пат до успехот Јапонците го нарекоа каизен, во склад со освестеното чекорење меѓу две зенбудистички медитации. Според нивното верување, ниедна голема промена не носи ништо добро бидејќи ја вклучува присилата која порано или подоцна мора да донесе негативна повратна реакција. Дури и доколку дојде до одреден број позитивни поместувања, тие сигурно нема да траат долго.

Примери за каизен можеме да најдеме и на други географски координати. На почетокот на 1990-те години, градската управа на Њујорк се соочи со голем раст на криминалот во возовите од подземната железница. По неколкуте безуспешни обиди, водечките луѓе на полицијата се решија да се обратат за помош кај Вилијам Братон, криминалист кој застапува неконвенционални начини на борба против криминалот. Братон првин беше запознат со ситуацијата во подземната железница и потоа наместо пресметка со сериозните криминалци тргна со сè позаострено казнување на ситните прекршоци. Полицијата почна да ги приведува луѓето кои пиеја алкохол, викаа и мочаа по вагоните. По три месеци, на голема радост на полициските службеници, можеше да се забележи дека покрај намалувањето на ситните прекршувања на јавниот ред и мир постепено се намалуваат и тешките криминални дела. Имено, излезе дека меѓу приведените ситни прекршители во голема мера се наоѓаат и потенцијални насилници. Тогаш Братон го повлекува следниот потег кој се состои од најава на секоја полициска интервенција преку разгласот поставен во вагоните. Луѓето биле замолувани да ја пропуштат полициската патрола која се движела кон местото каде што е воочено некое недозволено однесување. Тоа донело уште поголем успех во борбата против криминалот, така што во текот на следниот месец стапката на криминал во подземната железница паднала за неверојатни 30%.

Јапонските теории за каизен ги потврдија и научните истражувања на човечкиот мозок. Имено, утврдено е дека иницирањето радикални животни промени кај нас создава чувство на страв кој влијае на ограничување на нашите ментални функции. Одредени центри во нашиот мозок, едноставно, се блокираат и на тој начин престануваме да сме креативни.

Извор: novossti.com

ОкоБоли главаВицФото