Куќа под калето

16.04.2012 11:06
Куќа под калето

Калето под западната страна е засечен со голем нож земјата е жолта и врз неа ништо не расте ама под тој засек во пеесетипрвата бегалците кои нагрвалија од војводина најдоа една голема куќа што ги заплашуваше со својата грмадност ама имаше ѕидови од тули една или две бетонски плочи што не одеа од крај накрај и тие што успеаја да се напикаат во неа беа спастрени од ветровите што дуваа од кај француските гробишта оти удираа во калето поминуваа врз куќата долу во засекот поминуваа преку реката и им ги мрсеа косите на луѓето во уличките околу плоштадот оти тие во своите влакнести гради донесоа други ветрови и јас кога прв пат дојдов да го барам братучедот кој садеше дрвца по падините на водно со страв влегов во отскриените делови на куќата низ отворот од источната страна се обидов да влезам и ги видов диреците бетонските диреци се губеа во темницата и којзнае дали таму потпираа нешто и освен што слушнав многу гласови не успеав никого да видам само претчувстував како срцето сака да ми избега па избегав јас назад по патчето што го следеше насипот од песок од врби од магарешки трн крпи гуми стари опинци и вјасајќи така во песокот завидов тројца за кои не знам дали беа запретани во неа или таа поминуваше преку нив преку старецот со долга коса и брада виткана во тркалца преку буштравата туфка за која во истиот миг сфатив дека е дете кое му лежеше преку нозете и преку младичот за кој не знам дали му седеше на раката на старецот дали само главата му беше ставена врз неа како врз перница или пак навистина само горниот дел му се подаваше од песокот и незаинтересирано фрлаше камчиња во водата и којзнае зошто јас потрчав по насипот не обѕрнувајќи се и кај театарот ја скокнав реката по дрвеното мовче нурнав во уличињата околу офицерскиот и после не знам што стана се задржав негде низ град или се вратив во предградието на насипот

Не знам зошто одев во куќата под калето кога постојано ме ежавеше страв брегот еден ден да не појде надолу и да се разурнат шарките на времињата кои поминуваа по неговата жолта страна ви кажувам не знам зошто одев кога и самата куќа имаше нешто застрашувачко во густата темница што се таеше меѓу диреците оти мојот братучед можев да го најдам и кај нас зад насипот каде што неговата маќеа пасеше бела коза по бавчите и молзеше по ока полока млеко за неговата ќеркичка оти жена му марија своето убаво женско време го поминуваше во лешочкиот санаториум а пак кај нанчо можам да ви речам дека ништо не ме влечеше оти во мене тлееше голема навреда од што ме напади првата зима што ја зимував во скопје а сега својата дрвена берберница од паркот спроти градската болница ја има преселено во ќошот лево веднаш крај самиот влез и ја има сросано на два ката долу за бричење а горе за спиење со жеништата што ги турка со глава по раскрцканото скалило направено од две штици ви кажувам не доаѓав ни за него ни за братучедот кој често клечеше или лежеше во аголот врз сламарникот меѓутоа јас често се уловував како драбам по насипот крај реката очекувајќи да ги здогледам детето со разбегана коса по главата момчето со долгиот врат како фрла камчиња во реката и старецот сиот завиен во козина таму каде што се гледа душата

Мојот братучед во квечерините ја симнуваше планината на своите плеќи и лежејќи на сламарникот со лицето нагоре врз кој само што не паднале налепените весници од таванот и оти во мислите бегаше до долното предградие каде што фодулка ја доеше малечката со козјо млеко и оти со очите сакаше да го продупчи таванот и бетонот и да стигне дури до лешочките шуми кај својата марија и оти и којзнае дали знаеше дека седам на штицата спроти него со нозе во меката коса што ја отсекле ножиците на нанчо од главите на бегалците тој напати мласнуваше скрцкуваше со забите како да дроби нешто и не слушајќи дека го прашувам дали нешто знае за оние од брегот на реката ама затоа пак ме слуша нанчо кој се врти околу една жолта тиква од која одлупува портокалови шлупки и вели ах оние мајмуни оној стар прч везден што молчи оној со долгиот врат кој како да му е врзан за половината и она детуле со бела коса што везден му седи на рамењата да вели нанчо ги знам како не ќе сум ги знаел сите ги знаат оти везден се прпелкаат во песокот и долу во косата паѓа уште една портокалова шлупка и продолжува нанчо живеат откаршија на она коматче бетонска плоча што стигнува до ќошот и се имаат заградено со црна книга скинати вреќи и ламарина и молкна а продолжи само неговото штрак штрак штрак и жолтата глава веќе не беше жолта туку којзнае каква со голем трап по средината на вратот и трапот се качуваше до врвот на главата и додека помислив дека таа глава ќе почне да вреска оти е така страшно нагрдена нанчо помина со малечка метла преку неа по вратот и рамењата и од столот стана една голема снага ги исклешти забите во мене и во братучедот кој веќе пушташе писки низ носот сполајти му рече на нанчо спуштајќи му книжна пара во раката па одвај успеа да се протурка низ малечката врата и додека вратата беше отворена во слабата светлина на денот што си заминуваше привидов нешто како голем сандак обесен под најгорната плоча и една дебела ортома што се спушташе дури до земја ете таму живеат вели нанчо и дебелана ортома што ја гледаш ама не дорече оти братучедот се беше степал со некого во сонот па мавтајќи со рацете скокна од сламарникот рече бре да така вие со мене и после не сакаше да каже кој му се пикнал во дремката истрча од одајчето на нанчо истрча во крајот на денот а по него и јас и се вративме зад насипот да ја преспиеме ноќта врз најгорната плоча под самиот опул на ѕвездите

Летото го сновевме од планината до предградието од градините до коријата на градскиот парк каде се капевме во долги гаќи криејќи се во кривините во вировите на реката за да не нé видат момите во уличките околу плоштадот каде не можевме да си ги загубиме дирите и тоа лето во лицето на сестра ми налепи само саѓи очите и’ ги напика длабоко во челото пламенот во нив го прегоре леле и чиневме дека го слушаме рапавото кашлање на жената на мојот братучед дури од лешок само јас и мојот братучед прв пат бевме во тоа лето и си го носевме како можевме и како умеевме и во мене сé уште беше пикната и куќата под калето и чинам цело лето ја макнев како предизвик и премама како сон и јаве оти беше голема оти беше населена со бегалци дојдени од рамниот север избегани од плодна и женска земја верувајќи дека тука ќе бидат во здивот на својот ветер и секогаш кога можев одев таму вртев околу неа надевејќи се дека ќе ги издемнам старецот момчето и детето не знам зошто ама тие веќе беа во мене и чинам отсекогаш сум ги познавал како да ги носам нивните слики којзнае од кога ама сакав повеќе да чујам за нив сакав да бидам начисто еден ли е или тројца оти очекував да ги уловам како се спуштаат и качуваат по ортомата оти еднаш нанчо рече тие по неа како мајмуни детето и момчето а после во кошница седнува старецот и го креваат во својот живот само никогаш не ги затекнав да видам колкава е силата на момчето штом може во кошница да го крене старецот дури не сакав да поверувам во тоа оти таму горе сигурно има некоја врата во ѕидот и од таму тие се симнуваат во песокот на реката ама братучедот се смееше и ми велеше како да нема што да слушаш и со што да си го полниш умот остави ги тие зејгори за кои не знаеш ни дали имаат болка во срцето а човек без болка не е човек на што му се спротивставив тврдејќи дека еднаш навистина ги видов во песокот на реката и од што не успеав да разлачам еден ли се или тројца сега сакам да го расчистам тоа само не му кажав дека почнав да измислувам луѓе и судбини и дека нив во песокот ги видов како можна идеја да се замисли цел живот на еден човек во еден миг ама кога нанчо вели дека таму живеат тие сигурно таму живеат не сум ги измислил јас само пак од друга страна ме копкаше што досега ете речиси цело лето како доаѓам во берберницата на нанчо а ништо ни да чујам ни светлинка да видам низ дупките на ламарината и на вреќите или пак нешто паднато долу што ќе биде знак дека горе под плочата во заграденото живеат живи луѓе и веќе преземам мерки сам да се уверам во тоа едноставно сакав да се изјазам по ортомата за која ми се виде сигурна и дебела и за таа моја намера не му кажував на мојот братучед само на крајот на краиштата таа намера си остана во мене оти летото невдоапно клоцна крена думани околу градот и низ улиците и чинам одеднаш избега нагоре во небото и во еден таков правлив и подзамижен ден јас и братучедот одевме во куќата под калето да слушаме како бегалците си го кажуваат животот вистинскиот и оној што си го измислуваа ветрот бувташе во нас и нé туркаше назад кон градот кон долното предградие каде се наоѓа една друга куќа во која живееме јас и тој само му се опираме на ветерот оти веќе таму на пенџерата ја нема мојата сестра низ неа сега се слуша само плачот на мајка ми и таа си замина со думаниве што фатија над градот а беше добра беше мома и немаше ни дваесет години и слушај му реков на братучедот и сакав да му кажам дека денеска секако ќе се изјазам по онаа ортома и ќе видам што има горе дали нанчо ми прикажуваше нешто јас што сум го смислил или тие навистина живеат горе и веќе бевме под калето ги чувавме жолтите пластови од засекот врз нашите плеќи и така напред ја догледавме куќата како грмада и целата исчадена и некако здробена и во градите ни стана уште постудено и глотливо и тогаш пред куќата видовме купче луѓе одеа таму ваму и нешто како си подаваа а кога стигнавме поблиску видовме дека носат мртовечки сандак обичен и евтин сите молчеа и гледаа напред ветрот си играше со нивните коси и додека го спуштаа во коњска запрега нанчо ги имаше расчепатено нозете штракаше со ножичките во празно и ни кажуваше којзнае од кога е умрен горе во заграденоно го врзаа за половината и го спуштија со ортомата и јас не прашав каде се другите детето и момчето сфатив дека тие се со него и во него оти кога човек тргнува за да не се сврти никогаш повеќе тој со себе го понесува сиот свој живот и така коњите удрија со предните нозе во тврдата земја ја повлекоа запрегата скрцкаа тркалата и мислам еден или двајца ако појдоа по неа другите се прекрстија и влегоа во куќата а нанчо продолжуваше да го стрижи воздухот.

Цртежи: John Kenn

Расказов беше објавен во

Расказов беше објавен во Маргина 29-31.
Еве што пишуваше во придружниот текст:
Ташко Георгиевски е еден од ретките македонски писатели кој прочитал нешто од светската литература по 1950 година; во неговиот случај не се работи само за “читање” туку богами и за проникнување во стилскиот феномен наречен “француски нов роман”, кој успеа да формализира одредени ингениозности на Џојс и Пруст. Ташко Георгиевски, мој е впечаток, мошне впечатливо ги спојува специфичните и субверзивни формални јазички иновации (пореметена синтакса, преплет на гласови, тек на свест...) со она што значи “наш дух, ритам и автентичност”.

Ова е мошне соодветен и

Ова е мошне соодветен и поетичен ин мемориам за еден од поинтересните македонски писатели:

и така напред ја догледавме куќата како грмада и целата исчадена и некако здробена и во градите ни стана уште постудено и глотливо и тогаш пред куќата видовме купче луѓе одеа таму ваму и нешто како си подаваа а кога стигнавме поблиску видовме дека носат мртовечки сандак обичен и евтин сите молчеа и гледаа напред ветрот си играше со нивните коси и додека го спуштаа во коњска запрега нанчо ги имаше расчепатено нозете штракаше со ножичките во празно и ни кажуваше којзнае од кога е умрен горе во заграденоно го врзаа за половината и го спуштија со ортомата и јас не прашав каде се другите детето и момчето сфатив дека тие се со него и во него оти кога човек тргнува за да не се сврти никогаш повеќе тој со себе го понесува сиот свој живот и така коњите удрија со предните нозе во тврдата земја ја повлекоа запрегата скрцкаа тркалата и мислам еден или двајца ако појдоа по неа другите се прекрстија и влегоа во куќата а нанчо продолжуваше да го стрижи воздухот.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Клопец [к:1]
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото