Како ве продава Фејсбук

17.04.2012 08:16
Како ве продава Фејсбук

Не толку одамна постоеше производот наречен софтвер, за кој сите слушнале. Се продаваше во продавница, а за да го купите требаше само да покажете готовина или кредитна картичка.

Сега тука се „апликациите“ – стилизирани дискретни делови од софтвер кои живеат на интернет или во вашиот паметен телефон. За да ја „купите“ апликацијата треба само да кликнете на едно копче.

Некои од нив чинат неколку долари, но поголемиот дел се бесплатни – барем во монетарен поглед. Но, често плаќате на друг начин. Бидејќи, за време на купувањето апликации, големи се изгледите дека нивните творци ќе ги снабдите со една од најбараните стоки во денешната економија – личните податоци.

Некои од најкористените апликации на Фејсбук – игри, квизови и услуги за размена на содржини кои ја дефинираат оваа интернет страница и придонесуваат за нејзиниот шарм – собираат купишта лични информации.

Списанието Wall Street Journal ги проучуваше стоте најпопуларни Фејсбук апликации и откри дека некои од нив, меѓу другото, бараат ваша е-адреса, моментална локација и сексуална наклонетост, и тоа не само од корисникот на апликацијата туку и од неговите Фејсбук пријатели.

Една Јаху услуга која ја поддржува Фејсбук, како услов за користење бара да ги откриете верските и политичките убедувања.

Услугата на Скајп за интернет телефонски повици бара ваши слики од Фејсбук и родендени на своите корисници и нивните пријатели.

Јаху и Скајп велат дека ги бараат овие информации за да ги прилагодат своите услуги до корисниците и дека ја штитат приватноста. „Со податоците кои ги споделувате со Јаху внимателно се ракува“, изјави за медиумите претставничката за печатот на оваа компанија.

Овој апетит за лични податоци ја одразува суштинската вистина за Фејсбук и интернет економијата како целина: Фејсбук обезбедува бесплатна услуга која корисникот, всушност, ја плаќа со откривање податоци за својот живот, своите пријатели, интереси и активности. За возврат, Фејсбук ги користи овие информации за да привлече огласувачи, креатори на апликации и други деловни соработници.

Иако Фејсбук претходно бара дозвола за пристап до личните податоци на корисникот, пријателите на тој корисник не се известени ако нивните податоци се користат во некоја апликација.

Профилите на Фејсбук се така наместени што им дозволуваат на апликациите за ги соберат сите податоци од пријателот на некој корисник, освен сексуалната наклонетост, вероисповедта и политичките сфаќања. На пример, тоа значи дека дури и кога сте наместиле некои ваши податоци на Фејсбук да им бидат видливи само на вашите пријатели, тие можат да ја прифатат апликацијата која ќе ги преземе тие податоци.

Проучувањето на активностите на одредени апликации навестија дека Фејсбук повремено не ги спроведува сопствените правила за приватност.

Меѓу другото, истрагата на Wall Street Journal го откри следново:

- Апликацијата MyPad for iPad, која бараше најширок опсег лични податоци, има два параграфа во правилникот за приватност каде што се наведува дека „наскоро ќе додадеме алатници за приватност“, иако Фејсбук бара јасно образложение како се собираат, се користат и се разменуваат податоците.

- Десетина апликации им овозможуваат на огласувачите кои Фејсбук не ги одобрил да ги следат корисниците. Меѓу нив е и Гугл. Оттаму, пак, велат дека креаторите на апликациите бираат која технологија ќе ја користат за испорачување на интернет огласи.

- Апликациите како што се популарните квизови Between You and Me и Truths About You бараат десетина лични податоци – вклучувајќи ги и сексуалните склоности на корисниците и нивните пријатели – кои подоцна не се појавуваат меѓу прашањата кон корисникот за неговите пријатели. Фејсбук наложува да се бараат само оние информации кои се потребни за апликацијата исправно да функционира.

„Се сосредоточивме на тоа да им помогнеме на луѓето да бидат известени за апликациите. Творците на апликациите потпишуваат договор за прифаќање на нашите услови кога се регистрираат. Ако наидеме на апликација која ги прекршува нашите правила, преземаме акција“, вели претставникот за односи со јавноста на Фејсбук.

Не претставува изненадување тоа што Фејсбук може да стекне подробно знаење за животите на луѓето. Најпосле, тоа е друштвена мрежа каде што корисниците доброволно ги споделуваат своите имиња, блиските пријателства, фотографиите, сексуалните склоности, завршеното образование и безброј други ситници, вклучувајќи ги и своите размислувања.

Овој вид информации претставува валута во царството на економијата на личните податоци. Индустријата за интернет рекламирање главно е раководена од податоците за однесувањето на корисниците на мрежата кои овозможуваат создавање персонализирани реклами.

Се проценува дека „економијата на апликациите“ во 2011 г. заработила 20 милијарди долари од продавање опции за симнување апликации, „виртуелни стоки“ и рекламирање. Поради својата големина и базата од над 800 милиони луѓе, Фејсбук се наоѓа во центарот на оваа економија. Популарните апликации многу брзо можат да станат „вирусни“ и да привлечат милиони корисници.

Неограниченото собирање дигитални податоци меѓу некои корисници предизвикува чувство на недоверба. „Корисниците се прицврстени со игла за стиропор како некаков инсект за проучување“, сликовито објаснува Џил Левенсон, креативен проект менаџер од Атланта, која неодамна избришала над 100 апликации од Фејсбук и Твитер, бидејќи не ѝ се допаднала помислата дека некои детали од нејзиниот живот можат да бидат злоупотребени.

Апликациите се обврзани да бараат дозвола од корисникот за пристап до неговите податоци на Фејсбук. Но, начинот на кој го бараат тоа си поигрува со суштинската човечка склоност – луѓето кои често гледаат предупредувања обично не реагираат на нив. Науката има и збор за тоа – навикнување. Тоа настанува кога на луѓето им останува во навика само да кликнат на „да“ копчето кога ќе им се појави некое предупредување.

„Ако луѓето често го гледаат знакот за предупредување, а главно ништо лошо не се случува, тоа го намалува нивото на внимателност, и тие нема да обратат внимание дури ни кога ќе се јави потреба за тоа“, вели Едријен Портер Фелт, студентка по информатика на Универзитетот Беркли, која ги проучувала барањата за приватните податоци од апликациите за паметните телефони.

Истражувањата покажуваат дека луѓето имаат проблем да го сфатат долгиот список дозволи, посебно ако терминологијата е премногу стручна. Сепак, постои уште поголем проблем: дури и оние кои разбираат сè што ќе „потпишат“ најверојатно не можат да проценат на колку неочекувани начини нивните податоци можат да бидат користени во иднина.

Доказ за ова добивме неодамна, благодарение на скандалот кој го предизвика апликацијата на iPhone наречена Girls Around Me. Таа користеше јавно достапни информации од Foursquare кои им овозможуваа на машките да лоцираат жени во близина и да ги видат нивните лични податоци и фотографии од профилот на Фејсбук.

Foursquare е услуга која им дозволува на корисниците да се „пријават“ од својот паметен телефон и да ги известат пријателите во кое кафуле, бар, ресторан и сл. се наоѓаат. Girls Around Me им овозможуваше на странците да ги идентификуваат жените во близина. Апликацијата предизвика негодување и Foursquare ѝ го забрани пристапот до локациите на своите корисници.

Ова покажа дека дебатата околу тоа дали своите податоци ќе ги направите „јасни“ или „приватни“ на Фејсбук може да ја утне поентата. Вистинското прашање е – како ќе бидат користени тие податоци.

Хелен Нисенбаум, професорка на Њујоршкиот универзитет која ја проучува приватноста, вели дека Girls Around Me предизвика гнев бидејќи ги наруши општествените норми кои се однесуваат на прогонувањето на жените. Според неа, „ако општествените норми претставуваат ограда, секоја личност која го почитува законот и правилата на етиката, нема да ја прескокнат таа ограда“. Но, во отсуство на закон за користење на податоците, некои компании не се стеснуваат да ги користат информациите и на ваков „морничав“ начин.

Нисенбаум се залага за донесување правилник за користење на податоците кој мора да биде заснован на контекстот. Попрецизно, информацијата која е разменета во одреден контекст – да речеме, меѓу лекарот и неговиот пациент – не смее да биде понатаму искористена на начин кој ќе го наруши тој првобитен контекст.

И Белата куќа го стави „почитувањето на контекстот“ во својот нацрт на Законот за приватност кој треба да постави одредени насоки за користењето на личните податоци. Овие насоки подразбираат на корисниците да им се пружат повеќе информации за начинот и видот на податоци кои се собрани од нив и поголема контрола над нивното понатамошно споделување. Моментално во САД не постои закон кој нуди сеопфатна заштита на приватноста.

Се смета дека Фејсбук има еден од најнапредните модели за заштита на приватноста во своите апликации бидејќи го наведува речиси секој тип баран податок – и на своите корисници им овозможува да одбијат откривање одредени информации.

Од друга страна, пак, апликациите на паметните телефони често немаат никаква политика за приватност ниту нудат контрола над приватните податоци кои ги бараат од вас.

Извор: Wall Street Journal

Илустрации: Јохен Гернер

ОкоБоли главаВицФото