Убиство

17.04.2012 08:34
Убиство

Очигледно дека најголемото масовно убиство во поновата мирнодопска историја и не е – некое чудо. Речиси нормална состојба. Да беше обратно, тогаш во Радишани ќе се нацртаа и премиерот, и претседателот, и министерката за внатрешни работи. Арно ама, во Радишани не почнуваше да се гради некое училишно игралиште. И немаше каде да се фрли лопата. А на копање гробови нашиот политички врв – не присуствува! Добро е што беше Велигден, па премиерот, како што самиот рече, ја искористи приликата, честитајќи им го празникот на верниците, да изрази и сочуство до семејствата на жртвите на масакрот крај Железарското езеро. Претседателот на Парламентот, кој празникот го помина во својот роден крај, изјави дека не е убаво ваков настан да се случи на голем верски празник, со што индиректно упати на термините кога би било убаво да се случуваат овие работи.

Ставревски најави ребаланс на буџетот. Очигледно е дека огромните државни пари што ги прима полицијата не се доволни за да си ја врши својата работа, па претпоставувам дека со ребалансот повторно ќе биде зголемен нејзиниот буџет. Имено, да си ја вршеше полицијата работата за која е платена, немаше да ги моли граѓаните да дадат какви било информации кои барем малку би ја помрднале истрагата во некаков правец. Интересно е што тоа го прави власта која кодошењето на полицијата го прогласи за злосторство над злосторствата, која има намера имињата на кодошите и наводните кодоши јавно да ги објавува и целосно да ги дискредитира. Зошто, на пример, некој би се јавил во полиција со релевантни информации. На страна фактот што така си го става животот на коцка, бидејќи, како што евидентно се покажува, полицијата нема капацитет да ги заштити животите и сигурноста на граѓаните, туку ризикува утре да биде прогласен за кодош и изопштен од општеството. Зашто, кој гарантира дека и случајот на петкратното убиство утре нема да биде прогласен за политички случај, нешто слично како што беа амнестирани случаите на воените злосторства од 2001 година. Доволно е да се направи само политички пазар и убијците да добијат целосен имунитет. Зошто овие убијци би биле амнестирани? Не знам. Подеднакво како што не знам зошто беа амнестирани и оние убијци.

Во крајна линија, ако убијците никогаш не бидат фатени, тогаш одговорноста може многу лесно да се подели. Народот е виновен. Не дал релевантни информации. Па ајде, господо популисти, наместо полиција да направиме народни милиции. Во целата оваа какафонија од шпекулации (кои, нели, по дефиниција се појавуваат тогаш кога оние што треба да ги имаат информациите, ги немаат или ги кријат) до луѓето стасуваат и такви информации, полуинформации или гласини: народни милиции веќе шетаат по планините на северна и западна Македонија!

Конечно, толку инсистирање на смирување на меѓуетничките тензии не кажува ништо добро. Напротив. Пречестото спомнување на фактот дека се нема докази дека тоа го направиле Албанци, само ги распалува меѓуетничките судири. Зошто, на пример, министерката Јанкуловска не инсистираше на тоа дека нема докази дека злосторството го направиле навивачи на „Вардар“, или свештени лица, или хомосексуалци, или полицајци, или вработени во државната администрација...

Ако Јанкуловска не ја знае верската и националната припадност на убијците, тогаш главниот божји пратеник во државава, дедо Стефан, очигледно нема никакви сомневања. Тој во својата велигденска порака ги спомнува оние што пукаат на македонската младина и имплицира дека тоа се некои други. Со оглед на фактот дека неодамна се случи чудо во црквата „Свети Димитрија“ во Скопје, кое де факто го призна целиот политички секуларен врв, тогаш треба да му се верува на владиката Стефан. Тој знае многу работи, од работење на берза, хотелиерство, па сè до криминалистика. Можеби затоа не излегоа ниту Гордана Јанкуловска ниту Иво Котевски да го демантираат или барем да му посочат дека не е убаво на голем христијански празник на овој начин да ги подгрева меѓунационалните тензии. Конечно, од Владиката Агатангел слушнавме автентично толкување за чудото во „Свети Димитрија“. Додуша и не толку автентично, зашто ако се сведе во една реченица, би можело да се парафразира како „Бранко Црвенковски и СДСМ се виновни“. Демек, затоа што ја отстраниле веронауката од училиштата и не сакале да се гради црква на плоштадот и на Кале. Затоа е Македонија земја на чудата, затоа што веќе ни постарите генерации не паметат кога последен пат се учела веронаука во овдешните училишта, кога имало црква на плоштадот во Скопје, а кога на Кале. Затоа ни се случуваат чуда секој ден!

Едно од тие чуда е и повторната појава на Симеон Радев меѓу Македонците, еден од потписниците на Букурешкиот договор, оној со кој е распарчена Македонија, овојпат во форма на биста поставена на врвот од новата зграда на Министерството за надворешни работи. Велат дека меѓу бројните светски државници што во форма на бисти веќе осамнаа на оваа зграда, ќе го нема Винстон Черчил, зашто имал негативна политика кон Македонија. Ама затоа го имаше Симеон Радев. Објаснувањето на ова божје чудо беше прилично рационално и поавтентично од толкувањата на Агатангел. Настанала грешка. Радев бил планиран за Музејот на ВМРО, каде што наводно се прикажани и негативците, а не само позитивните личности. Никој, меѓутоа, не објасни што бара такава биста во Музеј на восочни фигури. Или пак ќе се случи некое чудо, па мермерот, или од кој веќе материјал е направена статуата на Радев, преку ноќ ќе се претвори во – восок! Во секој случај, никој не повлекува одговорност за ова што се случува. Зошто би повлекол? Парите се државни, односно наши, па ним нема ниту извршител да им тропне на врата.

Извор: globusmagazin.com.mk

Слики: Адријан Гени

fenomenalno, bravo!!!

fenomenalno, bravo!!!

Да, феноменално. Браво!

Да, феноменално. Браво!

Дали Ѕвеки допира до нив?Не е

Дали Ѕвеки допира до нив?Не е до кожата до нафатираноста е, дебелиот Армани костум и ништо друго не ги интересира. Со него ке си заминат. а ке ја остават урнисаната замјеа... Тажно! Ти благодарам за убавиот текст!

ОкоБоли главаВицФото