Илјада евра – плата од сништата

17.04.2012 11:54
Илјада евра – плата од сништата

Кога во 2005 е скован терминот „милеурист“ – кој означува некој кој живее со плата од 1000 евра месечно – тоа беше опис на безнадежната состојба на младите работници со несигурни и лошо платени работи. Денеска, кога секоја втора млада личност е на социјална помош, да се стане „милеуриста“ е нешто кон кое се тежнее.

Пред шест години, во август 2005, една млада Каталонка напиша писмо за овој весник. Писмото носеше наслов „Јас сум милеуриста“, термин кој го смислила сама за да ги опише оние луѓе кои заработуваат околу илјада евра месечно. Каролина Алгуасил тогаш имаше 27 години, и се жалеше на недостатокот на вистинска работа за нејзината генерација.

„Милеуриста е млада личност“, напиша тогаш, „која има помеѓу 25 и 34 години, факултетска диплома, образована е, зборува барем еден странски јазик, и покрај дипломата има и магистратура. На пазарот на труд е веќе три или четири години, социјално осигурување ѝ е платено само за половина од тоа време... Несреќата е во тоа што не заработува повеќе од илјада евра. Не можете ништо да заштедите, немате стан, ни кола, ни деца. Живеете од ден за ден. Понекогаш е забавно, но станува заморно.“

Денеска читањето на ова писмо остава горчлив вкус во устата, бидејќи тоа сведочи дека состојбата се влошила. Милеуризмот е заменет со својата сериозна верзија: нимилиуризам – дури ни илјада евра месечно. „Порано бевме милеуристи и сакавме повеќе. Сега се надеваме дека ќе станеме милеуристи“, вели Агуасил. Студирала аудивизуелни комуникации, живее сама и се преселила во Кордоба. Повеќе не е милеурист, но не мисли дека заработува колку што треба: „Не сум задоволна.“

Во 2005, степенот на невработеност на младите во Шпанија бил околу 20 проценти. Сега се ближи до бројка од 50 проценти, и веќе долго е двојно повеќе од европскиот просек (22.4%). Во Шпанија, најдобро образованите генерации во историјата имаат најлоши животни изгледи од обновата на демократското движење, и се чини како тие да плаќаат за туѓото расипништво. Досега, многу од овие млади луѓе можеле да сметаат на помош на своите родители. Но, некои од нив ја исцрпија и таа можност.

„Сите индикатори се влошени, буквално сите“, вели социологот Естебан Санчез, специјалист за пазарот на труд на младите. „Исчклучиво високата невработеност, преовладувањето на хонорарните работи и ниските плати. Тоа е страшно. Нема ниту еден единствен факт кој би оправдал позитивни очекувања“. Гилермо Хименез, 21-годишен студент по право и политички науки, тоа го сумираше вака: „Владее сеопштиот впечаток дека нема иднина.“

Над десет милиони Шпанци имаат помеѓу 18 и 34 години. Нивната просечна нето заработувачка (вклучувајќи ги и невработените) изнесува 824 евра месечно. Вработените просечно заработуваат 1.318 евра месечно (според податоците на Совет за млади во Шпанија). Професиите кои некогаш беа безбедни од милеуризмот, денеска повеќе не се. Техничкиот универзитет Валенсија ги следеше првите чекори на своите дипломирани инженери и архитекти од 2008, и откри дека секој четврт не заработува ни 1.000 евра месечно. Што е уште полошо, бројот на нимилеуристи порасна за осум проценти во однос на завршените студенти од претходната година.

Аманда, 29-годишна девојка од Валенсија, е олицетворение на оваа статистика. Таа работи од десет наутро до осум и пол навечер, „со пола саат пауза за ручек“, и заработува илјада евра месечно. „Делува нереално, но кога одам на работа продавниците не работат, а кога се враќам се затворени. Работам како менаџерка, а платена сум како перачка на садови.“

Аманда е растргната помеѓу две противречни чувства: дека е експлоатирана и привилегирана. Сè додека не ја нашла својата сегашна работа во трговијата, се чувствувала како „вечен стажист. Имав шест работи. Првата не беше платена. Добро, добивав бонови за храна. А на последната, најдобро платената, за една државна организација, платата беше 600 евра.“

Од невработените млади од 34 години, 45 проценти поминале повеќе од 12 месеци барајќи работа, според податоците на Џозеф Оливера, професор по применета економија на Автономниот универзитет во Барселона.

Многу млади Шпанци кои се осамостоени морале да се вратат кај родителите (во 2011 година, степенот на млади луѓе кое го напуштиле семејното гнездо се смалило на 4.2%). Другите воопшто не можеле да одат, како 32-годишната Беатрис Арабал. Иако е без работа 550 дена, сè уште не го изгубила оптимизмот. Завршила на насоката за социјална работа и јавна администрација, а школувањето го финансирала работејќи како телеоператор за 1.100 евра, што денес е плата која се смета за недостижна. Поголем дел од работите кои ги работела по дипломирањето немале никаква врска со нејзината професија.

Ни нејзиното момче нема постојана работа и размислувале да си заминат од Шпанија. Меѓутоа, спречена е поради ситуацијата дома, каде што мора да се грижи за болниот татко (и двајцата живеат од неговата пензија).

Зборот „обесправеност“ не ги опишува доволно добро оние кои сета своја надеж ја полагаат во процутот на изградбата на станови. „Долгорочната невработеност е особено сурова спрема нив“, вели Џозеф Оливер. Како и поголемиот дел од невработените без средна стручна подготовка (невработеноста во оваа категорија е дури 55% меѓу младите од 30 години), протагонистите на оваа современа приказна се снаоѓаат како умеат.

Во Гранада, еден млад пар од неодамна дипломирани студенти се бори со другата страна на овој проблем: прекфалификуваност, која погодува 37% од младите од 30 години, со висока или виша стручна подготовка. Дваесетипетгодишната Наталија е логопед и лаборант. Нејзиниот дечко, 23-годишниот Исус, е инженер по технички науки. И двајцата продаваат осигурување од врата до врата.

„Од осигурувањето за трошоци за побребите добивам 200 евра, ако продадам животно осигурување, добивам 120“, вели таа. „Понекогаш заработувам 900 евра за еден месец, а има и месеци кога заработувам само 90.“ Наталија мисли дека наскоро ќе може да ја напушти оваа работа, бидејќи една приватна клиника ѝ понудила место како логопед, иако ќе мора сама да ги наоѓа своите клиенти.“

Меѓу младите, 75 проценти веруваат дека живеат полошо од своите родители. Од старите генерации, 70 проценти го делат тоа мислење. И додека некои луѓе сакаат да станат самовработени (54% од младите Шпанци би сакале да започнат сопствен бизнис, според податоците на Еуростат), државата планира нови правила на игра кои ќе го променат крусот на стопанството – и животот на секој од нив.

Засега, најреална понуда за оваа генерација е реформата на пазарот на труд, која можеби ќе овозможи вработување на млади, но воедно ќе ги смали платите. „Ова реформа се одолговлкува со она што веќе се случи: помали плати за младите отколку за старите работници, каде што ја препознаваме неспособноста на шпанскиот пазар на труд“, вели Сантос Руега, професор по применета економија на Автономниот универзитет во Мадрид.

Во недостаток на преспектива, најнадарените умови од најобразованата генерација сега пакуваат куфери, со што започна одливот на мозоци „без преседан“, според зборовите на Фатиме Бањез, министерка за труд и социјална политика. Според податоците на Евробарометар на Европската комисија, 68 проценти од младите Шпанци сакаат да ја напуштат Шпанија. Само пет земји – од 31 испитаници – се пред нас: Исланд, Шведска, Бугарија, Романија и Финска.

Дваесетгодишниот Рафаел Анибал е новинар. Во ноември останал без работа и сега ја истрошил сета заштеда. Размислува да оди во Чиле, каде што мисли дека може да заработи 1.100 евра, а тоа е најмногу што заработувал во Шпанија.

Во декември, Анибал отвори блог со приказна за младите луѓе кои ја напуштиле земјата – Pepas y Pepes 3.0. „Го направив тоа бидејќи бев бесен. Како вели оној Кубанец во филмот Havana Blues, ’Во куќата имам повеќе саксии со цвеќе, отколку пријатели, бидејќи сите заминаа’. Ми се допаѓа таа реченица, а и точна е. Упорно се прашувам: каква врска имам јас со финансиските шпекулации, разните премии и рејтинг агенции? Зашто ние младите да плаќаме за кризата со која не сме имале апсолутно никаква врска?“

Извор: El Pais

Инсталации: Даниел Аршам

„...Зошто ние младите да

„...Зошто ние младите да плаќаме за кризата со која не сме имале апсолутно никаква врска?“

Сме имале, како не. Сме имале врска кога сме дозволиле кризата да ни се случи.

ОкоБоли главаВицФото