Медицината во Куба: Чудото од Хавана

17.04.2012 12:27
Медицината во Куба: Чудото од Хавана

За болните од рак на белите дробови во септември минатата година стигна добра вест од Куба. По 25 години истражување, кубанските научници, како што победносно изјавија, успеаја да произведат вакцина против ракот на белите дробови. Нејзиното име е „цимавакс ЕГФ“. Не делува превентивно, туку го напаѓа ракот кој веќе постои во организмот и така, практично, го претвора во хронична болест која е можно да се држи под контрола. Како дејствува цимавакс ЕФГ? Како што се наведува во истражувањето, активната супстанца на вакцината е базирана на протеини кои се наоѓаат во организмот на пациентот „кога ракот неконтролирано се шири“. Вакцината, како што објаснуват нејзините творци, создава механизам за производство на антитела кои делуваат против протеините што предизвикуваат неконтролирано ширење на клетките на ракот, а со тоа и метастаза.

За ова откритие во септември известуваа сите светски медиуми. Во меѓувреме, вакцината е испитана на повеќе од 1000 пациенти и тоа не само на Куба, туку и во Малезија, Перу и во Англија. Резултатите, како што е соопштено, покажуваат дека во поголемиот дел од случаите е исполнета задачата – спречен е ракот во поодмината фаза и е претворен во хронична болест.

Веќе во октомври, Педро Камило Родригез и Хорхе Алберто Гонзалез Ернандез, светски признати кубански лекари, тајниот „рецепт“ на ова револуционерно откритие го претставија во Белград, на Интернационалниот конгрес на приватната лекарска пракса.

Минатата недела, амбасадорката на Куба во Србија, Мерцедес Мартинес Велдес, изјави дека на Куба оваа вакцина им е достапна на сите и дека одредени српски државјани веќе се лечат со неа. Експертите во Србија, сепак, сè уште не се запознаени со карактеристиките и ефикасноста на вакцината цимавекс.

Последната вест која стигна од Министерството за здравство е дека кубанската вакцина во Србија ќе стигне наскоро. Со оглед на тоа дека законската процедура за регистрација на лекови и нивното ставање во промет трае осум месеци, а Агенцијата за лекови и медицински средства досега немала никакво барање за нејзина регистрација, на нашиот пазар тоа секако нема да пристигне до крајот на оваа година. Сепак, нејзината регистрација во земјите на Европската унија е во тек, и кога станува збор за Србија, овде ќе дојде дури откако ќе ги помине тие земји.

Во меѓувреме, на Меѓународната биотехнолошка конференција во Хавана е претставено уште едно достигнување на кубанските експерти – вакцина против сида. Првите тестови покажале дека е успешна и научниците се подготвени наскоро да почнат строго контролирано тестирање и на луѓе.

Успесите на кубанските научници не се изненадување, со оглед на тоа дека Куба е една од петте земји (рамо до рамо со Шведска и Швајцарија) која е задолжена од страна на Светската здравствена организација за клиничко тестирање на вакцината против вирусот ХИВ, што само зборува за тоа дека СЗО смета дека Куба има и опрема и експерти кои можат да одговорат на вака сложена задача.

Во што е тајната на кубанската медицина?

Грижа за луѓето

Не постои турист кој се вратил од најголемиот остров на Карибите, а да не доживеал егзотично искуство. Земјата на љубовта, салсата, кохиба цигарите, празните продавници, улиците на кои може да се сретнат прашливи кабриолети и еден од последните бастиони на комунизмот, кај секого побудува чувство дека доживеал нешто посебно. Меѓутоа, освен задоволството поради виденото и проживеаното, поголемиот дел од туристите се радуваат на фактот што се враќаат дома каде што е далеку поздодевно отколку на Куба, но затоа социјално и економски многу подобро. Приходот по глава на жител на Куба е десет пати помал од оној во Британија. Земјата веќе со децении е под санкции, политичката слобода е еднаква на нула, а сиромаштијата се чувствува и гледа на секој чекор.

На Куба може да ѝ се приговори за многу работи, но на здравството може да ѝ позавидат и многу поразвиени земји. Според здравствените показатели – должината на животниот век, смртноста на доенчињата, бројот на лекарите во однос на бројот на жители, Куба е на самиот светски врв, а на планот на превенцијата е без конкуренција.

Основата на кубанскиот здравствен систем е амбулантата. На секои 600 жители доаѓа по една, а ниту еден Кубанец од својот лекар не е оддалечен повеќе од 20 минути. Куба има еден лекар на 170 пациенти, што е еден од најголемите просеци во светот, подобар дури и од скандинавските земји, па дури и од земјите со традиционално добро здравствено заштита како Франција и Германија, каде што на еден лекар доаѓаат по 300 пациенти. Во Србија избраниот лекар има пет илјади пациенти.

Секој кубански лекар има обврска три години да работи како лекар по општа практика во локалната амбуланта. Преку амбулантата се воспоставува нераскинлива врска меѓу лекарот и пациентот – секој лекар најмалку еднаш годишно ги посетува сите свои пациенти во нивните домови. Ги посетува кога се здрави, поради превенција, да види како живеат, дали водат сметка за хигиената, дали ја варат водата, дали се хранат правилно и прават физички вежби.

Звучи идилично, но оваа пракса не се прави од алтруизам туку затоа што му овозможува огромна заштеда на кубанскиот здравствен систем. Пациентите во болница се праќаат само во краен случај. Од сериозни болести се лечат во локалните болници, додека тешките случаи кои бараат хируршка интервенција ги праќаат во државна болница. Секоја поликлиника има 38 амбуланти, а таму се изведуваат полесни операции, физиотерапија, рентгенски снимања, ултразвук и слични интервенции.

Навистина, поголемиот дел од кубанските болници се инфраструктурно запуштени, на многу од нив може да се види дека им се лупи фасадата, а одделенијата баш и не воодушевуваат со висока хигиена, но затоа сето она што се случува во нив од медицинска страна се работи многу професионално и во согласност со најсовремените препораки од струката, во што се увериле и многу туристи кои морале да побараат медицински услуги за време на одморот.

Превенцијата, на која инсистираат речиси сите здравствени системи на светот, но главно остануваат во подрачјето на теоријата и убавите желби, на Куба е – пракса.
Стапката на смртност на доенчиња, на пример, важи за еден од најрелевантните мерки за вредноста на некој национален здравствен систем. Според податоците на СЗО, Куба е на врвот на листата по успешна вакцинација на децата до една година.

На Куба износот е 4,8 на 1000 родени бебиња, што ја става Куба на ниво на Велика Британија или Канада чии здравствени системи важат за најдобри.
Меѓутоа, Куба не е само шампион во тоа поле.

Истражувањето објавено во списанието „Lancet Oncology“ покажува дека Куба, заедно со САД, Австрија, Канада, Франција и Јапонија има најголем степен на преживеани кај ракот на дојката, простатата и дебелото црево, додека, пак, стапката на ХИВ е неверојатно ниска – 0.69 на 100.000 жители.

На крајот, тука е и уште еден статистички податок кој можеби најдобро го отсликува „кубанското чудо“ – просечниот животен век во САД е 77,4 години, а на Куба 77,3 години.

И сето тоа во систем во кој сите имаат право на бесплатно лечење и нега, без оглед на цената. Притоа, Куба за здравство годишно по глава на жител троши 400 долари, САД околу 7.500 долари, а Канада 5.500 долари. Покрај сè, Куба ја осовремени својата медицинска опрема и на тоа поле е пред многу развиени земји. Затоа не е ни чудно што многу странци заминуваат на Куба поради лечење.

Ред и закон

Објаснувањето за вака добриот резултат е начинот на насочување на здравствените фондови – тие малку пари со кои располага Куба во најголем дел ги троши на превенција и достапност на здравствените услуги. Здравствените услуги на Куба се бесплатни уште од 1959 година. Револуционерите најпрво ги мобилизираа сите учители во земјата и во краток временски рок ја подигнаа стапката на писменост во Куба на дури 96%. Потоа, под мотото дека образованието и здравствената заштита треба да бидат достапни на сите под еднакви услови – преминаа на организирање на здравствениот систем.

Секако, не одело сè така лесно. Половина од медицинскиот персонал ја напуштил земјата оставајќи ја Куба со само 3.000 лекари. Најголемиот удар го претрпел медицинскиот факултет во Хавана, каде што останале само 16 професори. Во такви услови, кубанската влада на почетокот на 1960 започна со национализација на здравствениот систем. Истата година започнала масовна вакцинација на децата, што во наредните години ќе доведе до исчезнување на детската парализа (1962), маларијата (1968) и дизентеријата (1971).

Нерамноправноста во пристапот кон здравствената заштита меѓу руралното и градското население е решена на 23 јануари 1960 година со основање на Рурална здравствена служба. Сите кубански лекари биле задолжени првата година по дипломирањето да работат во рурални подрачја, со што нееднаквоста во пристапноста на медицинската нега е сведен на минимум.

За здравствената политика на Куба и денес одлучува Комунистичката партија, а не парламентот. Здравствените работници живеат и работат во скромни материјални услови (просечната плата на раководител на одделение е околу 25 долари) и им е забранета било каква дополнителна или хонорарна работа за да го дадат максимумот на своето работно место.

Медицинска дипломатија

Школувањето за лекар на Медицинскиот факултет, се подразбира, е бесплатно и трае шест години. За медицинските сестри трае три, а за терапевтите пет години. Специјализациите траат од три до шест години. Куба успеа да го избегне проблемот со хиперпродукција на школувани кадри и невработени образовани млади лекари. Во прилог ѝ оди тоа што во целиот регион постои недостаток од здравствени работници. На Куба на 12,5 милиони жители има околу 80.000 лекари, но преку меѓународни договори во рамките на техничка или хуманитарна помош околу 20.000 работат во разни земји во Латинска Америка, Африка и Азија.

Освен младите Кубанци, бесплатно студирање медицина од пред десетина години им е овозможено и на младите од многу неразвиени земји. Октако ураганот Мич во 1999 година ја погоди Централна Америка и однесе 40.000 животи, Куба итно испрати лекари и друг медицински персонал во загрозените земји. Бидејќи стануваше збор за сиромашни земји кои и претходно немале соодветна здравствена заштита, се дојде на идеја, со цел долгорочно да им се помогне на тие земји, во Хавана да се основа медицински факултет на кој бесплатно ќе се образуваат лекари од латиноамериканските земји. Така е создаден Латиноамериканскиот медицински факултет во Хавана.

Факултетот е сместен во поранешната база за морнарска обука на 20 километри од Хавана, а на сиромашните студенти од останатите латиноамерикански земји, каде најчесто само децата на богатите можат да студираат медицина, им е овозможено бесплатно школување како и обезбедено сместување, исхрана и учебници.

Поголемиот дел од студентите на овој факултет се млади од Јужна и Централна Америка, како и од Карибите. Останатите се од Мексико, северна Африка, Азија и САД. Кога во 2004 година, администрацијата на Буш донесе забрана за патување на американските граѓани на Куба, за студентите на овој факултет е направен исклучок на барање на генералот Колин Пауел (најверојатно затоа што станува збор за сиромашни студенти- црнци).

Бидејќи доаѓаат од различни култури, со различни предзнаења, секоја нова генерација има неколку месеци за подготовки за студирање, учење на јазикот и дополнителна настава по одредени предмети. Првите две години ги учат основните предмети, а потоа се упатуваат на некој од кубанските факултети на клинички студии. По дипломирањето, имаат можност за специјализација од општа медицина, бидејќи основната намера при основањето на факултетот била да се оспособат лекари за основна здравствена заштита. Инаку, во Венецуела е во тек десетгодишна програма за образование на 40.000 идни венецуелски лекари под водство на кубански експерти.

Освен продукција и извоз на здравствени работници, Куба со години успешно практикува и своевидна медицинска дипломатија. Кубанските лекари важат за јунаци на хуманитарните катастрофи. Околу 1.200 кубански медицински работници го носеа главниот товар во згрижувањето на граѓаните на Хаити по големиот земјотрес во 2010 година. Додека медицинските екипи од повеќето земји го напуштија Хаити по два месеци, кубанските лекари останаа распоредени во 30 центри низ Хаити и лечеа 30.000 жители на Хаити од колера, што е околу 40% од пациентите погодени од таа болест.

Во овој момент, околу 25.000 кубански лекари и 10.000 останати медицински работници, работат во 77 сиромашни земји во развој. Тие ѝ припаѓаат на бригадата „Henry Reeve“, наречена според американскиот лекар кој се борел за независност на Куба и е дел од меѓународната медицинска мисија на Фидел Кастро.

Како што стојат работите, Куба, една од најзначајните произведувачи на цигари, наскоро би можела да биде и првата земја која можеби пронашла вакцина против рак на белите дробови.

Извор: vreme.com