Најмладата европска држава

18.04.2012 09:19
Најмладата европска држава

Во секој дел од денот, приштинските уметници, писатели и мечтатели се собираат во пријатното кафуле кое е полно со книги, Dit e Nat, што на албански значи „Ден и ноќ“. Меѓу нив е и Астрит Исмаили, 20-годишен концептуален уметник, кој штотуку се вратил од 6-месечниот престој во Њујорк. „Имав среќа. Добив наградно патување во Америка“, вели тој. „Поголемиот дел од луѓето на Косово никогаш не добиваат можност да отпатуваат, поради тешкотиите за добивање виза. Тажно е што талентот и амбициите на овдешните млади се многу поголеми одошто тоа го дозволува нашата реалност“, вели тој.

Исмаили во своите дела ги обработува темите на идентитетот и сексуалноста, низ призмата на општеството кое сè уште се бори со последиците од војната за косовската независност. Неговите дела се често провокативни – во еден проект Исмаили позираше речиси целосно гол на отворено – и тој е свесен дека ги поместува границите во едно претежно конзервативно опкружување. „Ако немате можност да поминете некое време надвор од Косово, оваа средина може да ве задуши.“

Задушувањето е збор кој го употребува и еден невработен дипломиран студент кој се претставува како Дрен. Отпивајќи од макијатото во преполното кафуле со поглед на познатиот жолт споменик Newborn – откриен кога Косово еднострано прогласи независност во 2008 г. – Дрен со раката покажува околу себе. „Приштина е полна со вакви места... полни со млади како мене, кои пијат кафе по цел ден“, вели огорчено. „Немаме работа, никаква перспектива и никаков излез. Ова не е земја за млади луѓе.“

Меѓутоа, Косово е земја на млади луѓе. Со своите два милиони жители, тоа ја има најмладата популација во Европа: секој втор Косовар е помлад од 25 години. Над половина од министрите во косовската влада се помлади од 40 години. Претседателката на државата, поранешната полициска командирка Атифете Јахјага, имаше само 36 години кога беше избрана лани. Од оваа земја во целиот свет помлада е само Јужен Судан.

„Не можете да најдете ниеден случај во историјата каде што, за три или четири години независност, се решени сите главни проблеми на развојот“, вели заменичката на премиерот на Косово, Едита Тахири. „На нашите млади би им порачала – дајте ни време.“

Но, некои ја обвинуваат владата, која на агенцијата Saatchi & Saatchi ѝ плати околу 5 милиони евра да ја осмисли блескавата меѓународна кампања за косовската „Млади Европејци“, дека не ги сфаќа доволно сериозно проблемите на младите. Пред две години организацијата Иницијатива за косовска стабилност, во соработка со УНИЦЕФ, објави извештај во кој невработеноста меѓу младите се проценува на 73%.

Невработеноста на Косово го уништува младите“, вели еден испитаник. Други раскажуваат за тоа дека непотизмот и клановите дополнително им го отежнуваат животот на младите и невработените. Најверојатно ситуацијата уште ќе се влошува: се предвидува дека во наредните пет години уште 200.000 млади луѓе ќе станат работоспособни.

„Иако многумина се согласуваат дека иднината на Косово е во рацете на младите, косовската младина не фигурира многу во политиката која ја одредува нивната иднина“, се наведува во извештајот. „Образованието, инклузивноста на младите и вработување остануваат клучни предизвици на косовскиот пат кон европските интеграции. Косово ќе мора повеќе да вложува во својата младина за да стане конкурентна економија.“

Една од авторките на овој извештај, Брикена Хоџа, вели дека оттогаш малку нешта се промениле. „Младите не ѝ се приоритет на владата. Ни велат дека владата првин треба да ја поправи економската состојба. Не гледаат дека тие две нешта одат заедно.“

Нејзината колешка Вјоса Рогова-Дамони се согласува со неа. „Младите Косовари можат да бидат главни придвижувачи на нашата земја. Ако владата го игнорира ова, можеме да останеме без луѓе кои придонесуваат за нашиот развој“, вели таа. „Нашето истражување покажува оти младите луѓе не сакаат да останат овде бидејќи немаат перспектива. Кога разговарате со нив, многумина се апатични, немаат мотивација и се депримирани. Не гледаат никаква иднина.“

Надомест за невработеност практично не постои на Косово. Единствена заштита претставува семејството. „Што прават младите? Живеат кај родителите и бараат начин да опстанат“, вели Рогова-Дамони. Многумина бараат засолниште во други нешта: порасна употребата на дрога и алкохол.

Вкупната стапка на невработеност изнесува околу 45%, највисока на Западниот Балкан. Минатогодишниот извештај на Развојната програма на ОН вели дека оваа млада држава се бори со лошата инфраструктура и правната несигурност – 104 од вкупно 193 членки на ОН, вклучувајќи и пет држави на ЕУ, сè уште не го признале Косово – а последица од тоа се недоволните странски вложувања. Дополнителна отежнувачка околност е корупцијата: минатата недела шефот на државната агенција за борба против корупцијата и самиот беше уапсен под сомневање дека примил мито.

Преостануваат само стагнирачката економија, која се потпира на услужниот сектор, меѓународната помош и пратките од странство, иако и тие сега се помали поради светската финансиска криза.

Дополнителна фрустрираност кај младите предизвикува фактот дека Косово е последната земја на Балканот чии граѓани не можат слободно да патуваат во земјите од ЕУ. „Географски сме во ЕУ, но сме поизолирани и од Авганистан“, вели едно момче за исклучувањето на Косово од програмата за визна либерализација.

„Една од најголемите пречки е недостатокот на мобилност, посебно за младите. Младите ги сметам за најголемо богатство на Косово. Визната либерализација би им овозможила да ги запознаат своите врсници и да разменат искуства, идеи и визии“, вели претседателката Атифете Јахјага во својата приштинска канцеларија. „Прашањето со невработеноста и генерацискиот судир не се јавува само на Косово туку и во целиот регион.“

Извештајот на косовскиот Институт за политички истражувања и развој го сместува прашањето на младите во безбедносни рамки. „Можеби најголемата долгорочна закана за Косово е недостатокот од економски развој во комбинација со наглиот пораст на населението“, се наведува во извештајот. „Невработеноста на младите и економските проблеми се закануваат да го дестабилизираат Косово, присилувајќи ги младите на криминал и сива економија, или создавајќи социјални немири. Неспособноста на државата да му ги обезбеди основните услуги на населението, како што се струја, здравство, образование и правосудство, би можела да иницира социјални немири.“

Како што минатата година напиша младиот колумнист Крешник Хоџа: „Вистина е дека Косово самото си ја потпишува смртната пресуда, запоставувајќи ги своите млади“. Еден апатрид со повеќегодишно искуство во меѓународните агенции на Косово повлекува паралела со проблемите кои ги предизвикаа минатогодишните протести низ Блискиот исток и северна Африка: „Младо население, висока невработеност меѓу младите и растечко незадоволство од постоечката состојба – истите овие фактори ги имаме и овде“.

Некои велат дека младинското националистичко движење Vetevendosje (Самоопределување) израснало од агитаторска организација во трета по големина косовска парламентарна партија благодарение на тоа што умееше да го канализира растечкото незадоволство од изолацијата и стагнацијата. Vetevendosje се противи на секој вид контакт со Србија, се буни поради патернализмот на меѓународните мисии кон Косово, вклучувајќи ги ЕУ и Еулекс, и се залага за обединување со соседна Албанија. Приштинските улици се преполни со графити од типот Eulexperiment и Jo Negociata – Vetevendosje! (Нема преговори – Самоопределување!). Овој вториов е испишан со големи букви зад споменикот на Бил Клинтон, на булеварот кој го носи неговото име како знак на благодарност за улогата која ја одигра во НАТО бомбардирањата од 1999 г.

Водачот на оваа партија, Албин Курти, зборува за ненасилен отпор против, според него, косовските корумпирани политички елити, и за улични протести кои веќе неколку пати го доведоа до пресметка со полицијата.

Косовски официјални лица, од кои некои ги опишуваат Курти и неговото движење како екстремисти, сметаат дека не постои опасност од поголеми немири. „Не постои апсолутно никаков ризик од тоа“, вели претседателката Јахјага.

Шем Алиу, 28-годишен граѓански активист, кој работи на проекти за економски равој и помирување, финансирани од ЕУ, вели дека Косово има што да понуди.

„Сакаме да влеземе во ЕУ, сакаме да учествуваме на Олимписките игри, сакаме да бидеме членка на ФИФА... Сакаме да му ја покажеме својата светла страна на светот: нашите надарени млади луѓе“, вели тој. „Поминавме долг пат како држава, иако сè уште сме далеку од она кон кое се стремиме. Но, изолацијата со која се соочуваме ги засилува нашите стремежи. Мислиме дека подобрите денови се наоѓаат пред нас.“

Извор: The Irish Times

Ако тие се Косовари, другите

Ако тие се Косовари, другите народи се што... Бугаровари? Србовари? Босновари?

Во македонскиот јазик не се образуваат зборови така.

ОкоБоли главаВицФото