Сино, розево или нешто трето

18.04.2012 10:34
Сино, розево или нешто трето

Џена Талачкова минатиот месец влезе во финалето на Мис на Универзум на Канада, но е дисквалификувана бидејќи не е родена како жена. Високата преубава русокоса изјави дека себеси се смета за жена од својата четврта година, дека почнала да применува хормонска терапија од четиринаесеттата, и дека конечно, на 19-годишна возраст го променила полот. Дисквалификацијата на Талачкова го поттикна прашањето што всушност значи да се биде „мис“.

Прашањето кое има длабинско значење го поттикна случајот на едно осумгодишно дете од Лос Ангелес кое во физичка смисла е женско, но се облекува и сака да биде третирано како машко. Мајката не успева да го запише во приватно училиште како машко. Дали е навистина неопходно сите човечки битија да бидат обележувани како „машки“ или „женски“ врз основа на својот биолошки пол?

Луѓето кои ја преминуваат границата на разликите меѓу половите трпат очигледна дискриминација. Националниот центар за трансексуална еднаквост и националната работна група за хомосексуалците минатата година објави истражување кое укажува на тоа дека стапката на невработеност меѓу трансексуалците е двојно поголема од стапката на невработеност меѓу другите луѓе. Освен тоа, 90% од вработените испитаници пријавиле дека на работа се изложени на одреден облик на малтретирање.

Трансексуалците трпат и физичко насилство и сексуални напади. Според Мониторингот за убиства на трансродови личности, минатата година во САД се убиени најмалку единаесет од нив.

Децата кои не се идентификуваат со полот кој им е одреден од раѓањето се во посебно тешка ситуација. Сè уште не постои начин девојчињата да се претворат во биолошки нормални момчиња и обратно. Дури и да постои, експертите предупредуваат дека чекорите кои се преземаат за да се промени полот во оној со кој се идентификуваат – се неповратни.

Многу деца имаат трансродово однесување или изразуваат желба да бидат спротивниот пол, но кога ќе им се овозможи прилика за промена, малкумина од нив ја поминуваат целата процедура. Употребата на хормонски блокатори за одложување на пубертетот изгледа како разумна опција бидејќи им овозможува време за размислување и на децата и на родителите.

Меѓутоа, поширокиот проблем е во тоа што луѓето не се сигурни во врска со својот полов идентитет лутаат меѓу половите или имаат и машки и женски полови органи и не се вклопуваат во стандардната дихотомија.

Австралиската влада минатата година се позанимава со тој проблем така што овозможи пасоши кои се делат во три категории – оние наменети за женските личности, оние за машките и за оние кои не се изјаснуваат за полот. Тоа им овозможува на луѓето да го изберат својот полов идентитет кој не мора да се поклопува со полот кој го добиле од раѓање. Раскинувањето со вообичаената категоризација се покажува со почитување на сите и, ако тоа стане широко прифатливо, трансродовите личности нема да мора да им го објаснуваат на бирократите несогласувањето меѓу нивниот изглед и полот кој е запишан во пасошот.

Се поставува прашањето, дали е навистина неопходно толку често да ги прашуваме луѓето на кој пол му припаѓаат. На интернет често комуницираме со луѓето, а не знаеме на кој пол му припаѓаат. Дали желбата за таква информација е остаток од времето кога жените биле исклучени од многу општествени улоги? Помалото нагласување на полот освен што може да го олесни животот на оние кои не можат да се вбројат во прецизна категорија, може и да придонесе за намалување на нееднаквоста за жените. На тој начин може да се спречат неправдите кои често им се нанесуваат на мажите кога станува збор, на пример, за породилно отсуство.

Освен тоа, секаде каде што врската меѓу истите полови е законска пречка кон остварувањето на бракови меѓу хомосексуалците би престанала да биде пречка кога државата не би барала од сопружниците да се изјаснат во врска со половата припадност. Истото може да се примени и во процесот на посвојување деца. (Имено, има докази дека детето на кое две лезбејки му се родители, има подобра основа за живот од детето чии родители се во некоја друга комбинација на половите.)

Некои родители веќе се спротивставуваат на традиционалното прашање „имате девојче или машко“ и не го откриваат полот на своето дете по раѓањето. Една двојка од Шведска објасни дека не сака нивното дете да биде на сила вклопено во „одреден калап на половите“ и рече дека е сурово „да се воведува дете во светот со розева или сина ознака на челото“. Еден пар од Канада се прашува зошто „цел свет мора да знае што имаат бебињата меѓу нозе“.

Џејн МекКрид, авторка на книгата „Одгледување на девојчиња и момчиња: Во науката за половите“, вели дека овие парови одат предалеку. Таа има право бидејќи во сегашните околности сокривањето на полот на детето само ќе привлече дополнително внимание на неговата полова припадност. Но, кога тоа однесување би станало норма, дали во тоа ќе има нешто погрешно?

Агата Саган е научен истражувач. Питер Сингер е професор по биоетика на Универзитетот Принстон.

Извор: project-syndicate.org

Илустрација: Џери Мосмак

ОкоБоли главаВицФото