Еднодимензионални народи

18.04.2012 11:51
Еднодимензионални народи

Народ што не знае на сопствената волја да ѝ стави цивилизациска граница (да изнајде ФОРМА), кој не знае да се самосовлада во законот и правната норма, кој како единствена вредност го зема и истакнува сопственото постоење, доброволно се определува за робување самиот на себе (а тоа се најлоши ропства) и, на крајот, паѓа во опасност од билошко исчезнување. Бидејќи, во техничкиот свет на либерализмот, што е услов на историското а не фатумското живеење на светот во последниве два века, избирајќи ја својата биологија без рационализација како единствено животно начело, фалениот и галениот натурален и фолклорен живот, го промашува самиот живот. Останува под нивото на својата кибернетичка епоха.

Но, и самиот биолошки закон е усложнување. И како што молекуларните маси растат до една критичка вредност над која се преминува кон живот, како што од светот на минералите се издвојува вегететативниот свет, а растителниот живот во макрокосмосот, коренски врзан за космичкиот циклус, преминува во постепено раскоренување, во животно што лута, во самата внатрешна авантура на човечкиот микрокосмос, така и нашите историски мисла и пракса денес мораат да најдат посложен мерен инструмент од месарската вага на простите биологизми или макрокосмичките фиксации за избрани народи кои извираат директно од „нескротениот ѕвер” на биологизмот.

Историскиот живот не е појава дефинирана со биологијата. Тоа е динамичен процес со којшто ние се ускладуваме креирајќи го, практично во сите негови етапи, и визионерски во можните насоки на нашите пракси. Останувањето при верата во Судбина („Ни останаа Господ, Правдата и Вистината”, вели поетот) може да биде заостанување, но и потполно исчезнување во нешто што не визија туку Привид на историјата. Од плеоценот до човечкото доба на авијацијата (за коешто зборува реалниот мистик Д.П. Успенски) животот не може да се дефинира на ист начин. Историјата и судбината не се ниту на кој било начин можат да бидат догми, статични дефиниции на која и да било - религиозна, филозофска, научна - согледба. Самата согледба има динамичен карактер, а религијата, филозофијата и науката се форми на историското покажување на судбината. Ние сме на нивото на историјата и сопствената судбина дури тогаш кога (АКО) ќе ја изградиме и ќе ја одржуваме во динамичност согледбата. Она што некогаш било природно денес во најдобар случај е „природно”, или поедноставно речено, неприродно. Кој ќе го напушти историскиот процес, штитејќи ја својата „загрозена” судбина, ни покажува дека тој самиот историскиот процес не го разбира како своја судбина, и дека таа негова „судбина” е фикција а „историјата” една марионетска пракса, затворен круг на таа фикција.

Живееме во свет на иревирзибилна спроводливост, „пролиферации и реакции во низа”, како што вели Жан Бодријар. Од теоријата на употреба преминато е кон теоријата на еквиваленција, па кон структуралните вредности на кодот/знакот, и најпосле денес сме стигнати до фракталните вредности („епидемично зрачење без референци”), што јасно зборува дека теоријата на вредностa динамички се модифицирала.

Дали синхронизирањето на сите овие елементи на поимање и пракса на вредностите и вреднувањата е можно и потребно, за тоа мора општествено да се расправа. А таквата општествена состојба е состојба на светот во којашто историјата не се дефинира во загрозената линеарност на чувствата на некакви си „историски цели” (финалност еднаш засекогаш формулирана, што ќе каже дека преминала од другата страна на финалноста на практичниот разум, во еден екстрем на вирулентно, логички недофатливо постоење), туку дијалошки, аналитички, се испрашува и раствора во самиот човечки живот. Тоа е историскиот процес на либералната демократија во којшто класата се дислоцира самата себе и не го решава проблемот во рамките на една чувствена одбранбена реакција, туку го прави непроблематичен во динамиката на својот развој - НАДМИНУВАЊЕ.

Народите неподложени на рационалното - овде синоним за динамичен развој (а тоа секој мора себе да си го наметне, бидејќи таквото „наметнување” е внатрешен, иманентен природен процес на човечката историска состојба), тие народи со своето постојано НЕ на светот, народи на Антистав, народи испечени во реактивните „филозофии” на инаетот и тврдоглавоста, пизмата и измамата ќе останат history (историјата како минато, она одминато и надминато - во коешто се заглибило нивното „решавање”, нивното „постоење” во бивши судири). Тоа се народи на „антиквитетот”, како што ги нарекува Ортега и Гасет, неспособни да се издигнат до СЛОБОДАТА НА МИСЛЕЊЕ ЗА СВОЕТО МИНАТО, робувајќи им на националните клишеа, кобно склони својот живот да му го потчинат на апсолутниот авторитет и на неговата „гаранција” за една апсолутна „извесност” на животот (во верата, во нацијата, во волјата на еден водач како израз на самоволие на сопствената неслободна биологија). Тие народи не знаат за слободен дијалошки живот, живот со својот противник. Тоа се еднодимензионални народи, Срби и Хрвати.

Навистина, што се случува кога народот себеси не си остава можност на избор, кога не негува барем две свои карактерни страни, и не ги востановува како токму своја општествена состојба? Што се случува кога целиот народ станува една Партија? Кога колективното право на народот го заменува и задушува индивидуалното и граѓанското право? Се случува тоа народот да нема друг излез освен самиот себе. Поистоветен со Едното, како политичка пракса и државен амблем на таа своја состојба, со поразот на тоа Едно губи целиот народ - БИДЕЈЌИ НЕ ДОЗВОЛИЛ ПОЛИТИЧКО КОНСТИТУИРАЊЕ НА СВОИТЕ ОПШТЕСТВЕНИ ПРОТИВРЕЧНОСТИ. Самите противречности како нормална состојба на општествениот организам се задушени со „јаката држава” и со опојната (и отровна) амблематика на националниот химеричен копнеж. Тој Еден, кој ја мести оваа стапица, знае дека народот не знае и не сака да знае дека „поразот на народот” всушност е само пораз на оној Еден. А народот, исто така, би можел на тој Еден да му постави стапица откривајќи го во себе напонот на Другиот, Третиот, Четвртиот, итн. Тогаш оној Еден би можел да биде поразен од Другиот внатре во општествените, а не меѓудржавни борби, и филозофијата на победата и поразот би била релативизирана.

Слободно може да се каже дека либералната демократија е рамна на судбината на човечкиот историски живот токму од оној момент кога таа идеја некому му паднала на ум. Таа може да биде надмината само со уште поголема слобода и со спонтано организирани (не е оксиморон) согледби - а никако не со верски и национални фундаментализми коишто се, како што вели Ортега и Гасет, едно шупливо НЕ кон либералниот свет, она ВЕЌЕ ВИДЕНО...

***

Либерализмот што го „проповедам” не е доктрина на една политичка партија туку одредена клима на мислење, идеја на трпеливост која го наследува античкиот збор Homo homini res sacra. Неговата динамичка општествена суштина во една епохална смисла ја изрази Гете на почетокот на Faust II: „Со непрекинато настојување да се тежнее кон највисоката форма на постоење”. Ова непрекинато настојување за повисоки форми на постоење ги очекува Јужните Словени како нужност и слобода на нивната карактерна преобразба.

16.11. 1991

Слободан Благоевиќ е роден 1951 г. во Сараево, но последниве речиси 20 години главно живее во Амстердам. Има објавено дваесетина книги песни, неколку прозни книги и неколку книги есеи. Од 1987 до 1992 година беше главен уредник на белградското (Нолитово) списание Дело, кое во тој период (особено со петте дебели броја посветени на Постмодернизмот) стана култно четиво за поеманципираната публика во веќе распаѓачката СФРЈ. Во тоа време (крајот на осумдесеттите и почеток на деведесеттите) Благоевиќ беше еден од најлуцидните и најжестоки опоненти на тогаш доминантниот националистички дискурс, но неговите тогашни есеи и денес поседуваат сила, релевантност и ум, за некои нови следни генерации на овие тажни јужнословенски простори „заглавени” во биологистичкото аисториско начело да не ги повторуваат безбројните грешки на нашите конзервативни и патријархални „херои и татковци”. А дека историјата на јужнословенските простори не се состои само во крвопролевање туку има и свои снажни духовни генератори (сепак преслаби во досегашните одмерувања со антирационалистичките принципи на „крвта и тлото”) еден од доказите е токму и Слободан Благоевиќ, еден од најмоќните интелектуалци на Балканот воопшто, и узор дека ни се потребни поинакви модели за херојство, имено „херои на внатрешните простори”.

Слики: Kaye Blegvad

Извор: Маргина 36, 1997

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија
Општество / Европа / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Теорија / Историја
Општество / Теорија
Општество / Теорија

ОкоБоли главаВицФото