Балканска економска депресија

18.04.2012 12:27
Балканска економска депресија

Новото големо преуредување на развојните изгледи на глобалната почва е во полн замав; наспроти презадолжените земји на Европската унија и хронично депримираниот Балкан, подсахарска Африка и Авганистан, поголемиот дел од остатокот на светот сè уште остварува тигрести, високи стапки на раст на бруто националниот производ. Во лидерски замав е и Кина, која минатата година својот БДП го зголеми дури за 8.9 проценти, иако во рамките на петтото тромесечие има забавување на досегашниот годишен плус 10%, пишува риечкиот Novi list во анализата на светската економија со посебен осврт на Балканот.

Наспроти „остатокот на светот“, наведува Novi List, кој освојува моќни позиции во глобализираниот бизнис и особено на пазарот на труд, технолошкиот и воено лидерски Запад запаѓа во сè поочигледна декаденција, за која како да нема вистински лекар. Масивните државни и финаниски интервенции, со кои Америка и Европска унија во последните три и пол години ги спасуваа своите големи, банкротирани банки и најзначајни компании, како и државните финансии, остварија половичен ефект; финансиската криза е стопирана, но нов моќен развој, сè уште не е на видик.

Големото ново економско преуредување на економските карти веќе се случи во самата Унија, нецели десет години од нејзиниот полн старт; Германија ја зајакна својата лидерска, развојна и изворна сила, но прерасна и во главен финансиер на проблематичните финансии во Грција, Португалија, Шпанија и на целиот економско-финаниски пазар. Во кругот на стара Европа, наспроти сè посилната Германија, сите останати конкуренти се во видлив, долгорочен пад (според уделот во националниот БДП во Унијата, годишното производство и извозот) – и Велика Британија, и Франција, и Австрија, а особено Италија. Тивок профитер и од оваа криза е само Швајцарија, која формално не е членка на Унијата, ниту еврозонота“, истакнува во текстот овој риечки весник.

„Во таа глобaлна и европска рамка во 2012 најмрачната состојба е на Балканот, во кој е подеднакво тешко и неизвесно отплетувањето на веќе хроничната економска и социјална криза и во земјите кои се членки на Европската унија и во оние кои не се“, пишува Novi list со посебен осврт на резулатите на дводеценискиот пад во поголем дел од земјите на поранешна Југославија:

Хронична, економска депресија особено го закочи речиси целиот денешен потенцијал на поранешна СФРЈ, па збирниот БДП на нејзините шест-седум наследнички минатата година беше еднаков на оној од минатата 1989 (кога се сруши Берлинскиот ѕид и се зачна една нова проширена конструкција на голема Европа). Ниеден економски простор во Европа наназад не доживеал таква депресија и стагнација, како поранешната, иако и тогаш кризна СФРЈ, која во 1989 беше прв, најзрел кандидат за влез во Европската заедница, за по 23 години во уништен состав да биде како времето да застанало.

Дури и за време на најновата светска и европска економска криза никаде во Европа ниеден простор не останал, не само во хронична депресија, туку (регистрирајќи ги и двата пакети со помош на ММФ) повеќе или помалку сам со себе, како што остана тој Западен Балкан, без големи меѓународни позајмици или простување на долгови (како што е направено во случајот со Грција, Португалија, Ирска...).

За разлика од времињата на социјалистичка Југославија, во која и до 15 проценти од бруто-производот од развиените републики (како Словенија, Хрватска и Србија со Војводина) насилно или солидарно се прелеваше во помалку развиените републики (како што беа БиХ, Црна Гора и Македонија, како и во покраината Косово), во демократската и проевропска клима по распадот на Југославија од сите страни се чинеше дека економските разлики помеѓу наследничките на СФРЈ се зголемуваат, во корист на освојувачкиот западен и источен капитал. Бидејќи, факт е дека политиката на големите сили од стара Европа (Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Русија, и Турција), низ стратејата divide et impera (раздели, па владеј), од распаднатата СФРЈ се направи мрежа за лесно освојување, со тоа што последиците на таа сурова игра на краток рок беа различни, а на долг речиси исти.

Во краток рок, имено, развиените поранешни СФРЈ републики, Хрватска и Словенија, ги зголемија разликите во развиеност кон останатите постјугословенски држави (но и Словенија кон Хрватска), иако самите очигледно заостануваа зад своите можности, кои им се отвораа во случај СФРЈ прва од истокот да влезе во тогашната ЕЗ.

Но, на долг рок, кој денес очигледно во видокруг од дваесет години наназад, речиси сите наследнички на СФРЈ се во загуба: привремен исклучок од таа дијагноза е само малата Словенија, која како најразвиена и геополитички најмалку значајна земја е прва вшмукана во ЕУ и НАТО, за – кога големата игра постепено ќе се стиши – да слизне во економска и социјална криза за која сè уште нема валидно решение. Словенија влезе, не само во НАТО, туку и во ЕУ, но денеска е во нерешлива рецесија, која се сведува на злобниот притисок за завршна распродажба на преостанатите најквалитетни национални извори и потенцијали на странските компании и банки.

Транзициска класика

Хрватскиот случај спаѓа во класиката на транзиција; за наводно да го забрза патот до ЕУ, Хрватска на големите западни компании и банки им го предаде, со голем попуст, поголемиот дел од банкарскиот, телекомуникацискиот, пазарниот, медиумскиот и услужниот потенцијал, за од есента 2008 да се соочи со речиси нерешлива економска и транзициска криза. Бидејќи, на што да се надева земја која на странците им ги предаде поголемиот дел од најквалитетните потенцијали, запуштувајќи го сопственото производство и извоз?

Босанско–херцеговинскиот случај е сиот во знак на големата игра на големите сили, кои преку локалните, балканските, главно српско-хрватски оперативи, ја спроведоа политиката на поделена Босна, не занимавајќи се ни 15 години по Дејтонскиот мировен договор за неговите последици, дострели или промашувања. Бидејќи, доколку некој од кругот на големи сили сака денес од растроената БИХ да создаде одржлива, солидна економија и држава, тој најпрвин би ги укинал ентитетите и би ги воспоставил сите државни установи, какви што постојат во сите останати одржливи држави.

Србија, скратена за демографското и политичко изгубено Косово, поразена по сите агресии на Милошевиќ и бомбардирања од страна на НАТО, повторно како да станува средиште и тежиште на Балканот – сообраќајно, економско, безбедносно и комуникациско – иако, во околностите на економската криза, сега за тоа нема голема сила, а ни широкогради надворешни финансиери. Лажен исклучок од тој ист филм е малата Црна Гора која во сите калкулации на големите сили и глобални инвеститори се решава како случај на некои предградие, па возможно е подеднакво да ја препороди и рускиот и американскиот капитал, а и самата да потоне уште подлабоко на неизвесен рок.

Косово, Македонија и Албанија останаа дел од раштиманата и отворена приказна за сè поизвесната промена на границите на тој простор, поради што се осудени на уште десет години тешка економска и социјална криза, зачинети со големи иселувања.

Во тој контекст, општобалканскиот пат на второто депресивно дно ќе потрае уште неизвесен број години, додека во засебниот хрватски случај одлучувачка ќе биде 2012, во која од Владините реформски потези зависи хрватскиот излез од депресијата и хрватскиот влез во ЕУ, предвиден за почетокот на пролета 2013.

Извор: e-novine

Илустрации: Питер Равн

ОкоБоли главаВицФото