1021 hPa
57 %

24 °C
Скопје - Сре, 18.06.2025 06:59
„Гневна, а немоќна. Дупло гневна тогаш. Сосе болка, гушење, труење, солзи... Што би рекла Магда, во ’Вејка на ветрот’: ’Ќе ми пукне главата’. Ми се гади... и вреска. Ми се превртува во утробата. И се плашам, се грижам... за луѓето, слободата, животот... Ми проаѓаат слики низ глава.. и не ми е убаво. Со целото мое битие кажувам дека сум тажна... и не ми е пролет на душава...“ – постирано на социјалните интернет мрежи на 14.04.2012
Постојат разни видови страв. Страв да не се разболиш, да не се повредиш, да не останеш сам, да не се посрамотиш. Има и страв за другиот, да не настрада, да не си замине. Има страв од загуба, на драго лице, на она што се стекнало со тешка мака да не пропадне, или да не се остане без работа. Има стравови од сè и сешто, од бубачки, пајаци, отворен простор, од луѓе и јавен настап, оправдани и „неоправдани“. Има корисни, стравови што чуваат, но и такви кои ограничуваат, опсесивни и штетни стравови, што ја загубиле својата самозаштитна функција. Но, стравот има и едно друго, кумулативно својство – ако не го победиме и не успееме да се растрашиме на време, тој се надоврзува и надградува, а чувството се шири и пренесува на сè што гледаме и доживуваме. Продолжува да „работи“ и кога веќе ја постигнал целта. Човек почнува да гледа закани и скриени намери во сè што го опкружува, и никој веќе не мора да го плаши.
Кога стравот ќе загосподари, моќен и распојасан, наспрам човекот сè поситен, послаб и поограничен, тој ја бои не само неговата стварност, туку и неговите очекувања од иднината, неговите проекции во другите, неговите соништа и визии. Се пренесува како зараза и може да парализира витални функции, не само кај човекот, туку и во целата заедница. Толку е големо неговото разорно дејство.
Единственото нешто што му останува на човека тогаш, за како-така да преживее, е исто толку погубната улога на „жртва“, која нема да ја промени неговата позиција туку само на долги патеки ќе го одложи неговото пропаѓање. Зошто, чувството на жртва никогаш нема да го ослободи од канџите на стравот, и нема да ја раскине врската со носителот на стравот, напротив ќе ја зацврсне зависноста од него, за тој уште полесно да ја преземе улогата на негов вечен „спасител“.
Затоа стравот мора да се разреши што побргу, мора да се ограничи јасно и одлучно. Мора да се каже, за да нема никакви дилеми, дека застрашувањето ѝ служи на единствената цел да се потчини и понизи другиот, и така да се натера на послушност.
Затоа стравот е толку голема пречка за развојот. Затоа е тој најштетниот и најпогубниот инструмент за раководење со заедницата, и за процесите на учење и воспитување на младите. Застрашувањето треба да се контролира со закон, исто како и насилството. Тоа и „де факто“ е насилство, и тоа од најманипулативен вид. Манипулацијата со закани и заплашување не е само кршење на човековите права, тоа е и неповратна „кастрација“ на човековите потенцијали за развој, оние кои не му припаѓаат само нему, туку се неопходни за напредокот и опстанокот на целата заедница на која тој, уплашен или смел и одважен, ѝ припаѓа.
Што тогаш му се случува на обичниот човек-домаќин на сопствениот живот, кога самоволието, заканите, казните и селективната и поткуплива правда стануваат главните инструменти на раководењето со неговата заедница? Што прави тој кога живее во реалност со само една, наметната вистина, која не смее да се доведе во прашање, или кога некој го краде и пустоши тоа што тој го создава, а него никој не го прашува, зошто е никој и ништо, без правото на постојана работа, и без доволно средства за живот? НИШТО. Тој прави ништо, освен што во големи порции го консумира чудовишниот производ од сопствени искуства, стуткани во нејасното, тескобно, горчливо и болно чувство на немоќ. Чувство, за кое веќе не може да се утврди од каде доаѓа, колку ќе го држи, и што ќе му донесе утре! Како хронична болка која треба да научи да ја поднесува, но која постојано го оневозможува: "Гневна, а немоќна. Дупло гневна тогаш. Сосе болка, гушење, труење, солзи... Што би рекла Магда, во ’Вејка на ветрот’: ’Ќе ми пукне главата’. Ми се гади... и вреска. Ми се превртува во утробата. И се плашам, се грижам... за луѓето, слободата, животот... Ми проаѓаат слики низ глава.. и не ми е убаво. Со целото мое битие кажувам дека сум тажна... и не ми е пролет на душава...", е обидот да се опише токму таквото чувство, во постот на социјалните мрежи, деновиве... Тоа не е веќе истиот оној страв на кој сме навикнале, кога знаеме од што се плашиме и како да се чуваме.
Токму во таков, трансформирано чудовишен страв живееме сите, деновиве, по петкратното нарачано убиство на младите, недолжни членови на нашата заплашена заедница. Стравот, кој би бил сосема разбирлив по таков безумен акт кога нема брза разрешница, а сторитетелите се во бегство, овојпат ни бега од контрола. Повиците за смиреност, општата мобилизација и бројните оперативни дејности на надлежните, веќе не се доволни, и не помагаат. Затоа што, тука се работи за КОНТЕКСТ-от кој се занемарува и бега од дискурсот на настанот. Се работи за контекстот од цела серија претходни насилства, кои немаа добра, праведна, а некои ни каква било разрешница; и за долготрајната толеранција на насилства од секаков вид, со вината секогаш во другиот. Се работи за неутврдените одговорности во низа случаи во минатото, без ниту една оставка, на повисоко ниво, и за погубноста на игнорантските политики. Се работи за фингирани судења, за лаги и манипулации, за искривувања на реалноста, на нашата животна стварност, не само историска. Се работи за еден куп НЕПРАВДИ. За општата атмосфера на сеење страв и нетрпеливост, во која меѓуетничката нишка се повеќе се тенчеше, и тешко дека овојпат ќе може да го додржи притисокот.
Се работи за цел след на настани и искуства кои доведоа до тоа, за првпат по воениот конфликт да имаме „нарачано убиство со намера“, а намерата е да се предизвика страв и несигурност меѓу луѓето. Намера е да дестабилизира, да измести, трајно и погубно по сите граѓани на Македонија, независно од нивната етничка припадност.
Што точно значи тоа за нас и што ќе биде следното, уште никој не сака, или се плаши да каже. За тоа се работи, а не за извршителите кои се гонат за да бидат изведени пред судот на правдата.
Се работи и за тоа што сега истиот тој страв, со кој така наивно и невнимателно си играа главните играчи на теренот, довчерашните сејачи на стравот, почнува да ги зафаќа и нив. Паника владее во редовите на оние кои се закануваа и ширеа атмосфера на притисоци, во која сите неистомисленици беа непријатели, јавно обележувани и прогонувани. Истите тие сега повикуваат на смиреност и разум, кога контролата е веќе изгубена.
Можат ли главните генератори на атмосферата на нетолеранција и насилство да помогнат во стабилизација на ситуацијата, и во смирување на луѓето? Можат ли тие да им обезбедат мир и спокојство на своите граѓани, во вакви околности? Можат ли да станат вистински спасители на сопствениот, веќе жртвуван народ? Или е сето тоа предоцна, дури и кога би се случило ЧУДОТО и тие целосно би се трансформирале во својата спротивност. Јас не верувам во чуда. А вие?
Извор: globusmagazin.com.mk
Слики: Стефан Бале