Кој тоа ме гледа

19.04.2012 15:18
Кој тоа ме гледа

На едни британски чистачки им се смачило секое утро да ги чистат одвратните траги кои во тоалетот ги оставале неодговорните вработени во истата компанија. Кога ги распрашувале вработените, онака одоколу, дали знаат кој би можел да биде тој што оставал неред зад себе, сите велеле дека меѓу нив не постојат толку грозни личности. Во немоќ, тие му се пожалиле на шефот кој, пак, се обратил кај својот познајник, психолог по професија. Стручњакот по човечко однесување веднаш се вдал во истражување на најновата лектира од неговата област. И, еве што открил:

Група британски психолози од Универзитетот Њукасл во списанието Biology Letters објавила интересно истражување. Своите опити ги вршеле во едно лондонско претпријатие, во кое постоела заедничка кујна за сите вработени. Меѓу вработените постоел договор дека секој што ќе се послужи со кафе, чај, сок и слично, или ќе земе нешто за јадење од ладилникот, ќе стави во малата касичка онолку пари колку што на видно истакнатата табла пишува дека чини истиот производ.

Меѓутоа, не било сосем така. Често се случувало вработените, користејќи го мигот кога никој не ги гледа, да „заборават“ да платат или да стават помалку пари во касичката. Психолозите се досетиле и на ѕидот закачиле голем постер со две човечки очи, насочени така што секој кој ќе се затекне во просторијата да има впечаток дека некој гледа во него.

Потегот бил поуспешен одошто се надевале. Од мигот кога го закачиле постерот, однесувањето на вработените видно се променило. Пред сè, во касичката имало и повеќе пари одошто требало, се трошеле помалку сок, кафе или млеко, а производите во ладилникот останувале подолго отколку порано.

Психолозите дошле до залучок дека луѓето навистина поинаку се однесуваат кога се сами, а поинаку кога мислат дека некој ги гледа. Иако станувало збор за фотографија од очите на непозната личност, на вработените им било доволно што имале чувство дека некој ги гледа. А тогаш обично на човек му е срам да не плати за нешто или да изеде повеќе одошто му е потребно.

Иако биле свесни дека тоа е само постер и дека во просторијата немало скриени камери, вработените во претпријатието се однесувале како да имало камери. Луѓето очигледно воделе сметка за тоа што ќе кажат другите за нив и каков впечаток ќе остават на околината. Кога во истото претпријатие, во заедничката кујна, постерот со очи научниците го замениле со огромна фотографија со пејзаж, вработените повторно им се вратиле на старите и лоши навики. Повторно „заборавале“ да остават пари во касичката, бесрамно ги трошеле млекото и сокот, а и ладилникот побрзо се празнел.

Значи, психологот на шефот од компанијата во која чистачките не знаеле што да прават му предложил да постават огромен постер со очи во тоалетот. За само неколку дена исчезнале трагите од безобразното користење на нужникот. И не само тоа. Никој повеќе беспотребно не ја трошел тоалетната хартија, а и мијалниците останувале почисти на крајот од работното време.

И сето тоа само поради двете очи.

Извор: Политикин забавник

ОкоБоли главаВицФото