Нема капење во Вардар ниту летово

19.04.2012 16:02
Нема капење во Вардар ниту летово

Ниту летово скопјани нема да се капат во реката Вардар. Водата во оваа река и понатаму е загадена, а нема ништо од најавите на Градот дека ќе постават колектор за прочистување на отпадните води кои се влеваат во неа.

Со тоа паѓаат во вода најавите на градоначалникот Коце Трајановски дека ќе го врати некогашниот сјај на Вардар, и граѓаните повторно ќе можат да се разладуваат во реката што минува низ нивниот град.

„Во рекреативната зона околу центарот на градот и годинава нема да биде дозволено капење, затоа што нема услови за обезбедување исправна вода“, кусо велат во соопштението од Град Скопје, но не објаснуваат зошто не се остварени најавите на градоначалникот Трајановски за ревитализација на реката.

Град Скопје веќе три години се обидува да ја ревитализира реката Вардар во делот што минува низ Скопје, но безуспешно. Најпрвин градоначалникот Трајановски изгради плажи кои беа многу ретко посетени, потоа изгради и водоскоци кои ги прскаат минувачите по Камениот мост со загадената вода, а деновиве најавува и порибување на Вардар со делфини со цел, како што вели Трајановски, „да се врати некогашниот сјај на главната македонска река“. Но, засега пари за купување делфини нема, а од Град Скопје не објаснуваат колку биле успешни плажите во привлекувањето туристи од целиот свет.

Реката Вардар веќе 40 години е забранета за капење поради загаденоста на водата. Но, и покрај забраната и предупредувањата дека водата не е бактериолошки чиста, со години наназад дел од жителите од разни делови на градот во летните денови ја користат за разладување или риболов.