Злосторството кај Смилковци и стаписаниот ум

20.04.2012 08:32
Злосторството кај Смилковци и стаписаниот ум

По злосторството кај Смилковско Езеро, кога Македонија беше потресена од петкратното убиство, умот беше стаписан. Умот тешко се справува со вакво безоумие. Првата препорака за растревожениот ум беше да се примени некаков редукционизам.

Кога ни треба најмногу ум, ние понекогаш сметаме дека треба да го скротиме. И тоа се прави врз начелото на умот или во името на умот. Тој редукционизам што го споменав претходно, сега треба да остави простор на мирот.

Мирот кој е поткопан и кој е нарушен, станува највисоката вредност. Но, мирот не се брани само со дефанзивни средства. Мирот се брани со умни средства.

Затоа, да не се залажуваме, овој почетен редукционизам има свој рок на траење. Постојат граници до каде некои теми можат да се потиснуваат и да се контролираат. Ние многу брзо ќе се соочиме со потребата да побараме одговори на сите тешки прашања. Ние, како држава, ќе мора да се соочиме со некои нови предизвици кои, сега, не е упатно да се кажуваат, но од кои не може да се избега.

Исто така, ние со право очекуваме дека по ова злосторство Македонија ќе тргне во потрага по загубениот ум и по загубеното спокојство. Овие очекувања се големи, за многумина, дури сосема нереални, но ова е вистинскиот момент одново да се кажат.

Редукционизмот што го налага умот упатува и на тоа дека ниту сегашниот момент, а ниту времето по него, не е погодно за евтини политизации и за опасни политички игри какви што се изнагледавме во претходниот период.

Ова не е време за рушење на Владата. Ама, исто така, ова не е период кога Владата ќе размислува како ќе се спасува себеси или како ќе ги пегла лошите перцепии во јавноста.

За жал, во деновите кои треба да навестат пресврт, кога сите очекуваат одговорност и умност, ние, уште на стартот, се соочуваме со истите погрешни пристапи и политики. Недозволиво е, непримерно е и е несфатливо, претседателот на Владата, т.е. најодговорниот човек во државава, да му требаат три дена за да се огласи по едно вакво злосторство.

Зошто премиерот купуваше време? Зошто не се јави веднаш? Чекаше некоја порелевантна информација или, пак, мислеше дека истрагата ќе му понуди некој важен доказ? Ништо од тоа.

Премиерот мораше промптно да изреагира за да изрази пиетет спрема жртвите на ова злосторство, да ја искаже болката поради трагичноста на еден ваков настан. Неговото појавување ќе значеше дека Владата има однос кон драматичноста на случувањата, кон тежината на моментот. Брзата реакција на премиерот ќе беше во функција на смирување на духовите кај оние кои се подготвени да тргнат во лов на вештерки, кои сакаат да прогласуваат виновници без докази. Конечно, премиерот требаше да ѝ соопшти на нацијата што е нападнато и што треба да се брани.

За жал, премиерот не постапи како што треба. Она што го пропушти премиерот, го направи некој друг.

Има многу симболика и изгледа многу охрабрувачки кога гласот на разумот доаѓа од една млада личност – Магдалена Симоновска. Млада, паметна и храбра личност.

Нејзината поента по злосторството и по појавата на „тастатурата револуционери“ кои повикуваат на насилство, беше следната: „И да се Македонци, и да се Албанци, и да се Банту црнци, ако убиле некого – тие се ѕверови и криминалци. Точка. Случајот мора да се гледа како чин на криминал, сè додека не се докаже спротивното. Секое останато индивидуално, политичко или партиско толкување, кое наведува на насилство, ќе ни нанесе само зло и рушење на кулата од карти што досега ја градевме“.

Расветлувањето на злосторството станува апсолутен приоритет за полицијата, но и за државата во целина. Но, можеби тоа нема да оди толку лесно како што сите посакуваат. Таа неповолност, за жал, мора да се претпостави. Без да се знаат извршителите и мотивите на ова злосторство, ќе биде тешко да се донесат соодветни заклучоци, но и да се склопи мозаикот што сега ни изгледа празен.

Во периодот што е пред нас се можни две сценарија: едното е песимистично, а второто, би рекол, не е докрај оптимистично, но влева некоја надеж.

Во отсутство на цврсти докази, ќе биде многу лошо ако злосторството добие третман на изолиран случај, на некој вид „необјасниво лудило“, при што ќе се искажува само бесот и згрозувањето од ваквиот криминален чин. Истовремено, ме плаши дека во периодот кога уште нема да биде ништо извесно и докажливо во врска со петкратното убиство, Владата ќе продолжи со старите практики во кои најважно место заземаше прашањето за креирањето на перцепциите и за модулирањето на расположението на јавноста.

Убеден сум дека по вакво злосторство, пи-ар политиките на власта нема да вредат ниту пет пари. Или, во најмала рака, нивната вредност ќе биде сериозно девалвирана. Дали рејтингот на премиерот и на Владата ќе се намалат, дали Јанкуловска ќе поднесе оставка итн., во моментов се ирелевентни прашања. Сега е важно државата да работи со полн капацитет, наместо власта да ни создава сензации за својата работливост и посветеност.

Сите политички субјекти, но и целокупната македонска јавност, мораат да го респектираат фактот дека меѓуетничките односи доживеа влошување од почетокот на годинава. Протестот на групата средношколци и тинејџери пред Владата во понеделникот попладне, на кои се извикувале навредливи антиалбански пароли, е само предупредување дека меѓуетничките тензии можат одново да ескалираат.

Ситуацијата е многу сложена – од една страна, државните органи и сите релевантни политички субјекти ќе повикуваат на разум и на одговорност, полицијата во голем формат ќе биде на невралгичните точки околу Радишани, партиски активисти ќе ги смируваат страстите на теренот, а од друга страна, ќе се случуваат „спонтани“ манифестации за да се изразуваат колективни стереотипии и фрустрации. Но, прашање е до кога може вака да се контролира состојбата на теренот.

Кризата низ која поминува Македонија не е од вчера и, што е многу битно, таа не се решава со полициски средства и со засилена пропаганда. На Македонија ѝ треба политичка платформа која ќе биде негација на постојните политики.

Тоа е мојот одговор и на претпоставеното, т.н. оптимистично сценарио – нашата единствена шанса е ако му се предадеме на умот. Или, ако победи умот.

Извор: globusmagazin.com.mk

Илустрации: Стефан ван Бисен

Makedonija e gnezdo na vakvi

Makedonija e gnezdo na vakvi negativci kako 'avtorov' na statijata...aman zemete da gi izvezuvate ke bidete najbogata zemja
Grozni sustestva...pa vo sekoja zemja treba vreme za istraga, samo kaj nas se iskoristuva se' i sesto da se dobijat politicki poeni. Tolku mi e drago sto odamna ja zbrisav od tamo -samo da ne ve gledam i slusam, vaka od daleku e pomalku bolno bidejki ne si vo bagrata, samo posmatrac si a toa i ne e tolku loso...

ОкоБоли главаВицФото